Вурмберг (Харц)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вурмберг
Вурмберг со скокалницата
Највисока точка
Надм. вис.971 м
Истакнатост182 м
Матичен врвБрокен
Географија
Вурмберг на карта

Карта

ПокраинаDE-NI
Матичен венецХарц
Вурмберг погледнат од Ахтерман
Каменолом на Вурмберг
Скокалницата на Вурмберг во 2006 година
Клајне Вурмбергклипе близу средната станица на жичницата

Вурмберг (германски: Wurmberg) — втор највисок врв на планинскиот масив Харц со височина од 971 метар, кој е сместен во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија.

Географија[уреди | уреди извор]

Вурмберг се наоѓа северно од градот Браунлаге, во округот Гослар и западно од местото Ширке. Врвот се наоѓа јужно од Брокен и околу 400 метри јужно од покраинската граница со Саксонија-Анхалт. Двата врва се разделени со долина.

Природен резерват Вурмберг[уреди | уреди извор]

До октомври 2006 година, Вурмберг се наоѓал во Природниот резерват Горен Харц (Naturschutzgebiet Oberharz). Оттогаш, две области со вкупна површина од 183 хектари на запад и југозапад биле прогласени за Природен резерват Вурмберг.

Вурмбергклипен[уреди | уреди извор]

На јужната падина на Вурмберг се наоѓаат две специфични карпи или Вурмбергклипен (Wurmbergklippen), кои се едни од многуте на Харц:

  • Гросе Вурмбергклипен (Große Wurmbergklippe) на височина од 824 метри и се прогласени за природен споменик; се наоѓаат околу 220 метри западно од жичницата Вурмберг помеѓу горната и средната станица.
  • Клајне Вурмбергклипен (Kleine Wurmbergklippe) на височина од 690 метри; се наоѓаат помеѓу средната и долната станица на жичницата на околу 100 метри во густа шума.

На самиот врв се наоѓа триаголна карпа (Opferschale или Zwergenmolle), за која постојат многу легенди, главно за „Дивиот ловец“ (Wilden Jäger).

Историја[уреди | уреди извор]

Името Вормберх (Wormberch) се појавило во XIII век во документите на Грофовијата Регенштајн-Бланкенбург во врска со ископувањето на железо. Во XIX век, врвот сè уште бил нарекуван Вормсберг (Wormsberg) или Вормберг (Wormberg), но подоцна името малку се изменило.

Околу 1850 година била поставена првата геодетска точка за да помогне во надгледувањето на планините Харц. Била заменета во 1890 година со дрвена кула, исто така користена за тригонометриски мерки, која стоела таму до 1930 година. Во 1922 година била изградена дрвена скокалница со 28 метри висока кула, која служела и како набљудувачница. Од 1950-тите години постоел ресторан до кулата. Внатрегерманската граница која била поставена помеѓу Западна и Источна Германија во текот на Студената војна, поминувала само неколку стотици метри северно и источно од врвот.

Во текот на Студената војна постоела прислушна станица на врвот. Во 1972 година, американската тајна служба изградила 81-метарска кула, „Северна кула“ на Вурмберг за надгледување и прислушување на информации.[1] Оваа кула била срушена на 22 август 1994 година, а нејзината опрема отстранета.

Од 1963/65 година, жичницата на Вурмберг започнувала од Браунлаге до врвот. Изградбата на жичницата била изведена во две фази; во 1997 година била целосно обновена.

На врвот се наоѓа станица за мерење на квалитетот на воздухот во Долна Саксонија, една од 25. такви станици.

Од септември 2007 година постои аматерско радио на највисоката планина во Долна Саксонија, кое било наречено DB0WUR. Радиото може да се слушне во големи делови на покраините Долна Саксонија, Тирингија, Хесен и Саксонија-Анхалт.

Историски камени градби[уреди | уреди извор]

Врвот Вурмберг изобилува со разновидност на чудни камени градби кои долго време биле сметани за остатоци на древната претхристијански светилишта, стари и по неколку милениуми.

Долгите прави скали од неделкан камен започнуваат на височина од околу 90 метри над рудникот за железо на источните падините на планината и водат до работ на врвот. Овие скали се познати како „скали на голетот“ (Heidentreppe), иако порано биле нарекувани и „вештерски скали“ (Hexentreppe).

Во 1856 година, Хајнрих Преле објавил во неговите „Легенди за Харц“, дека продолжувајќи по права линија од скалите, постоела камена патека која водела до куп камења. Кога ги собрал приказните од Горен Харц во 1851 година од жителите на Браунлаге, раскажале дека постоел пагански храм на тоа место.

Помеѓу 1949 и 1956 година, Валтер Новотниг (1907–1971) извел неколку археолошки ископувања на Вурмберг. Збирката на легенди на Преле го засилила неговото сомневање дека легендата за овие скали ја започнал човек по има Дауберт, шумар кој живеел во Браунлаге околу 1825 година и таа повеќе не била одржлица. Ископувањата на Новотниг повторно ја откриле камената патека и исто така откриле на крајот на патеката, окружен бедем со пречник од околу 10 метри, кој ги опкружувал урнатините на камената градба. Исто така, јужно од патеката, била најдена основа на мала округла градба. Во 2006 година бил пронајден поголем бедем на западниот крај на врвот. Новотниг не пронашол траги за староста на местото, поради што оттогаш е категоризирано како „праисториско место од непознат период“.

Брзо се појавиле ненаучни шпекулации, кои тврделе дека камените градби биле келтски светилишта. Квадратната градба во бедемот брзо била означена како храм, патеката како пат за процесија, камената тераса како верски театар, а урнатините на малата округла градба како вештерски олтар.

Од 1999 до 2000 година биле изведени други археолошки ископувања под водство на Михаел Гешвинде и Мартин Оперман. Резултатите на ова истражување потврдиле дека горните тврдења се претерани. Камената градба била основа на камена колиба изградена помеѓу 1820 и 1840 година од шумарот Дауберт. Урнатините на колибата и камената могила спомната од Преле биле користени во 1890 година за градба на гореспоменатата тригонометриска кула. Округлата градба првпат се појавила при градба на оваа кула како основа на кулата. На еден од камењата на „вештерските скали“ било пронајдено англиско копче од периодот околу 1800 година, што го потврдило тврдењето дека и скалите се дело на Дауберт. Веројатно и големиот бедем е дело на истиот шумар.

Гранитен каменолом[уреди | уреди извор]

Каменоломот на Вурмберг бил основан од Херман Бахштајн како дел од изградбата на железницата Јужен Харц околу 1899 година. Од 1 септември 1899 година (до 1958 г.) имало станица на подножјето на Вурмберг. Сировиот камен од каменоломот на Вурмберг бил пренесуван оттука на возови.

Станицата на Вурмберг првично била поврзана со долниот дел на каменоломот преку навалена железница. Каменот бил пренесуван преку контејнери со жица. Насипот на кој поминувале контејнери и денес е видлив долж целата должина.

Подоцна била изградна воздушна жичница над насипот. Основите за столбите се видливи и денес од дрвјата.

Во 1970-тите години, каменоломот бил затворен. Камениот ѕид во долниот дел на каменоломот (денес птичји резерват) и денес е видлив.

Зимски спортови[уреди | уреди извор]

„Роделхаус“ (Rodelhaus) близу средната станица на жичницата
Патеката „Кафехорст“ на Вурмберг
Западната страна на врвот

Роделхаус[уреди | уреди извор]

На половина пат на јужните падини на Вурмберг и 100 метри од средната станица од жичницата на Вурмберг се наоѓа „Роделхаус“ (Rodelhaus). Била користена како обична фарма пред отворањето на патеката за санкање (Rodelbahn) на почетокот на 1908 година. Сè уште е отворена како ресторан и е омилено одредиште за посетителите од Браунлаге. Патеката од 1500 метри започнува веднаш од Роделхаус и води кон долината, завршувајќи во ливада близу станицата на жичницата.

Скијање[уреди | уреди извор]

Постојат шест скијачки патеки на Вурмберг во вкупна должина од 12 километри. Покрај жичницата, постојат три ски-лифта, кои заедно имаат капацитет од 1700 патници на час. Патеките се со категории од лесна до тешка. Најдолгата е Зегдинг со должина од околу пет километри и висинска разлика од 400 метри.[2]

Скијачки скокови[уреди | уреди извор]

Постојат повеќе скокалници на Вурмберг.

Летни спортови[уреди | уреди извор]

Планинарење[уреди | уреди извор]

На ресторанот на врвот, Вурмберг Бауде (Wurmberg Baude) се наоѓа мерната станица бр. 156 од планирската патека Харц.

Велосипедизам[уреди | уреди извор]

Во текот на летните месеци, скијачките патеки се користат за велосипедизам, а покрај нив има и патеки низ шумите.[3] Патеките водат од ресторанот на врвот до жичницата во Браунлаге. Туристите можат да изнајмат планински велосипеди како и опрема и влезници на подножјето на Вурмберг во Браунлаге.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Изградбата на кулата започнала во 1972 година, била завршена во 1976 година од војската и НСА и била една од поголема мрежа. Кулата била висока 90 метри.
  2. http://www.wurmberg-alm.de/index.php?id=56 Архивирано на 22 декември 2013 г. Преглед на ски-патеките на Вурмберг
  3. http://www.bikepark-braunlage.de
  4. http://www.bikeshop-braunlage.de

Надворешни врски[уреди | уреди извор]