Прејди на содржината

Герит Дау

Од Википедија — слободната енциклопедија
Автопортрет (~1650)
„Холандската домаќинка“ (1650)
„Лекар“ (1653)
„Вечерно училиште“ (пред 1665)
„Жената со водна болест“ (1663). Масло на дрво, 86 x 67 см. Лувр, Париз

Герит Дау или Герард Дау (холандски: Gerrit Dou или Gerard Douw; 7 април 1613 - 9 февруари 1675) — сликар од златното време на холандското сликарство, чиишто мали, измазнети слики се типични за стилот на т.н. Лајденски фејнсхилдери. Негова специјалност биле битовите мотиви, а се прочул и со неговите оптички мамки и вечерни сцени на светлина од свеќа, со силен ефект на светлосенка (кјароскуро).

Дау најпрвин учел цртање кај граверот Бартоломеј Долендо; потоа учел сликање витражи кај Петер Каухорн. На 15-годишна возраст станал ученик на Рембрант, каде што учел три години. Од овој голем мајстор на холандската школа Дау научил боење, како и посуптилните ефекти на светлосенката. Стилот на Рембрант се одразува во неколку порани дела, особено во автопортретот на возраст од 22 години, и во сликата „Слепиот Тобиja оди да го сретне синот“.

Меѓутоа уште релативно рано во своето творештво Дау оформил свој сопствен стил, кој во извесна смисла бил дури и спротивен на стилот на неговиот учител. Надарен со необична јаснотија на видот и прецизност во работата, тој негувал сложен и макотрпен стил на обработка. Малкумина сликари посветувале толкаво внимание и труд на сите можни детали во сликите, сè до последната ситница. Се вели дека проведувал пет дена само во цртање на една рака. Неговиот стил бил толку фин и истенчен што морал сам да си ги изработува четките.

Но и покрај дребниот начин на работа, сликите на Дау имаат општ ефект на урамнотеженост и без каква било напнатост и укоченост, а боите секогаш му се извонредно свежи и прозрачни. Особено милувал да слика на светлина од фенер или свеќи, чиишто ефекти ги пренесувал на платното со верност и вештина ненадминати во историјата на сликарството. Честопати при сликањето користел вдлабнато огледало и за да го долови точно, лицето низ врамена мрежа од свилени конци. Отпрвин бил мошне баран како портретист, но клиентелата почнала постепено да му се намалува бидејќи луѓето што ги сликал не сакале да седат толку долго колку што настојувал. Сите негови слики се со мали димензии, каде насликаните се претставени во мртва природа. Припишани му се над 200 дела, чии примероци можат да се најдат во сите позначани јавни збирки во Европа.

За негово најголемо ремек-дело се сметаат сликите „Жената со водна болест“ (1663), и „Холандската домаќинка“ (1650), обете во Лувр. Делото „Вечерно училиште“ (во Државнот музеј во Амстердам) претставува најдобар пример на сцените на свеќа, жанр во кој се издигнал над секој друг уметник. Во Националната галерија во Лондон можат да се видат претставителни примери како „Живинарски дуќан“ (1672) и автопортрет (погоре). Сликите му биле ценети и држеле високи цени, а се вели дека хашкиот вљубеник во уметноста Ван Спиринг му плаќал по 1000 флорини годишно само за правото да биде прв купувач. Дау починал во Лајден. Негов најпознат ученик е Франс ван Мирис Постариот.


Викиизвор
Викиизвор
Викиизворот на англиски има изворна содржина поврзана со оваа статија:

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]