Облик

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Геометриска фигура)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Облик или форма — физичкиот изглед на еден просторен или рамнински објект. Линија, површина и волумен се елементи на формата. Дводимензионалната форма е дел од рамнина ограничена со линија. Тридимензионалната форма или тело е дел од просторот ограничен со површини. Објектите околу нас имаат природни или форми направени од човекот.

Во однос на обликувањето во просторот, формата може да биде отворена, затворена или перфорирана. Отворената форма овозможува просторот да навлезе во формата, во меѓусебна поврзаност (чаша, вазна, капа итн.). Затворената форма е ограничена со линија или површина од сите страни и не дозволува надворешниот простор да навлезе во неа (круг, квадрат, т.е. топка, цилиндер, јајце, јаболко итн.). Ако во затворената линија или површина постојат помали или поголеми отвори, се добива перфорирана форма која е лесна и динамична (решето, мрежа, синџир итн.).

Волумен е просторот што го зафаќа формата заедно со материјалот од кој е направен и празниот простор што го опфаќа. Просторот целосно исполнет со материјал го нарекуваме маса. При тоа големината на волуменот и масата е иста. Таков е случајот со компирот, јаболкото итн. Кај балонот, на пример, волуменот е поголем од масата бидејќи е исполнет со воздух, празен. Волуменот може да биде:

  • отворен или затворен
  • едноставен или сложен
  • тркалезен или аглест
  • празен или полн
  • испапчен или вдлабнат

Формата може да делува кај човекот смирено или динамично. Статичните форми, како што се квадратот, триаголникот, правоаголникот или аглестите слободни форми, делуваат смирено. Тркалезните форми се динамични, во нив има изразени динамични насоки и движења.