Второканонски книги
Второканонски книги (латински: Libri Deuterocanonici) — поим во католичкото богословие што ги означува книгите од Стариот завет што биле вклучени во библискиот канон на Католичката црква подоцна од останатите библиски книги. Овие книги не биле вклучени во составот на Еврејската библија (Танахот) на крајот од I век, по разрушувањето на Вториот ерусалимски храм на заседанието на Синедрионот во Јавне, и не се дел од современата Еврејска библија.[1][2]
Напишани се во последните неколку векови пред новата ера. Повеќето од нив првично биле напишани на староеврејски, а веројатно и на арамејски јазик, но некои се напишани на старогрчки јазик. Сиве овие книги биле дел од грчкиот превод на Седумдесеттемина (Септуагинтата). Текстовите на овие книги на староеврејски јазик до денес или не се зачувани, или се зачувани само делумно.
Во католицизмот, овие книги се признати за боговдахновени (содржат непроменлива вистина), исто како и останатите книги од Библијата. Во православието, овие книги исто така се сместуваат во составот на Стариот завет, иако официјално не се вклучени во строгиот старозаветен канон (често се нарекуваат неканонски или поучни книги). Во протестантизмот, како и во јудаизмот, овие книги се сметаат за апокрифи и не влегуваат во составот на нивниот Стар завет, иако некои протестантски изданија на Библијата ги објавуваат во посебен дел.
Католичката црква овие книги ги признала за канонски на Трентскиот собор (1545 — 1563). Поимот „второканонски“ за првпат бил употребен од католичкиот богослов Сикст Сиенски во 1566 г. За книгите што влегуваат во составот на Еврејската библија, во католичката традиција се користи изразот протоканонски книги, израз што во македонскиот јазик речиси и не се користи.
Несогласувања околу книгите
[уреди | уреди извор]Уште од самиот почеток на историјата на Црквата (I–III век), се појавиле разлики во погледите кон обемот на старозаветниот канон кај отците и учителите на Источната и Западната црква.
Источните отци и учители (Јустин Философ, Мелитон Сардиски, Ориген), откако се запознале со содржината на еврејскиот библиски канон (Танах), цитирале и набројувале само книги од Танахот. Наспроти нив, претставниците на Западната црква во тој период не го знаеле еврејскиот јазик и не ја познавале содржината на еврејскиот канон. Тие ги изучувале старозаветните книги само преку старогрчкиот превод (Седумдесеттемина) и, не гледајќи разлика меѓу книгите од еврејскиот канон (протоканонски книги) и второканонските книги, сите ги сметале за еднакво авторитетни, односно како „божествено писмо“. Така, некои второканонски книги цитирале светителите Климент Римски, Иринеј Лионски, Кипријан Картагински и Тертулијан.
Овој став кон составот на старозаветниот канон во Католичката црква останал непроменет и во наредните векови. Второканонските книги не се набројуваат меѓу книгите на Стариот завет во 60-то правило на Лаодикискиот собор, во 39-то пасхално послание на Свети Атанасиј Александриски, ниту во 4-та катихизисна поука на Свети Кирил Ерусалимски (со исклучок на книгата на пророк Варух и Посланието на Еремија). Во 33-та песна на Свети Григориј Богослов, во Посланието на Свети Амфилохиј Икониски до Селевк и кај Свети Епифаниј Кипарски, ниту една од второканонските книги не е сместена во редот на книгите на Стариот завет.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Simpson, John A., уред. (1989). The Oxford English dictionary. Oxford: Clarendon Pr. ISBN 978-0-19-861186-8.
- ↑ Sanneh, Lamin (2016-05-03), Sanneh, Lamin; McClymond, Michael J. (уред.), „Bible Translation, Culture, and Religion“, The Wiley Blackwell Companion to World Christianity (англиски) (1. изд.), Wiley, стр. 263–281, doi:10.1002/9781118556115.ch21, ISBN 978-1-4051-5376-8, Посетено на 2024-04-27
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Второканонски книги“ на Ризницата ? |
- Prophecies in the Deuterocanonical books
- Protestants defending the Deuterocanonical books
- Defending the Deuterocanonicals by Jimmy Akin
- Five common arguments Protestants give for rejecting the Deuterocanonicals (webarchive link)
- Deuterocanon Use in New Testament
- Deuterocanonical books – Full text from Saint Takla Haymanot Church Website (also available, the full text in Arabic)
- The Apocrypha: Inspired of God? Архивирано на 9 март 2021 г.