Вулканско поле — подрачје на Земјината кора подложно на месна вулканска активност. Не постои јасна дефиниција за типот и бројот на вулкани потребни да сочинат едно „поле“.[1] Вулканските полиња обично се состојат од групи со до 100 вулкани како згурни конуси. Може да се јават и лавини текови. Се среќаваат како моногенетски или полигенетски вулкански полиња.
Германскиот природонаучник Александар фон Хумболт во 1823 г. забележал дека геолошки младите вулкани не се рамномерно распределени по Земјината површина, туку се групираат во извесни региони. Младите вулкани ретко се среќаваат во кратони, туку се својствени за подрачја на подвлекување, раседни подрачја или во океански котлини. Меѓуплочните вулкани се групираат долж траги од врели точки.[2]
Во подрачја на вулканска активност, вулканските полиња се групи на вулкани со заеднички извор на магма.[3] За разлика од голем вулкан со потчинети отвори, отворите на вулканското поле имаат свој извор на магма, можеби со различен состав (како на пр. базалт и риолит), и овие отвори може да се протегаат по површина од илјадници квадратни километри.[4] Скориските конуси се особено подложни на групирање во вулкански полиња, чиј полупречник типично изнесува 30-80 км и имаат десетици илјади поединечни конуси. Необично големиот Трансмексикански Вулкански Појас има речиси 1000 конуси кои зафаќаат површина од 60.000 км2.[5]