Гао Синѓан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Гао Синѓан

Гао Синѓан (роден на 4 јануари 1940, Џонзхоу, источна Кина) е кинески писател, преведувач, драматург, режисер и ликовен уметник, кинески дисидент, еден од најдобрите живи писатели во кинеската литература, добитник на Нобелова награда за литература во 2000-та година.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Основно образование стекнал во училиштата во НР Кина. Во 1962 се здобил со диплома по француски јазик на Катедрата за странски јазици во Пекинг. Времето на Културната револуција (1966-1976) го поминал во логор за превоспитување и од тие причини, сè до 1979 година не бил во можност да работи или да патува во странство. Во 1987 година Синѓан ја напуштил НР Кина и како дисидентживотот го продолжил во Париз. По масакрот на плоштадот тјенанмен во Пекинг, во 1989 година, тој ја напуштил Комунистичката партија на Кина, а по објавувањето на книката „Бегалци“, во којашто ги опишал овие настани, бил прогласен за „персона нон града“ од страна на кинеските власти, а неговите дела биле забранети.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Интересот за пишувањето кај него го поттикнала неговата мајка која аматерски се занимавала со актерство. Во периодот од 1980 до 1987 година објавил кратки раскази, есеи и драми во литературните списанија во Кина. Негови најпознати дела се: „Прелиминарна дискусија за уметноста на модерната литература“(1981), „Врапчето наречено црвен клун“(1982), „Збирка драми“ (1985), „Дивиот човек“ (1985), „Другиот брег“(1986), последната драма што ја објавил во НР Кина „Во потрага по модерната форма на драмското претставување“ (1987), како и „Планина на духот“, „Библија на еден човек“, „Современа техника и националниот карактер на литературата“.
Синѓан во своите дела го истакнал значењето на ненатуралистичките трендови во западното драмско творештво, како што се делата на Арто, Брехт, Бекет, Кантор. Иако неговите дела во НР Кина предизвикувале контраверзии и полемики, тој сепак го изградил сопствениот персоналитет и покрај тоа станал еден од најголемите преведувачи на делата од светската литература на кинески јазик.[1]

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Веста дека е добитник на Нобелова награда предизвикала бурни реакции во Кина, ,меѓу другото, дека Нобеловиот комитет има свои посебни политички критериуми при доделувањето на оваа награда, наместо тоа да го прави исклучиво од книжевни причини или дека Кина досега дала многу светски познати писатели, за кои Нобеловиот комитет знае малку.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Преводи на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД„Микена“, Битола,2010