Вруточко четвороевангелие

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вруточко четвороевангелие - 13-14 век

Врутошко четвороевангелие, српска редакција, босански тип, од XIII - XIV век.

Пергамент: Тенок, добро обработен пергамент, 17,9 х 11,5 см., 157 листови. Во ракописот постои оригинална кирилска пагинација. Целиот ракопис содржи 19 кватерниони од кои секој имал по 10 листа. Бројот на кватернионот е означен на првата страна на секој прв лист, и кирилска сигнатура на секој лист но недоследна. Скоро една третина од ракописот недостасува. При подоцнежното подврзување во XVIII или XIX век, ракописот е измешан, така што тешко може да се следи редоследот на текстот. Ракописот почнува со четврта глава, 13 стих од евангелието на Марко, а неколку сочувани листови од евангелието по Матеј се наоѓаат зад деловите на евангелието на Јован. Десеттиот кватернион се наоѓа за XIX кватернион, а овај зад XI, после кој доаѓаат два листа од кватернион IV.

Писмо: По 22 реда на полна страница. Убаво уставно писмо од босански тип. Правописот е со малиот ер. Нема ѥ, ꙗ, ъ и ѡ освен во лигатурата ѿ. Нема надредни и интерпункциски знаци. Употребено е црно мастило во текстот, а насловите и почетните букви се црвени. Се среќаваат почетни букви и со зелено мастило.

Водени знаци: N/A

Орнаментика: Првите листови на евангелијата по Матеј, Марко и Лука се искинати и не се знае дали орнаменти и иницијали имало. Сочувани се само следниве орнаменти: на л. 125‛ (пред описот на главите по Јован) правоаголно знаменце (9 х 4,4 см.) со четворолиниски рамки, со три круга внатре исполнети со осмокраки ѕвезди. На л. 126‛ даден е симболот на евангелистот Јован - орел во лет со ореол околу главата. Ореолот е врамен во правоаголна рамка 12,8 х 8,9 см. На л. 127 пред почетокот на евангелието по Јован се наоѓа знаменце 9,5 х 6,3 см. со рамки од двојни плетенки и јазли, а во средината на зелено поле цртеж во форма на пеперутка. Во ист стил, почетната буква И висока 4,5 см. украсена со плетенки со доза на првичност. Во сите орнаменти и во иницијалот употребено е киновер, црно мастило, жолта и зелена боја.

Повез: Картон завиткан во кафена кожа. Кожата е орнаментирана со рамки и резетки како во рамките така и во средината на предната и задната корица.

Содржина: Четвороевангелие.

Потекло: Од записите може да се види дека овој ракопис во XVIII век се наоѓал во манастирот Св. Троица кај Плевље. Нешто подоцна се наоѓал во манастирот Св. Архангел Михаил, а во XIX век се наоѓал во с. Вруток - Гостиварско. Ракописот го нашол Радослав Грујиќ во фамилијата Попови во с. Вруток - Гостиварско во 1937 година.

Локација: Ракописот после долго лутање, се чува кај Добривое Поповски во Скопје, а во моментот се наоѓа во НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје каде е регистриран, микрофилмуван и можеби ќе остане депониран.