Прејди на содржината

Гаокао

Од Википедија — слободната енциклопедија
Родители и наставници пред училиштето Баји во Пекинг за време на Националниот приемен испит за факултет во 2016 г.

Гаокао (кинески: 高考) — кинески државни приемни испити за високо образование, кои се одржуваат низ цела Кина (скратено од: 中华人民共和国普通高等学校招生全国统一考试). Се спроведуваат само во копнена Кина (не ги вклучува Хонгконг, Макао и Тајван). Од 2003 г., се одржуваат на 7 и 8 јуни, додека во 2020 г., поради Пандемијата на КОВИД-19, испитите „Гаокао“ се одржале на 7 и 8 јули.

Историја

[уреди | уреди извор]

За првпат е воведен во 1952 г. Од 1966 до 1976 г. (за време на Културната револуција во Кина), бил укинат. Првиот испит по Културната револуција се одржал на крајот на 1977 г. Таа година, за учество на испитот немало сериозни ограничувања за возраста и потеклото, а биле дозволени граѓани на возраст од 14 до 30 години. Вкупниот број на кандидати изнесувал повеќе од 5,7 милиони луѓе. Успешни биле само 4,8 % — 272.971 кандидат низ целата земја, што бил најнизок резултат во целата историја на НР Кина. Во 1978 г., сите матуранти низ земјата полагале сосема ист испит. Формата и содржината на испитот постојано се менувале, а за одредени високообразовни установи биле дозволени и други облици на полагање.[1]

Испитот се одржува во текот на 2-3 дена. Три предмети се задолжителни за полагање секаде: кинески јазик, математика и странски јазик — обично англиски, но може да биде и јапонски, руски или француски. Другите седум можни предмети се: физика, хемија, биологија, технологија (информатичка технологија или општа технологија) и три хуманитарни предмети: историја, географија и политички науки. Поради големиот притисок и последователниот стрес при полагањето на „Гаокао“, многу кинески ученици денес се откажуваат од него во корист на платени месни или странски универзитети.

Од 2014 г., во некои региони на Кина експериментално се пробува систем во кој задолжителните три предмети се исти како во претходниот систем, а покрај тоа треба да се изберат три предмети за полагање од следниве: историја, географија, политика, физика, хемија, биологија.

Во 2020 г., бројот на лица што го полагале „Гаокао“ достигнал рекордни 10,71 милиони луѓе.

Организација

[уреди | уреди извор]

За време на испитите, во градовите каде што се наоѓаат испитните центри, се воведува вонредна состојба за да им се обезбеди мир на испитаниците пред завршните испити. Градежните работи се прекинуваат навечер за да можат мирно да спијат. Во текот на денот, на улиците има многу полицајци што им помагаат на студентите, кои и онака се заглавени во сообраќаен метеж, да стигнат до испитните центри.[2]

  1. ↑ Guodong Wei, "On the Reform of China's NCEE since 1977" (PhD diss., Hebei University, 2008).
  2. ↑ Hanne Seelmann-Holzmann (2006): Der rote Drache ist kein Schmusetier. Strategien für langfristen Erfolg in China. München, Redline-Verlag, ISBN 978-3-636-01343-9. Seite 126.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]