Генерален регулациски план на Скопје (1914)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Регулационен план на Скопје 1914

Конкурсниот труд на српскиот архитект Димитрија Т. Леко за генерален регулационен план е првиот познат плански документ за Скопје. Поради отпочнување на првата светска војна и смртта на авторот тој не ја доживува својата реализација покрај своите квалитети. Од истиот денес е достапен само еден графички прилог со траси на предвидените трамвајски линии и повеќе посредни извори како натписи во книги и коментари и описи во наредните урбанистички планови. Покрај тоа што не е реализиран, истиот има извршено огромно влијание во просторниот развој на градот, како и урбанистички скици според кои се гради градот до донесување на регулационен план во 1929.

Општествено политички услови[уреди | уреди извор]

Овој плански документ е конкурсен труд, распишан од ново воспоставеното министерство за градежништво на Кралството Србија после завршувањето на Балканските војни и поделбата на територијата на некогашната Отоманско Царство на тлото на балканот. Скопје со поголемиот дел на Вардарска Македонија е вклучено во рамки на Србија и како и за другите градови веднаш се пристапува кон конкурси за изработка на урбанистичките планови. Имајќи ги предвид изработените планови за другите градови во тој период јасно се гледа настојувањето на власта да се раскрсти со ориенталните градови и да им се даде европски лик и на помалите градови и гратчиња.

Легислативна рамка[уреди | уреди извор]

Планот е изработен во период кога сè уште не се изготвени специфични закони кои би ја третирале урбанистичката проблематика. Единствен закон кој постои и според кој се регулира урбанистичкото планирање е "Уредба по струци граҺевискоју ослобоҺеним и присаједињеним областима Крањевине Србије".

Авторски израз[уреди | уреди извор]

Самото образование на арх. Димитрија Т. Леко (1863-1914) има големо значење од аспект на успоените планерски парадигми и авторскиот израз. Тој своето образование го стекнува во Цирих, Ахен и Минхен и му припаѓа на таканаречената втора и трета фаза на академизмот во српската архитектура. Оттаму и користењето на градоградителскиот израз и повеќе акцентирање на архитектонскиот пристап во обликување на градот. Самото негово образование влијае на користењето на средноевропскиот модел на град и усвојување на идеите на Камило Зите за уметничко обликување во градот што се препознава преку начинот на создавање на јавните градски простори, плоштади, паркови, споменични обележја и сл. Во планот се препознава и влијанието на ринг по примерот на Виена од 1958-1967 иљко не сосема доследно спроведено.

Затекната состојба на градот во смисла на изградена физичка структура[уреди | уреди извор]

За време на изработката на планот, после Балканските војни, Скопје е град со 47.384 за да во наредниот период поради иселување на турското население да се намали на 40.660 во 1921. Градот е распространет на левата страна на Вардар со типично ориентална урбана морфологија, нерегуларни улици, густо изградени урбани блокови со слепи приоди, чаршија и неколку поголеми комплекси со јавни објекти како џамии, анови, амами, безистени и сл.

Концептуално решение[уреди | уреди извор]

Овој конкурсен план значајно се издвојува од дотогашните регулациони планови во Србија, како по својата содржина така и по начинот на решавање на основните урбанистички проблеми. Главните квалитети на планот се гледаат во богатата содржина на јавни објекти кои воглавно се групирани во поголеми и помали јавни центри. Првенствено се значајни планираните големи комплекси и тоа на север "Големиот изложбен парк" до кој води поширока алеа, и "Малиот изложбен парк" за почесни изложби, важни за планираниот стопански развој и околината. Потоа, давање на големо значење на тврдината Кале, која поради својата доминантна позиција над градот се предвидува за изградба на нов "акрополис" со огормен плоштад со трапезен облик. На југ од градот е предвиден Технички комплекс кој ја користи падината од планината Водно и е позициониран театрално со поширока алеа која води кон него од градот преку железничка пруга и водениот канал, формирајќи една од ново-предвидените оски на градот. На десниот брег на Вардар на исток арх. Леко проектира голем спортски центар со стадион до кој се развива речно пристаниште за водени спортови.

Брегот на реката Вардар во планот на арх. Леко добива значајна улога во градското ткаење со проектирани нови кејови и речно острово со два објекти за разонода. Покрај регулација на реката проектирана е и регулација на водениот канал кој ги собира водите од Водно. Во планот се истакнуваат и неколку плоштади и зелени површини но тие авторот ги третира послободно, без да инсистира на нивна класична композиција, јасни граници и симетрични објекти. Обликот на плоштадите е најчесто диктиран од потрбата за непречено, најчесто кружно вртење на трамвајите. Покрај веќе споменатиот плоштад на тврдината, позначаен е плоштадот на десниот брег формиран од повеќе објекти како Стопанско-трговски музеј, Трговска академија, објекти на Пошта и Телеграф и сл. Во овој дел на градот предвидена е и нова Железничка станица и правоаголен плоштад пред неа со три улици кои поаѓаат кон север, една кон Камениот мост, втора во чело на станицата кон Основно училиште и трета кон претходно споменатиот кружен плоштад. На левиот брег проектиран е плоштад во чело на тогашната ул. Београдска, кој претставува главна оска уште од претходно помеѓу Кале и ридот Гази Баба, со изразито управно-административни намени како Управа на градот Скопје, Окружно начелство, Палата на правдата и Музеј во објектот на Куршумли-ан. Источно и западна од овој плоштад се наоѓаат два помали плоштади со изразено образовни намени, основно училиште и гимназија.

Од отворените градски површини уште во планот на арх. Леко се среќаваат поголеми и помали зелени површини распространети низ целиот град како и места за детски игралишта, секаде каде имало услови да се добие слободна површина со проширување на некои раскрсници. Поголеми зелени површини се среќаваат кај изложните паркови, Техничкиот факултет, Градскиот парк, до денешниот градски плоштад и во продолжение на воспоставената оска кон запад, покрај железничката пруга, по водениот канал на југ и сл. Како големи парковски површини во планот се уредении ридовите Гази-баба и Градиште каде се поставени и споменици.

Позначаен авторски белег во планот е воспоставувањето на целосно нова улична мрежа и вградувањето на концептот на рингови-венци, иако Скопје освен тврдината немала градски ѕидови. Површините од левата и десната страна од камениот мост се обиколени со булевар или Венец на Цар Душан кој под Калето поминува низ тунел. Венецот поврзува два главни плоштади. Во јужниот дел ширењето на градското ткиво е радијално по концентричните кругови кои продолжуваат да се шират околу центарот. На север делумно се следи затекнатата урбана матрица со значајни исправувања на улиците подолжно во правец кон север. Во северниот дел на станбените улици дадени им се делумни проширувања со предни дворови. Од сообраќајното решение еден од најзначајните елементи се новите планирани мостови, со тоа што порај веќе постоечките два колско/пешачки и еден железнички се додадени нови пет колско/пешачки зголемувајќи ја поврзаноста на двата дела на градот.

Реализација[уреди | уреди извор]

Планираната реконструкција на градот и трансформацијата од ориентален во европски град во годините после Првата светска војна се одвива преку изготвување на нови плански документи и реконструкција на делови и централното градско ткиво, бидејќи е изгубен планот од арх. Леко. Ваквите плански документации се работат врз основа на планот на Леко но со пошематизиран приказ во служба на ефикасност во поделбата на градежното земјиште и обезбедување на брза изградба.

Најголемиот број на објекти после 1922 се изградени во подрачјето на десниот брег каде земјиштето е купено од приватни претприемачи и каде се формираат нови градски населби Буњаковец, Идадија и Дебар маало. Во Буњаковец извршена е регулација со оформување на поголеми парцели на кои се градат градски вили, додека на територијата на Дебар маало земјиштето се дели на помали парцели на кои се градат живеалишта за бегалците од Дебарскиот крај кои се вклучуваат во изградба на елитните населби. Во југозападниот дел од градот се градат станбени комплекси за потребите на вработените во Железницата. Вакви живеалишта се градат и за други групации на работници на други локации со што се исполнува социјалната програма за обезбедување работнички населби.

Поголема градежна активност е забележана и околу површините кај Камениот мост, плоштадот Краљ Петар и улицата што го поврзува истиот со железничката. Изградбата се однесува на објекти од јавни функции и тоа хотели, кафеани, фото-студија но и градски палати на побогат слој на граѓани кој е во формирање и подем во овој период. И на другите улици кои одат кон плоштадот е забележана иста појава со што полека се формира нов градски центар на десната страна на градот. Ова уште повеќе се потенцира со изградбата на Офицерскиот дом и Народниот театар.

Градските активности во однос на уличната мрежа во овој период се однесуваат на постоечките улици делумно пробивање на булеварите и проширување на плоштадите на двете страни од р.Вардар како и поплочувањето и уредувањето на улиците со опрема со што се оформува градскиот лик. Овој период е карактеризиран со слаба активност на левата страна.

Наводи[уреди | уреди извор]

Влијанието на урбанистичките планови на дисконтинуираната просторна транзиција на градот Скопје во дваесеттиот век - М-р Дивна Пенчиќ, Скопје, 2011