Гајда

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Гајда (македонска))
Гајдаџија на манифестацијата Илинденски денови во Битола.

Гајда или мешница[1]народен музички дувачки инструмент составен од мев (мешина), најчесто од коза, со три цевки за дување и за свирење.[2]

Состав на македонска гајда[уреди | уреди извор]

Македонската гајда може да биде двогласна или тригласна што се определува во зависност од бројот на бордунските елементи. Во Македонија најзастапени се двогласните гајди, а во одредени делови на Македонија се среќаваат и тригласни гајди. Најмногу гајди со слагарче се среќавале во Овчеполието.[3] Гајдата се состои од:

  • гајдарка, која се прави од дреново дрво. Гајдарката има седум дупки на лицето и една дупка за палецот на опачината; на крајот на цевката се прикачува славец.
  • брчало, бучало или рог кое е составено од три дела кои се навлекуваат еден во друг со што овозможуваат негово скратување и продолжување со што се постигнува посакуваната висина; истото произведува континуиран тон (вториот глас). Првиот дел во којшто влегува писката се нарекува пискарник, вториот среднак а третиот брчало.
  • слагарче, кое е составено од два дела кои исто така се навлекуваат еден во друг овозможувајќи постигнување на потребната висина. Овој дел го имаат само тригласните гајди.
  • дувало поврзано со мевот. Преку дувалото повремено се надополнува мевот на гајдата.
  • мев, направен од штавена овча или козја кожа.

Свирење на гајда[уреди | уреди извор]

Пред свирење гајдата се штима. Ова се изведува со свирење на петтиот тон на гајдарката (додека погорните дупки се затворени) и со прилагодување на должината на брчалото, така што истото свири две октави пониско.

Гајдата се држи под рака (мевот се дополнува со воздух одвреме-навреме). Гајдарката се држи со двете раце, така што прстите од левата рака работат со долните 4 дупки, додека горните три и палечната дупка се работат со прстите од десната.

Брчалото се префрла преку рамо, преку десната рака или може да виси.

Гајдата може да свири 9 дијатонички и 2-3 хроматички тонови. Најкористените клучеви се B и A, но и подолните клучеви исто така можат да се употребуваат. Репертоарот за гајдата се состои од народни ора и песни, кои се изведуваат за време на празници. Гајдата се изведува соло и како дел од ансамбл во изведба на ора и инструментални импровизации.

Епска орска импровизација за гајда во изведба на мајстор Пеце Атанасовски

Потекло на гајдата[уреди | уреди извор]

  • Околу потеклото на гајдата постојат многубројни теории, а едно е сигурно дека инструменти со слични ерголошки карактеристиќи на гајдата во Р. Македонија се среќаваат во повеќе делови од светот. Ова укажува на спонатноста во настанувањето на музичките инструменти кои се создавале, надоградувале и усовршувале во одреден временски и географски простор. Потеклото на гајдата како музички инструмент, генерално останува енигма, бидејќи инструменти слични на него, во денешно време се среќеваат во повеќе земји. Ослободувајќи се од спрегите на минатото и согледувајќи ја фактичката состојба со употребата на овој инструмент во Р. Македонија во денешно време, можеме со сигурност да кажеме дека станува збор за музички инструмент кој бил мошне застапен и користен од автохтоното население уште во далечното минато. И денес овој инструмент сè повеќе се негува во руралните средини, но со огромните миграции од руралните во градските средини станува застапен и во градот.
  • Околу настанокот на музичкиот инструмент гајда не може да се добијат конкретни податоци, бидејќи музичките инструменти биле создавани спонтано, според потребите на заедницата и истите биле надоградувани паралелно со културното и музичко созревање на човекот. Секако, појавата на музичките инструменти е тесно поврзана со изработувачите на музички инструменти, кои во корелација со талентираните инструменталисти го одбирале материјалот за изработување, ги одредувале тонските висини кои се прилагодувале на локалните музички особености. Одредени податоци околу присуството на музичките инструменти здобиваме од фреските и иконите на кои се насликани музички инструменти меѓу кои и гајдата. Останати информации околу потеклото и употребата на инструментот гајда ги здобиваме од запишаните извори кои ги забележале истражувачите на музичкиот фолклор.
  • Опстојувањето на гајдата е поврзано со намалувањето на изработувачи на народни музички инструменти, меѓу кои и гајдата. Изработувањето на гајда во Р. Македонија е еден од најважните процеси за опстојувањето на инструментот во народната музичка инструментална практика, во минатото, денес, а и во иднина. Како една од причините за намалувањето на изработувачи на гајда е намалениот интерес за изучувањето на свирењето на гајда што резултира со неоправдано изработување, кое може да доведе до целосно исчезнување на инструментот.

Нематеријално културно наследство[уреди | уреди извор]

Со одлука на Владата на Македонија музичкиот инструмент гајда е значајно културно наследство и е прогласено за духовно културно наследство од особено значење и поткатегорија културно наследство од исклучително значење.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ангелов Горанчо, Музичкиот инструмент гајда и нејзините тонски карактеристики, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Факултет за музичка уметност, Годишен зборник бр. 2, стр.159-170, 2011
  • Линин Александар, Народните музички инструменти во Македонија, Македонска книга, Скопје, 1986.
  • Линин Александар, Музичките инструменти на македонските словени, Скопје: Музиката на почвата на Македонија, кн. 7, дел I-II, МАНУ, 281-290, 1999
  • Џимревски Боривоје, Некои методолошки аспекти во истражувањето на народните музички инструменти и инструменталната народна музика. Скопје: Макеоднски фолклор, 19/37, 177-181, 1986.
  • Џимревски Боривоје, Инструменталната народна музика во Титоввелешко. Скопје: Македонски фолклор, 21/42: 139-157, 1988.
  • Џимревски Боривоје, Гајдата во Македонија, Инструмент-инструменталист-музика, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Македонско народно творештво - Орска и инструментална народна традиција, книга 5, Скопје, 1996.
  • Џимревски Боривоје, Градска инструментална музичка традиција во Македонија, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Орска и инструментална народна традиција, кн. 7, Скопје, 2005.
  • Gojković Andrijana, Narodni muzićki instrumenti, “Vuk Karadžić”, Beograd, 1989.
  • Gojković Andrijana, Muzićki instrumenti – Mitovi i legende, simbolika i funkcija, Beograd, 1994.

Наводи[уреди | уреди извор]