Галичка свадба
Галичка свадба или Петровденска галичка свадба — манифестација која се одржува секоја година на Петровден (12 јули) во селото Галичник на Бистра. Богата е со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови. Галичката свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија-изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од галичко семејство.
Обичаи
[уреди | уреди извор]Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чукањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Во Галичник сега живеат само два житела, но на Петровден има над 5000 посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.
Историја
[уреди | уреди извор]Според архивски податоци иницијативниот одбор во 1962 година донел одлука да се формира нова културно-туристичка манифестација. Првата Галичка свадба била одржана во 1963 година, а според очевидци, имало илјадници луѓе како публика. Наредната година поминала до помал број посетители заради лошото време. Во наредните години манифестацијата не се одржала, сè до 1973 година кога се изградил асфалтен пат до Галичник. Во тие години сите учесници во манифестацијата биле статисти. Првата вистинска венчавка се одржала во 1991 година, кога младоженците навистина биле венчани во црквата во Галичник. Оттогаш до денес „Галичка свадба“ се одржува секоја година, освен во 2001 година, поради вооружените конфликти во Македонија. Но и тогаш, пред селската чешма било симболично изведено орото „Тешкото“.[1]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Невестата на коњ влегува во домот на младоженецот. Фотографија од 1930-те години
-
Циганска музика како дел од Галичка свадба од 1930-те години
-
Традиционални облеки за Галичката свадба
-
Оро на Галичка свадба
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Зошто Галичка свадба никогаш нема да биде под заштита на УНЕСКО на семрежното место на Факултети
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Галичка свадба Архивирано на 2 ноември 2019 г.
- Галичка свадба на Ризницата ?