Географија на Боцвана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карта на Боцвана.

Боцвана е независна држава во Африка. Вкупната површина на Боцвана изнесува 600.370 км2 и тоа ја прави 45-та најголема држава во светот. Како споредба, површината на Боцвана е слична со таа на Мадагаскар и нешто помала од американската сојузна држава Тексас. Според пописот од 2001 година, во Боцвана живеат 1,680,863 жители, а проценките за 2010 година предвидуваат дека државата има нешто над 2 милиони жители. На југ и југоисток Боцвана граничи со Јужноафриканската Република (1840 км), на запад и на север граничи со Намибија (1360 км) и на североисток државата граничи со Зимбабве (813 км)[1]. Боцвана има допирна точка со Замбија на север. Главен град на Боцвана е Габороне.

Од географска гледна точка, Боцвана е релативно рамна земја со одреден број на висорамнини. Во државата доминантна е пустината Калахари, која зазема 70% од вкупната површина на Боцвана. Делатата на реката Окаванго е најголема копнена делта во светот и истата се наоѓа во северозападниот дел од државата. Во северниот дел од државата се наоѓа Макгадикгади, големо исушено солено езеро.[2]

Басенот на реката Лимпопо, главна географска одлика на Јужна Африка, делумно се наоѓа во Боцвана, поточно во југоисточниот дел од земјата. Реката Чобе се наоѓа во северниот дел од Боцвана и истата служи како граница меѓу Боцвана и Намибија. Реката Чобе се спојува со реката Замбези во местото наречено Казунгула.

Пејзаж од Делтата Окаванго.

Национални паркови и резервати[уреди | уреди извор]

Боцвана има разновиден див животински и растителен свет. Покрај делатата и пустината, во државата има пасишта и савани, каде гнуа, антилопи и останати сисари и птици опстојуваат. Северниот дел од Боцвана е дом на една од ретките поголеми групи на африкански див пес. Националниот парк Чобе, кој се наоѓа во округот Чобе, е дом на најголемата концентрација на африкански слон. Паркот има површина од 11.000 км2 и во него живеат над 350 видови птици.

Националниот парк Чобе и резерватот Мореми, кој се наоѓа во делатата Окаванго, се главни туристички одредишта. Покрај овие, во држава се наоѓаат и Централнокалахарскиот резерват, Националниот парк Макгадикгади и Националниот парк Нхај. Резерватот Машату е во приватна сопственост и се наоѓа во близина на реките Шаше и Лимпопо. Покрај него, во Боцвана има уште еден приватен резерват кој се наоѓа во близина на Габороне и се нарекува Моколоди.

Еколошки проблеми[уреди | уреди извор]

Националниот парк Чобе.

Моментално Боцвана се соочува со два еколошки проблеми: суша и опустошување. Опустошувањето во Боцвана е тесно поврзано со сушните периоди. Поради сушата, 75% од луѓето и животинскиот свет во државата се зависни од подземните води. Подземните води ги ублажуваат ефектите на сушата. Подземните води се црпат со помош на бушење длабоки дупки, кои пак резултираат со ерозија на земјата. Површинската, надземна, вода во Боцвана е многу малку затсапена и само 5% од земјоделството на Боцвана користи дождовни води. Поради овој проблем, се зголемило одгледувањето на добиток како главен извор на приход. Како последица на тоа, 71% од површината на државата се користи за пасење, кој е исто така еден од причините за опустошување на земјиштето.[3]

Топографска карта на Боцвана.

Бидејќи одгледувањето добиток во Боцвана станал профитабилен бизнис, земјиштето и понатака се експлоатира. Животинскиот свет во Боцвана почнал драстично да се намалува. Во периодот од 1966 до 1991 година, добитокот се зголемил од 1.7 милиони на 5.5 милиони грла.[3]:64. Исто така, бројот на луѓето се зголемил од 547.000 на 1.5 милиони жители во 1995 година. Над 50% од домаќинствата во Боцвана чуваат добиток и моментално е најголем извор на приход за руралното население. Поради намаленоста на обработката на земјата и големата застапеност на пасишта, се зголемило опустошувањето на земјиштето.[3] Исто така, во Боцвана се издале извештаи каде се вели дека и делтата Окаванго се суши поради пасењето.[4]

Одделот за шумарство и ресурси веќе има започнато проекти за повторно засадување локална вегетација во Јужен Кгалагди, Северен Квененг и Ботети.[5] Со посадувањето на локална вегетација се очекува да се намали опустошувањето на земјата. Владата на САД исто така склучила договор со Боцвана, при што државата се стекнала со 7 милиони долари со што државата си го намалила јавниот долг. Со намалениот долг, Боцвана може да се насочи кон поинтензивни мерки за спречување на еколошките проблеми.[4] Програмата за развој на САД тврди дека главен проблем за преголемата експлоатација на ресурите е директно поврзана со нивото на сиромаштија во земјата.

Клима[уреди | уреди извор]

Боцвана е полусушна држава, поради кратките дождливи сезони. Сепак, поради релативно високата надморска височина и континенталната местоположба, државата има суптропска клима. Сушната сезона во Боцвана трае од април до октомври во јужниот дел и до ноември во северниот дел, каде сепак има поголеми врнежи. Јужниот дел од земјата е изложен на постудени ветришта за време на зимскиот период од мај до август, кога средна температура е 14 степени. Целата држава има топли лета со средна температура од 26 степени. Целата држава е ветровита и прашлива за време на сушната сезона.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Географија на Боцвана
  2. Geography of Botswana
  3. 3,0 3,1 3,2 Darkoh (PDF), IS: Rala, Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-10-10, Посетено на 2012-01-30
  4. 4,0 4,1 „Botswana, US sign 'Debt-for-Nature' agreement“. Afrol. Посетено на 2010-07-04.
  5. NOTCDIB (PDF), UNCCD, Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-11-29, Посетено на 2012-01-30
  6. General Survey of Climatology, Landsberg (ed.),Elsevier, 2001

Поврзано[уреди | уреди извор]