Прејди на содржината

Гери Ларсон

Од Википедија — слободната енциклопедија

Гери Ларсон (англиски: Gary Larson) (14 август 1950, Такома, Вашингтон, САД) е американски цртач на стрипови и карикатури.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Гери Ларсон уште како мал покажувал дарба за цртање, но никогаш не посетувал уметничко училиште. Во средното училиште, сосема го запоставил цртањето и се посветил на музиката, која останала негова втора љубов. Во 1978 година, тој дипломирал на државниот универзитет на Вашингтон, на одделот за комуникации. По дипломирањето, со еден свој другар, Ларсон формирал џез-дуо и три години живеел како музичар, свирејќи на гитара и бенџо. Потоа, тој се вработил во музичка продавница, каде што работел една година.[1]

Во 1988 година, поради големата слава и богатството што го стекнал, Ларсон ја напуштил цртачката работа и заминал на четиринаесетмесечен одмор, патувајќи низ Амазон и низ Африка и свирејќи гитара. На 1 јануари 1990 година, повторно се вратил на цртањето, а на 31 декември 1994 година дефинитивно го напуштил цртањето и се посветил на свирење џез и пишување приказни за деца. Ларсон живее во Сиетл и покрај бројните петиции што љубителите на неговите стрипови му ги испраќаат преку интернет, тој не се вратил на цртањето.[2]

Творештво

[уреди | уреди извор]

На почетокот на 1976 година, Ларсон направил шест цртежи за локалното списание „Pacific Search“ и за таа работа бил солидно платен, по што решил да продолжи со цртањето. Така, почнал да црта за неделникот „Summer News Review“ и со тоа започнал неговиот успех. По две години, започнал да црта неделни панели за „Seattle Times“, со наслов „Nature's Ways“. Конечниот успех го доживеал во 1979 година, кога потпишал договор со магазинот „San Francisco Chronicles“, во кој од 1 јануари 1980 година започнал да го црта серијалот „The Far Side“. Четири години подоцна, како признат автор, потпишал договор со „Universal Pres Syndicate“, со што неговите дела започнале да се дистрибуираат низ целиот свет. Оттогаш, неговите панели биле објавени во речиси 2.000 весници и списанија во дваесеттина земји, во тираж од над 100 милиони примероци.[3]

Од неговиот серијал „The Far Side“ биле објавени вкупно 15 колекции, пет антологии и една ретроспектива, а овие изданија се нашле на списокот на бестселери на „Њујорк тајмс“. Во 1990 и 1994 година, Националното здружение на цртачи му ја доделило наградата „Reuben“ за најдобар цртач на годината. Врз основа на овој серијал, во 1994 и 1997 година биле снимени и анимираните филмови со наслов „Приказни на Гери Ларсон до далечната страна 1 и 2“, кои, исто така, биле наградени.[2]

Стриповите на Ларсон се објавуват низ целиот свет. Неговото дело вообичаено се оценува како едноставно, бизарно, цинично, духовите и непредвидливо. Ларсон црта без почеток и без крај, само во еден панел, без никаква поука и без тенденција да морализира. Во неговите дела нема јунаци, но често се среќаваат животни и научници, што се објаснува со интересот на Ларсон за биологијата. Неговото дело се наоѓа меѓу стрипот и карикатурата, така што не може прецизно да се подреди во една од овие две категории.[1]

  1. 1,0 1,1 „Белешка за авторот“ во: Гери Ларсон, Галерија на откачената страна # 2, Скопје: Темплум, 2005, стр. 126.
  2. 2,0 2,1 „Белешка за авторот“ во: Гери Ларсон, Галерија на откачената страна # 2, Скопје: Темплум, 2005, стр. 128.
  3. „Белешка за авторот“ во: Гери Ларсон, Галерија на откачената страна # 2, Скопје: Темплум, 2005, стр. 127.