Гаврил Константинович

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Гаврил Константиновиќ)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Gavril Konstantinovich2.jpg
Роден 4 април 1881
Смрдеш, Костурско, Османлиска империја
(денес Грција)
Починал 1 септември 1918(1918-09-01) (воз. 37 г.)
Мурманск, Русија


Димитрија Чуповски, Наце Димов и Гаврил Константинович во Санкт Петербург, сликани на 21 март 1913 г.

Гаврил Константинович (родено име: Гаврил (Гавро) Костадинов Тасев; 4 април 1881[1] - 1 септември 1918) — македонски лекар, национален деец и учесник во Октомвриската револуција.

Биографија[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Роден е 1881 година во с. Смрдеш, Костурско. Основно и дел од гимназиското образование го стекнува на грчки јазик. Во 1897 година преминува во Белград, каде го завршува гимназиското образование. Во 1901 година го продолжува своето образование на Воено-медицинската академија во Петроград. Во Петроград во 1902 година станува член на Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ и е избран за негов потпретседател. По избувнувањето на Руско-јапонската војна, зема учество во неа како санитетско лице и добива медал на Црвениот крст и воен медал.

Воено-медицинската академија ја завршува во 1907 година, по што служи како лекар на Средно-азиската железница (1909-1910) и во Харбин, Манџурија (1910-1911), каде учествува во сузбивањето на чумата.

Балканските војни[уреди | уреди извор]

Во 1912 година, како руски поданик, заминува со уште неколку руски лекари за Црна Гора, каде што е назначен за управител на руската воена болница во Цетиње. Зема учество како лекар во Првата балканска војна и за своите заслуги го добива црногорското одликување, Данилов крст од III степен. По потпишувањето на примирјето, во јануари 1913 година е повлечен во Русија, каде на 1 март и 7 јуни 1913 година станува еден од потписниците на Меморандумите на македонската емиграција во Петроград со кои се бара формирање на независна македонска држава.

Првата Светска војна[уреди | уреди извор]

По избувнувањето на Првата светска војна е мобилизиран и како воен лекар е испратен со руските војски во Прусија. Во мај 1915 година како руски лекар е испратен во Србија. Во битката кај Лесковац со бугарската војска е ранет, но не ја напушта војската и, заедно со српската војска, преку Албанија се префрлува на Крф. За своите заслуги е одликуван со орденот Свети Сава III степен.

Поради повредата заминува за Петроград. Откако се опоравува, стапува во Првата српска доброволечка дивизија во Русија и учествува во борбите во Добруџа. Поради судир со раководството на дивизијата, се повлекува од дивизијата и на 15 февруари 1917 е испратен во Елисаветград да ги лекува српските бегалци и доброволци.

Руската револуција[уреди | уреди извор]

Поради напорната работа, повторно се разболува и преминува во Петроград, кој во тоа време е жариште на Руската револуција. Им се приклучува на болшевиците и на 10 јули 1917 година пишува „Отворено писмо од јужно-словенски револуционер до предавниците на Русија и на словенството“, насочено против меншевиците и есерите.

Откако му се подобрува здравствената ситуација, заминува во градот Кем, каде од почетокот на август работи како лекар во составот на персоналот при дирекцијата за изградба на Мурманската железница. Во Кем го затекнува избувнувањето на Октомвриската револуција. Константинович се приклучува на новата револуционерна власт и станува член на Извршниот комитет на Советот на работничките и воените депутати во Кем, како комесар за народно здравје. По започнувањето на Руската граѓанска војна, интервенционистичките сили на Антантата го заземаат Кем и околните места, при што во првите денови на јули 1918 година е уапсен и Константинович. Ставен е под истрага на Првата српска доброволечка дивизија. Како една од точките на обвинението е и тоа дека Константинович не се признавал како Србин, туку кажувал дека е „Славјан – Македонец“.

Смрт[уреди | уреди извор]

На барање на англиската војска во Мурманск, Константинович во придружба на двајца српски војници е испратен со воз во Мурманск, но по патот, наводно при обид за бегство, е убиен на 1 септември 1918 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, 730 стр.
  • Данчо Зографски „Македонецот Д-р Гаврил Константинович во Октомвриската револуција“ во „За македонското прашање“, „Мисла“, Скопје, 1990, 453-474 стр.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]