Галичички езера

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Галички езера)

Галичички езера — група езера од ледничко потекло на и околу планината Галичица. Можат да се поделат на три вида: постојани, периодични и повремени езера. Постојани има 2 езера, 1 е периодично езеро, а бројот на повремените заезерувања тешко може да се утврди.

Поглед на двете езера (Охридско и Преспанско) од Галичица

Природни езера[уреди | уреди извор]

Постојани езера[уреди | уреди извор]

Постојани природни езера на планината Галичица се јавуваат само во нејзиното подножје, и истите претставуваат остатоци од поголеми лагуни коишто егзистирале во геолошкото минато. Тоа се езерото Острово и Стењското Езеро (Блато). Во минатото пред изградбата на автокампот Љубаништа, на таа локација постоела лагуна, која што со изградбата на кампот е целосно уништена.

Острово
Езерото Острово

Езерото Острово се наоѓа покрај јужниот крај на Охридското Езеро во близина на манастирот Св. Наум. Ова езеро спаѓа во типот на лагуни, кое е издвоено како посебен поттип на крајбрежно-изворско езеро.[1] Ова езеро е создадено со снижувањето на нивото на Охридското Езеро, при што некогашното заливче под дејството на брановите постепено е затворено со крајбрежен бедем широк околу 10 м. Езерото е долго 220 м, широко 140 м, а најголемата длабочина му изнесува 3,5 м. Помеѓу езерото Острово и Охридското Езеро постои краток површински водотек со должина од 12 м. Со вода се храни од изворите Св. Наум (коишто народот ги нарекува Изворите на Црн Дрим), односно, од 18 крајбрежни и 30 сублакустриски (подводни) извори чијашто вкупна максимална издашност изнесува 11 м3/s.[2] Во езерото се наоѓаат два острова, од коишто помалиот се користи како ресторан, а поголемиот е целосно обраснат со шума. Во август 2004 година температурата на водата на крајбрежните извори се движела од 10,7-11,5 °C, а pH вредноста се движела од 6,9-7,1, во најголем дел 7,0. Температурата на водата во средишниот дел изнесувала 11,6 °C, pH вредноста 7,0, а на излезот од езерото температурата на водата изнесувала 11,8 °C, а pH вредноста 7,2. Езерото Острово во однос на Охридското Езеро се однесува како криптодепресија, бидејќи неговото ниво е повисоко од нивото на Охридското Езеро во просек за 0,56 м, додека дното во просек му е пониско за 2,94 м од нивото на водата во Охридското Езеро. Во минатото се правени многу обиди за да се утврди потеклото на водите во изворите Св. Наум. Претпоставките биле дека нивното потекло е од водите на Преспанското Езеро, кое што е повисоко за околу 160 м од Охридското Езеро, коишто понираат низ карстните масиви на Галичица во Мала Преспа на повеќе локации (Завир, Врагодупка и др.), па имало и обиди тоа да се докаже и со уфрлање на боја во понорите.[3] Конечно во почетокот на 80тите од XX век, со примена на природни изотопи е докажано дека партиципацијата на Преспанското Езеро во водите на изворите кај Св. Наум е cca 42 % и претставува 25 % од вкупно дренираните преспански езерски води коишто понираат низ варовничките маси на Галичица.[4] Езерото Острово претставува строго заштитена зона во рамките на националниот парк Галичица.

Стењското Езеро

Стењското Езеро или Стењкото Блато се наоѓа кај селото Стење кај Преспанското Езеро. Спаѓа во видот на мочуришни езера. Од Преспанското Езеро е одделено со песочен бедем широк 100 м. Јаковљевиќ навел дека бедемот е долг 400–500 м,[5] но според последните изтражувања, тој е многу подолг 1,5–2 км и го одделувал целиот Стењски Залив од Преспанското Езеро, а со засипување со нанос и поради спуштањето на нивото на Преспанското Езеро, од големата лагуна останал само нејзиниот најдлабок дел. Езерото има елиптична форма со правец на протегање северозапад-југоисток, со максимална должина од 618 м и максимална широчина од 393 м. Зафаќа површина од околу 20 ha која што во текот на годината варира, амаксималната длабочина му изнесува 3,5 м која што исто така варира. Во зависност од височината на нивото на Преспанското Езеро тоа е повремено се поврзува со истото. Последната комуникација на блатото со Преспанскто Езеро била во 1941-1942 година кога поради високиот водостој песочниот бедем бил прекинат.[6] Денес поради ниското ниво на Преспанското Езеро (кое според официјалните податоци е -7,5 м под “0” кота) на патот којшто води по самиот срт на бедемот на суво е и цевката со пречник 300 mm која што е поставена за истекување на вишокот вода од блатото во влажните периоди. Во старите карти на НП “Галичица” истото е обележано како строго заштитена зона, но од пред неколку години со ревалоризацијата на строго заштитените зони во паркот, истото е избришано од строго заштитена зона (наводно поради изградба на туристички комплекс) и не се споменува воопшто во публикациите на паркот. Во мај 2004 година длабочината му изнесувала 1,5-2,5 м, температурата на водата 14,7 °C, а pH вредноста 6,1. Во најголем дел е обраснато со трска, шавар, жолта перуника и др.

Периодични езера[уреди | уреди извор]

Од периодичните природни езера на планината Галичица постои едно езеро кое што има полигенетско потекло, односно во неговото изградување улога одиграле флувијалната и карстната ерозија. На планината Галичица, во близина на Стари Завој, во месноста Езерце, во влажниот период од годината се формира периодично езерце, наречено Завојско Езеро.

Завојско Езеро

Завојското Езеро е формирано во изворишните делови на Рувче Река во теренот изграден од плочести варовници со рожнаци, кои се прекриени со делувијален нанос од метапесочници. Во средишниот дел се наоѓа мала вртача со пречник 50 sm и длабочина од 20 sm. Во сушниот дел од годината дното на езерото е обраснато со шамак. Според трагите од заезерувањето, утврдено е дека езерото е со должина од 41 м (во правец СЗ-ЈИ), максимална широчина од 28,8 м (во правец СЕ-ЈЗ) и длабочина од 30 sm. Површината на езерото во овие димензии изнесува околу 944,7 м2, а волуменот околу 283,4 м3. Во некои периоди од годината езерото делува како проточно, бидејќи низ него протекува повремениот водотек кој се спушта од падините јужно од него. Со вода се храни претежно од врнежите и стопениот снег, како и со вода од повремениот водотек на Рувче Река.

Повремени заезерувања[уреди | уреди извор]

После топењето на снегот, карстните полиња на планина Галичица, особено Ѓафа и Суво Поле се поплавуваат, по кратко време водата се повлекува, а во вдлабнатините и во алувијалните вртачи по дното се формираат заезерувања. Ваквите заезерувања се најчести во карстното поле Ѓафа. До нивно формирање најчесто доаѓа поради неможноста на понорите по дната на алувијалните вртачи да ја примат сета вода која што се слева во нив. Голем број од ваквите заезерувања се искористени за изградба на микроакумулации, за коишто ќе стане збор нешто подоцна. Овие заезерувања не се целосно истражени и целосно евидентирани. Првото вакво заезерување се наоѓа веднаш после локвата Ѓафа, движејќи се кон југ, кој всушност претставува алувијална вртача со понор којшто не може целосно даја прими водата од стопениниот снег. При мојата посета на 02. 04. 2004 истото имаше кружен облик со должина 3,9 м, широчина 3,4 м, длабочината изнесуваше 0,8 м, но се забележуваа траги од поголемо заезерување со пречник околу 10– 11 м. Температурата на водата изнесуваше 16,3 °C, а pH вредноста 6,9. При мојата втора посета на 09. 04. 2004 г. водата беше целосно повлечена, а вртачата беше сува. Останатите локации се во близна на локвата Црвена Земја, помеѓу локвите Црвена Земја и Долна (кое што има специфичен бубрежест облик) и јужно од локвата Долна. Според кажувањето на Ристо Ламбески од с. Елшани, типично заезерување се формира во чиниестата алувијална вртача-понор во централниот дел на карстното поле Суво Поле. Имено снегот кој што се топи од околните падини на Суво Поле прави водотеци, од кои најголеми се оние од Бугарска Чука (1801 м) и од долината кај Мечкина Локва. Водите коишто се слеваат во вртачата прават заезерување, а поради понирањето водата во него постојано кружи. Вртачата е со пречник од 50 м и длабочина од 2,5 m, а истата месното население ја нарекува Црвена Земја (овде треба да се направи разлика со микроакумулацијата Црвена Земја во карстното поле Ѓафа). Поради специфичните климатски појави во последните 30-тина години, оваа појава не е забележана. Јужно од селото Илино, во месноста Влек се формира вакво повремено заезерување со пречник од 6–7 м кое што со вода се храни од дождовите и топењето на снеговите. за негово искористување во непосредна близина е изградено хранилиште за дивеч.

Вештачки езера[уреди | уреди извор]

Во подножјето на планината Галичица се јавува само една мала акумулација, а додека за изградба се планирани уште две мали акумулации коишто би служеле за наводнување. За напојување на стоката во високопланинските делови на планината Галичица во 30тите години на XX век се изградени повеќе микроакумулации.

Мали акумулации[уреди | уреди извор]

Малата акумулација Рудник или Езерце всушност претставува напуштен површински коп на јаглен. Создадено е во почетокот на 80-те години на XX век со експериментален коп на јаглен во плиоцените седименти од страна на текстилната фабрика “Преспатекс” – Ресен. Езерото има неправилна трапезоидна форма со должина 150 м, широчина 78 м, максимална длабочина од 16 м, при што зафаќа површина од околу 9 360 м2 и волумен од 149760 м3 вода. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 18,4 °C, а pH вредноста 6,4-6,5. Во западниот дел е обраснато со трска. Водата од езерото се користи за наводнување и спортски риболов на крап, со којшто истото е порибено. Со вода се храни од изданот во којшто е всечено, како и со вода од врнежи.

Во сливот на Боунска Река се планира изградба на мала акумулација со височина од 18 м, широчина на круната од 3 м, должина 135 м и вкупна запремнина од 720 000 м3 вода од кои 546 000 м3 вода би била корисна вода, а 15 550 м3 вода како мртов простор. Водата од оваа акумулација во основа ќе се користи за наводнување на 270 ha земјоделски површини засадени со овоштарници, како и за добивање на електрична енергија, во одредени случаи за рибарство и други потреби.[7] Во сливот на Источка Река исто така се планира изградба на мала акумулација, со височина на браната од 18 м, корисна зафатнина од 700 000 м3 вода. Водата од оваа акумулација ќе се користи за наводнување на 208 ha обработливи земјоделски површини, пред сè засадени со овоштарници и за други потреби.[7]

Микроакумулации[уреди | уреди извор]

Поради недостатокот на вода за напојување на стоката во високопланинските предели на Галичица, по директна наредба на Кралот на Југославија, во 30тите години на XX век се изградени поголем број на микроакумулации. Овде се напасувале преку 100 000 грла овци. Како локации се избрани местата каде што повремено се заезерувала водата по дната на карстните полиња, во скарстените речни долини, како и во поголемите вртачи. Истите се градени со наизменично редење на слоеви црвеница и волна и набивање со помош на коњи. При секое напојување стоката се пуштала низ локвите за дополнително да се набие подлогата, па така истите и се самоодржувале. Во текот на 50тите и 70тите години од XX век се извршени одредени санациони зафати, изградени се пумпи и бетонски водопоила. Но некои санациони зафати довеле и до нивно оштетување. Микроакумулациите на број ги има 23 од коишто 9 постојано имаат вода, 7 имаат периодично вода, а 7 имаат повремено или воопшто не држат вода. Од нив една е ѕидана, две се ѕидано-земјени, 4 се бетонирани (чијшто средиштен дел е во вид на бунар и имаат заштитен прстен од ѕидани камења), а останатите се земјени. Микроакумулациите народот ги нарекува локви. Подолунаведените локви се опишани во правец од север кон југ.

Црвена локва (или Црвена Земја) на сртот на планината
  • Петринско Поле се наоѓа на дното на една голема вртача под котата 1542 м. Таа е од земјен тип, кој со вода се храни од непосредната сливна површина, а поради неодржување и запуштеност, вода има само за време на топењето на снегот. Локвата има елипсоидна форма, со димензии 48 м должина, 27m ширина, а максималната длабочина изнесува 1 м. Нејзината површина изнесува 1 036,8 м2.
  • Горни Исток е сместена во полето кое се наоѓа помеѓу врвовите Бигла и Црвен Камен, на самиот пат кој води кон врелото Горни Исток, на 200 м од чешмата Горни Исток. Оваа микроакумулација е од земјен тип со елуипсовидна форма, со должина 23,3 м, широчина 13 м, длабочина 0,9 м и површина 242,32 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 26,3 4 °C, а pH вредноста 7,1. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од изданот во којшто е всечена. Во голема мера е исполнета со нанос и обрасната со барска вегетација и постојано има вода.
  • Џафа (Ѓафа) е сместена во североисточниот дел на карстното поле Ѓафа. Таа е од ѕиданоземјена со димензии: должина 57 м, широчина 40 м, длабочина преку 1 м (месец април) иповршина од 1 824 м2 . Во 2004 година температурата на водата изнесувала 55,7 4 °C, а pH вредноста 6,9. Со вода се храни од непосредната сливна површина, изворот Ѓафа, како и од преливот на блискиот бунар. Во јужниот дел е изградена пумпа со бетонски корита за напојување на стоката, а северно од неа има бунар. Околниот ѕид е доста оштетен. Таа постојано има вода.
  • Црвена Земја (Дупкана) е сместена во централниот дел на полето Ѓафа, во месноста Дупкана. Таа е најголема микроакумулација на Галичица, а е изградена од набиена црвеница, од каде што доаѓа и името. Долга е 86 м, широка 52 м, длабока 0,5 м, а има површина од 3 577,6 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 11,7 °C, а pH вредноста 7,4. Со вода се храни од стопениот снег и дождовите што се слеваат од полето Ѓафа.
  • Долна Локва е сместена во јужниот дел на полето Ѓафа, во месноста Долна. Таа има облик на латинската буква “V” бидејќи е доста оштететна од возилата кои во летниот период, кога таа е сува, низ неа си направиле пат, при што е оштетен долниот заштитен слој. Долга е 75 м, широка 30 м, длабока 0,4 м, со површина од 1 800 м2. Во 2004 година температурата изнесувала 15,9 °C, а pH вредноста 6,6. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од преливот на блискиот бунар.Вода има периодично.
  • Горна Локва (Дива Јасика) се наоѓа во месноста Дива Јасика и е од бетонски тип. Нејзината должина изнесува 25 м, широчината 20 м, максималната длабочина во средишниот бунарест дел изнесува 2,5 м и има површина од 400 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 22,6 °C, а pH вредноста 7,2. Таа постојано има вода. Во нејзина непосредна близина има и бунар.
  • Самоска Локва (Асан Ѓура) е сместена во карстното поле Асан Ѓура, на планинарската патека којшто води од планинарската куќа кон Самоска Пештера. Таа е од земјен тип и има кружна форма. Нејзината должина изнесува 37,8 м, широчината 37 м, длабочината 0,5 м, и има површина од 1 118,9 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 14,7 °C, а pH вредноста 7,6. Со вода се храни од непосредната сливна површина и има постојано вода.
  • Симонческа Локва во карстното поле Асан Ѓура, во полето помеѓу Гребенине и котата 1527 м. Таа е од ѕидан тип и има елипсовидна форма. Нејзините димензии изнесуваат должина 22 м, широчина 11 м, длабо;ина од 2,5 м и површина од 193,6 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 9,0 °C, а pH вредноста 6,5. Со вода се храни од изданот во којшто е всечена, како и од преливот на блискиот бунар. Во пролетниот дел на годината таа е од проточен тип, каде водата што истекува од неа понира во блискиот понор. Околу неа има пумпа со бетонски корита, а помеѓу бунарот и неа има земјени корита. Вода има постојано.
  • Студино I е сместена во увалата Студино. Има траголна форма, сместена е во близина на бунарот Студино и е од земјен тип. Околу неа се забележуваат траги од поголемо заезерување. Нејзината должина изнесува 9 м, широчината 8 м, длабочина 0,4 м, има површина од 75,6 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 16,1 °C, а pH вредноста 7,7-7,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од преливот на блискиот бунар. Вода има периодично.
  • Студино II е сместена во централниот дел на увалата Студино. Таа е од земјен тип со елипсовидна форма. Нејзината должина изнесува 54 м, широчина 30 м, длабочина 0,5 м, и има површина од 1 296 м2. Во 2004 година температурата на водата изнесувала 16,8 °C, а pH вредноста 7,7. Со вода се храни од непосредната сливна површина, а во нејзина близина се наоѓа бунареста вртача која што најверојатно е продолжение на пештерата Самоска Дупка. Вода има периодично.
  • Студино III е сместена јужно од Студино II. Таа е од земјен тип со елпосовидна форма. Нејзината должина изнесува 51 м, широчина 26 м, длабочина 0,45 м, и има површина од 1 060,8 м2. Во април 2004 година температурата на водата изнесувала 20,7 °C, а pH вредноста 7,7-7,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина, а вода има само периодично.
  • Студино IV е сместена југоисточно од Студино III. Таа е од земјен тип со кружна форма. Нејзината должина изнесува 20 м, широчина 15 м, длабочина 0,3 м, и има површина од 240 м2. Во април 2004 година температурата на водата изнесувала 24,3 °C, а pH вредноста 7,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина, а вода има само периодично.
  • Два Бунари е сместена во месноста Два Бунари во една длабока вртача. Таа е од бетониран тип со бунарес дел во центарот. Обликот и е кружен со пречник 10 м, длабочина 1 м, и има површина од 80 м2. Во април 2004 година температурата на водата изнесувала 1 °C, а pH вредноста 6,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина и од преливот на блискиот бунар, а вода има периодично. Во околината има ѕидана ограда од камен и бетонски корита за напојување на стоката.
  • Мечкина Локва е сместена во шумата Косто Бачило и југозападниот дел од Суво Поле. Таа е од земјен тип со кружна форма. Нејзината должина изнесува 14,5 м, широчина 13,6 м, длабочина 0,6 м, и има површина од 157,8 м2. Во мај 2004 година температурата на водата изнесувала 11,9 °C, а pH вредноста 7,2-7,3. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од блискиот бунар, а вода има преку целата година.
  • Косто Бачило е сместена во месноста Косто Бачило и е од бетонски тип со бунарен средиштен дел и ограда од камен и бетон. Таа има пречник од 18 м, длабочина 2 м, со површинаод 259,2 м2. Во јуни 2004 година температурата на водата изнесувала 23,5 °C, а pH вредноста 7,3. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од преливот на блискиот бунар. Таа е исполнета со нанос и во поголемиот дел е обрасната со барска вегетација. Вода држи преку целата година. Во нејзина близина има бетонско корито и ѕидан бунар.
  • Црвен Камен е сместена во месноста Црвен Камен и е на најголема надморка височина од околу 1870 м. Таа е од земјен тип со кружна форма со пречник 36,7 м, длабочина 1,5 м, и има површина од 1 077,5 м2. Таа во минатото држела вода преку цела година, а птици доаѓале дури од Охридското Езеро. Меѓутоа, месното население сакајќи да го исчисти наносот од неа, го оштетило заштитниот слој и истата сега не држи вода. Во нејзина близина има бунар.
  • Зли Дол е сместена десно од превојот Галичица (1600 м) во бунарестата вртача Зли Дол. Таа е од бетонски тип со кружна форма и бунарест дел во средината. Нејзината должина изнесува 20 м, широчина 19 м, длабочина 1,5 м, и има површина од 304 м2. Во април 2004 година температурата на водата изнесувала 8,7 °C, а pH вредноста 8,3. Со вода се храни од непосредната сливна површина, и вода има преку целата година.
  • Липова Ливада се наоѓа на патеката кон врвот Магаро во месносна Липоња и е доста оштетена, па не држи вода и тешко може да се утврди нејзината локација.
  • Глајшо е сместена увалата Поле до црквата Св.Спас. Целото поле во пролетно време е заезерено. Таа е од земјен тип со кружна форма со пречник 33 м, длабочина 0,6 м, и има површина од 871,2 м2. Во мај 2004 година температурата на водата изнесувала 22,3 °C, а pH вредноста 7,6. Со вода се храни од непосредната сливна површина, изданот во полето и преливот од блискиот бунар. Вода има само периодично. Во поголем дел е обрасната со трева, а во средишниот дел со барска вегетација, па затоа тешко се одредуваат нејзините граници.
  • Св.Атанасие е сместена под манастирот Св.Атанасие, кај селото Љубаништа. Таа е од ѕидано-земјен тип со елипсовидна форма. Нејзината должина изнесува 20 м, широчина 6 м, длабочина 0,5 м, и има површина од 96 м2. Во август 2004 гиодина температурата на водата изнесувала 10,9 °C, а pH вредноста 7,0-7,1. Таа е од проточен тип. Водата се користела за наводнување на Љубанишко Поле. Со вода се храни од изворите коишто се во неа и еден извор од страна.
  • Војтина I, II и III се наоѓаат во месноста Војтина, под изворите Крека и Попов (Велички) Клајнец. Поради близината на граничната линија тие се запоставени, обраснати со трева, не држат вода и тешко можеше да се утврди нивната локација.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Класификација на езерата во Република Македонија според начинот на постанок на езерските басени; Географски разгледи, кн. 30, стр. 71-79, Скопје
  2. Стојадиновиќ Ч. Шапкарев Ј. (1962): Врелото на Црниот Дрим ("Острво") кај манастирот Св.Наум; Географски зборник, кн. III, стр. 27-46, Скопје
  3. Цвијић Ј. (1911): Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије; Књ. III, Српска Краљевска Академија, стр 689-1272, Београд
  4. Ановски Т. и др. (1987): Востановување на потеклото на водите од изворите на Дрим кај св. Наум, Охрид; Центар за примена на радиоизотопи во науката и стопанството, стр. 1-39, Скопје.
  5. Јаковљевић Ј. С. (1933): Преспанско Језеро; Гласник Скопског Научног Друштва, св. XIX, стр. 76-94, Скопље
  6. Стојмилов А. (2003): Физичка географија на Република Македонија; ПМФ, стр. 1-320, Скопје
  7. 7,0 7,1 Група автори (1990): Извештај за проектот Пелистер и Галичица природни и социогеографски истражувања; ПМФ, стр. 1-348, Скопје