Индоганшка Низина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Ганшка Долина)
Индоганшката Низина на карта.

Индоганшка Низина — голема плодна рамнина со површина од 2.550.000 км2, на територијата на северна и источна Индија, источен Пакистан и речиси целиот Бангладеш.[1] Наречена е по реките Инд и Ганг, и опфаќа поголем број на значајни населени места. Ова е едно од најгусто населените подрачја во светот, со вкупно население од 400 милиони жители. На север од низината се протегаат Хималаите, од кои извираат многу реки и се причинител за големата алувијалност. На југ, низината се граничи со висорамнината Чота Нагпур, а на запад се издига Иранската Висорамнина.

Историја[уреди | уреди извор]

Големата област на низната е позната како дом на Индската цивилизација, од која произлегла старата јужноазиска култура. Низ времето, на оваа територија настанале разни држави како Гупта, Канауџ, Магада, Маурја, Пала, Могулското Царство и Делхискиот Султанат. За време на ведското и епското раздобје, оваа област се нарекувата „Арјаварта“ (Земја на Ариевците). Мануовиот законик (2.22) вели дека Ајраварта е „земјата помеѓу Хималаите и венецот Виндја, од Источното (Бенгалскиот Залив) до Западното Море (Арапското)".[2][3]. Под власта на туркиските, паштунските (авгански) и иранските владетели подрачјето било познато како „Хиндустан“ (Земја на Индусите). Овој поим подоцна ја означувал цела Индија; дури и во денешно време, најзастапениот јазик се нарекува „хиндустански јазик“ (месното наречје на хинди-урду), а музиката и културата исто така се нарекуваат „хиндустански“.[4][5]

Географија[уреди | уреди извор]

Дел од Индоганшката Низина

Некои географи ја делат Индоганшката Низина на неколку области: Синд, Пенџаб, Доаб и Бенгал. По друг начин на сметање, низината се дели на сливови одвоени со Делхискиот Срт; во западниот дел е сместена Пенџапската Низина, а во источниот е сливниот систем Ганг-Брамапутра. Пречката се издига на само 350 метри надморска височина, што дава впечаток дека низината е непрекината од едниот до другиот слив.

Ниските предели на средното течение на Ганг се протега од реката Јамуна на запад до Западен Бенгал на исток. Рамнината во долното течение на Ганг и Асамската Долина се позелени отколку средишните краишта. Долното течение е сосредоточено во Западен Бенгал, од каде продолжува во Бангладеш. Откако ќе се спојат со Џамуна (растока на Брамапутра), обете реки ја образуваат делтата на Ганг. Брамапутра извира во Тибет под името Јарлунг и тече низ Аруначал Прадеш и Асам, па преминува во Бангладеш.

Поради огромната површина, точниот опфат на низината зависи од начинот на сметање, но начелно може да се рече дека таа се протега во следниве рамки:

Во Непал, низината продолжува во плодната област Терај. Тука се опфатени реките Беас, Чамбал, Ченаб, Ганг, Гомти, Инд, Рави, Сатлеџ и Јамуна. Почвата изобилува со мил и поради тоа ова е најинтензивно обработуваното земјиште на светот. Дури и руралните предели се мошне густо населени.

Напоредно на Хималаите, низината има плавни подрачја во кои се прелева водата надојдена од речниот систем на Ганг и Брамапутра, од Џаму и Кашмир и Одиша на запад до Асам на исток (одлевајќи ја речиси сета северна и источна Индија). Зафаќаат површина од 700.000 км2 и во ширина се движат по неколку стотини километри.

Во геолошки поглед, разликуваме четири наносни појаси: Бабарски, Терајски, Бангарски и Кадарски.

Животински свет[уреди | уреди извор]

Сè до поново време, отворените тревни површини на низината биле дом на неколку крупни видови животни. Тука спаѓаат трите вида азиски носорози (индискиот, јаванскиот и суматранскиот). Теренот наликувал на оној во денешна Африка, па затоа на него биле присутни големи стада индиски слонови, газели, антилопи и коњи, заедно со неколку вида диви говеда, меѓу кои и денес изумрениот тур. Во шумовитите предели биле застапени дивата свиња, еленот и мунтџакот. Во повлажните крајречни предели живеел биволот, заедно со денес изумрен вид на нилски коњ.

Овие животни биле плен за разни месојадни видови како индискиот волк, азиското диво куче, пругавата гиена, азискиот леопард и азискиот лав, бенгалскиот тигар и леопардот, а во околните шуми тромавата мечка ловела термити. Реката ганг изобилувала со гавијали, индиски крокодили и речни делфини.

Земјоделство[уреди | уреди извор]

Во низината претежно се одгледуваат оризот и житото, наизменично во плодоред. Од помало значење се пченката, шеќерната трска и памукот.

Највеќето врнежи доаѓаат од југозападниот монсун, што вообичаено е достатно за општо земјоделство. Покрупните површини се наводнуваат од реките кои извираат на Хималаите.

Поради брзорастечкото население (а и други чинители), се смета дека подрачјето има голем ризик за недостиг на вода во иднина.

Земјиштето е сместено помеѓу реките Брамапутра и венецот Аравли. Низ него тече Ганг и други реки како Јамуна, Гагара и Чамбал.

Градови[уреди | уреди извор]

Поголеми населени места во Индоганшката Низна се:

   Непал

Биратнагар, Џанакпур, Лумбини и Капилавасту.

 Индија

Лудијана, Чандигар, Батинда, Џаландар, Амритсар, Патијала, Амбала, Панипат, Гургаон, Фаридабад, Делхи, Џајпур, Газијабад, Мират, Агра, Барели, Морадабад, Џанси, Канпур, Лакнау, Горакпур, Алахабад, Варанаси, Патна, Гаја, Музафарпур, Мотихари, Багалпур, Силигури, Бардаман, Бахарампур, Дургапур-Асансол, Колката-Хаора, Агартала, Дибругар, Гувахати, Силчар, Дубри, Тезпур и Џорхат

 Бангладеш

Дака, Читагонг, Газипур, Мајмансинг, Силет, Нарајанганџ, Раџшахи, Рангпур, Динаџшур, Комила, Барисал, Џесор и Кулна

 Пакистан

Лахор, Фајсалбад, Гуџранвала, Равалпинди-Исламабад, Мултан, Хајдерабад и Карачи

Административни единици[уреди | уреди извор]

Границите на низината не се јасно определени. Затоа, тука се дадени првостепените административни единици кои целосно до половично влегуваат во неа:

 Бангладеш (речиси сета земја)

 Бутан

 Индија

Аруначал Прадеш, Асам, Бихар, Гуџарат, Делхи, Западен Бенгал, Мадја Прадеш, Пенџаб, Раџастан, Трипура, Утар Прадеш, Утараканд, Харајана, Чатисгар, Џаму и Кашмир, Џарканд

   Непал

 Пакистан

Пенџаб, Синд (источно од Инд), Хајбер Пахтунхва (источно од Инд)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Taneja, Garima; Pal, Barun Deb; Joshi, Pramod Kumar; Aggarwal, Pramod K.; Tyagi, N. K. (2014). Farmers preferences for climate-smart agriculture: An assessment in the Indo-Gangetic Plain. Intl Food Policy Res Inst. стр. 2.
  2. Gopal, Madan (1990). K.S. Gautam (уред.). India through the ages. Publication Division, Ministry of Information and Broadcasting, Government of India. стр. 70.
  3. Michael Cook (2014), Ancient Religions, Modern Politics: The Islamic Case in Comparative Perspective, Princeton University Press, стр. 68
  4. „India“. CIA – The World Factbook. Архивирано од изворникот на 2008-06-11. Посетено на 2007-12-14.
  5. „Hindustani Classical Music“. Indian Melody. Архивирано од изворникот на 2007-12-11. Посетено на 2007-12-14.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 27°15′ N; 80°30′ E / 27.25° СГШ; 80.5° ИГД / 27.25; 80.5