Време на презир
Автор | Анджеј Сапковски |
---|---|
Изворен наслов | Czas pogardy |
Земја | Полска |
Јазик | полски |
Серијал | Вештерот |
Жанр | Фантастика |
Медиум | Печатено издание |
Страници | 352 |
ISBN | 978-0-575-09094-1 |
Претходна | Виленичка крв |
Следна | Огнена крштевка |
Време на презир (полски оригинален наслов: Czas pogardy, првиот наслов бил преведен помалку буквално како Време на гнев) е вториот роман во сагата Вештерот напишан од страна на полскиот писател за фантастика Анджеј Сапковски, првпат објавена 1995 година во Полска, и 2013 година на англиски јазик. Тој е продолжение на првиот роман од Вештерот, Виленичка крв (Krew elfów) и е проследен од Огнена крштевка (Chrzest ognia).[1]
Заплет
[уреди | уреди извор]Приказната во Време на презир започнува таму каде што претходната книга завршува. Северните кралства тајно подготвуваат провокација што ќе им даде изговор за војна со Нилфгард. Тоа што кралевите не го знаат е фактот дека Императорот е свесен за нивните планови и дека ги подготвува своите војски исто така.
Читателот ги доловува Сири и Јенефер, кои го напуштиле Храмот во Еландер, и се на пат кон Горс Велан, и на крајот до островот Танед. Намерата на Јенефер е Сири да биде запишана во школата за магија Аратуза и таа да ја продолжи својата настава за употреба и совладување на магијата.
Откако пристигнуваат во Горс Велан, Јенефер оди да го види нејзиниот стар пријател Џанкарди Молнар, џуџе банкар. Тој ја информира волшебничката дека нејзините финансиски движења се следат, на што веќе се сомневала Јенефер. Молнар, кој има стара обврска кон Јенефер, организира во суштина неограничен кредитна сметка за неа и прави неколку финансиски префрлања за да ги покрие трошоците за образованието на Сири. Тој и Јенефер исто така се согласуваат да и дозволат на Сири да го види градските зданија, придружувана од еден од верните вработени кај Молнар, нејзиниот врсник, Фабио Сакс.
За време на нивната прошетка, работите брзо излегуваат од контрола, во смисла на еден вирен што избегал од кафез. Во следната вознемиреност, Сири помешана за едно од десетина студентки кои неодамна "избегале" од Аратуза во пресметката, каде што таму се водела конференција на маѓепсници. Таа е приведена од не помалку од поранешниот и сегашниот управител на академијата, Тесеја де Врис и Маргарита (Рита) Лаукс-Антил, откако таа употребува волшебна заштитна амајлија што и е дадена од Јенефер во случај на итност.
Најпрвин, волшебничките не веруваат во приказната на Сири, но на крајот на краиштата, девојката и Фабио успеваат да ги убедат управителките да ја проверат нивната приказна во банката и работите брзо се потврдени од Јенефер и Џанкарди. Трите волшебнички потоа решаваат да разговараат за настаните во гостилницата „Сребрен жераф“, земајќи ја Сири со нив и оставајќи го кутриот Фабио да се справи со својот работодавец.
Во гостилницата, Тесеја и Рита го изнајмиле сиот таван кој е всушност бања и четирите „дами“ се одмараат таму за да се опуштат и да разговараат. Се чини дека и Рита и Тесеја, особено Рита, ги имаат сите намери да им се заарни и да се испијанат, а Сири е испратена да го надополни нивниот бокал вино не многу долго откако ќе пристигне.
Додека се снабдува со освежувања, Сири забележува платеник (Рајла) која му наредува на гостилничарот да отвори задна врата за неа - врата која води директно кон надворешните sидини на градот, заобиколувајќи ги главните порти и чуварите. На нејзиното второ "патешевствие" за полнење на бокалот, Сири го користи своето ново стекнато знаење и бега за да го види Гералт за кого и е кажано дека е во Хирундум, недалеку од Горс Велан. Додека е во бегство, на Сири и ’се приближува Дивиот лов кои и бараат да им се придружи, но таа одбива. Јенефер, за среќа, не е далеку од таму за да ги одврати. Сепак, бегството на Сири им дава можност на Гералт и на Јенефер да се сретнат повторно и да ги средат работите во нивната врска пред тројцата заедно да заминат за Островот Танед.
На островот, работите се напнати. Девојките се привремено преместени од вообичаеното сместување од Аратуза во Локсија, најниското ниво на комплексот бидејќи самото училиште се користи за сместување на волшебниците и волшебничките. Таа вечер, Јенефер го носи Гералт како придружба на приемот, оставајќи ја Сири во нејзината соба и осигурувајќи дека нема да излезе по вторпат користејќи магија.
На приемот, Гералт се среќава со неколку интересни личности, но посебно тој се запознава со Вилгефорц маѓепсникот. Маѓепсникот се смета за многу млад (што секако е нешто помалку од 100 години за маѓепсници, но тој повеќе личи на 35 годишен), тој исто така се смета дека е особено талентиран, но како што Гералт открива од него, неговиот пат да стане маѓепсник не бил баш вообичаен пат. Волшебникот бил напуштен како бебе и бил земен и воспитан од друиди. Дури до полнолетство станал маѓепсник, што тој го потенцира со одреден акцент кон вештерот. Тој дури оди дотаму што се обидува да го охрабри самиот Гералт да стане маѓепсник, но вештерот одбива. Вилгефорц, исто така, навестува дека борбата за моќ е неминовна и дека Гералт треба да избере страна. Вилгефорс сака Гералт да склучи пакт со него, но Гералт одбива, истакнувајќи ја неговата неутралност.
Дајкстра, главен шпион на Визимир, кралот на Реданија, исто така неуспешно се обидува да го искористи вештерот. Гералт дури одбива да му даде информации.
По приемот, Јенефер и Гералт се прибираат во нивната соба и повторно се поврзуваат на поинтимно ниво. После многу плодно соединување и малку сон, вештерот се буди со нагон за уринирање, но во склад со месните домаќини, одлучува да се олесни во саксиите за цвеќе надвор од прозорецот и одлучува да го пронајде дворот. Ова е кога тој наидува на пучот, што веќе се случува. Филипа Ејлхарт, волшебничка, која исто така работи за кралот на Реданија и Дајкстра го организираат пучот и планираат да ги откријат предавничките маѓепсници кои работат за императорот Емир од Нилфгард.
Во последователната збунетост дознаваме дека Јенефер ја одвела Сири пред Поглавјето по барање на Тесеја и девојчето започнува да пророкува. Сири го открива атентатот врз кралот на Реданија од минатата ноќ; и Демавенд, кралот на Ејдирн, поради претпазливост започнал напад врз Нилфгард. Интересот на Северните кралеви за водење војна против Скоја'тeл во комбинација со откритијата на Сири ја разлутиле Тесеја, која е против ваквото насилство. Таа ја деактивира забраната за фрлање магии во училиштето и се здружува со Вилгефорц во врска со ова прашање, што доведува до смртоносна битка меѓу маѓепсниците.
Во меѓувреме, Гералт бега од Дајкстра, откако го оставил лут и повреден. Гералт брза за да ги спаси Јенефер и Сири во училиштето. Во хаосот што следува, Јенефер и Гералт се борат против напаѓачките Скоја'тел кои го поддржуваат Вилгефорц, додека Сири бега од местото на настанот. Црниот јавач што ја мачи Сири во нејзините соништа, се испоставува дека е Кејхир, нилфгардски војник, кој се обидел да ја придружува Сири од Цинтра која гори, на безбедно. Гералт конечно се соочува со Вилгефорц, кој бара од Гералт да му се придружи на негова страна, под императорот Емир, како велики господар. Гералт одбива и настанува борба во која Гералт е убедливо поразен и тешко ранет. Тесеја конечно ја сфаќа својата грешка и заедно со помошта на Трис Мериголд го одведува Гералт на безбедно.
Императорот Емир сакал да се распадне Поглавјето на маѓепсниците бидејќи волшебниците и маѓепсниците биле причината за неговиот пораз во Битката кај Ридот Соден. Распаѓањето на Поглавјето и војната што следува ја совладува Тесеја и таа се самоубива. Набргу по настаните на Островот Танед, целосна војна избувнува со Нилфгард напредувајќи кон северот. Кралот Демавенд бега во Реданија додека Ејдирн, Ривија и Лирија убедливо паѓаат во емировиот зафат. Кралот Фолтест од Темерија прави договор со Емир и во моментот избегнува војна во Темерија. Во меѓувреме, лажна Сири е претставена пред нилфгардскиот император и тој јавно ги искажува своите планови да се ожени со неа, со намера да се покаже како вистински наследник и крал на Цинтра. По службеното претставување, Императорот им наредува на своите тајни и специјални служби да ја најдат вистинската Сири.
Сири бега преку нестабилен и опасен портал скриен во Кулата на галебите, за време на борбата на Гералт со Вилгефорц. Таа се буди во пустината Корат, на многумина позната како ’печката’ и едвај успева да остане жива, благодарение на помошта од еден еднорог. Кога се бори за опстанок, таа се потпира на нејзините волшебни способности кои вклучуваат оган, што и предизвикуваат кошмари и халуцинации кои ја тераат да се одмаздува на оние кои ја напуштиле, што ја прави исплашена и таа си ветува себеси дека ќе избегнува оган како извор на моќ.
Откако избегала од пустината, таа е заробена од ловци на глави (оштетениот портал ја исфрлил во една од земјите освоени од Нилфгард, јужно од Цинтра) и успева да им избега со помош на бандити познати како Стаорците. Таа се чувствува безбедно и се здобива со чувство на припадност во групата бидејќи членовите се соочиле со слична сурова реалност, да бидат напуштени за време на презир. Преку нејзините вештини што ги научила во Кер Морен, ја импресионира групата, која и бара да избере ново име за себе. Таа одговара на Стариот говор, избирајќи го застрашувачкото име Фалка. Книгата исто така укажува и на пророштвото на Сири како носител на Старешинската крв, каде се открива дека таа има голема моќ и нејзиниот син ќе го наследи новото доба, проследено со уништување на старото.
На крајот читателот дознава, дека нифлгардскиот истражувач при смртни случаји, Стефан Скилен, испратен да ја пронајде Сири и да ја однесе кај Императорот, сигурен дека е таа, која им се придружила на Стаорците, го ангажира Бонхарт, познат ловец на глави, за да ја убие целата група - вклучувајќи ја и Сири.
Преводи
[уреди | уреди извор]- Бразилско-португалски (WMF Martins Fontes, 2014)
- Бугарски (InfoDar, 2009)
- Чешки (Leonardo, 1996)
- Англиски
- Обединетото Кралство (Gollancz, јуни 2013 година)
- Соединетите Држави (Orbit, 27 август 2013 година)
- Фински (WSOY, 2013)
- Француски (Bragelonne, 2009)
- Германски (DTV, 2009)
- Унгарски (PlayON, 2013)
- Литвански (Eridanas, 2006)
- Руски (AST, 1997)
- Шпански (Bibliopolis, 2004)
- Поедноставен кинески (Chongqing, 2016 година)
- Турски (Nefret Çağı; Pegasus, 2018)
- Украински (KSD, 2016 година)
Преводот на англиски (Обединетото Кралство) бил одложен неколкупати; првично планиран за 2009 година, била објавена од Голанц во јуни 2013 година. Изданието на романот во САД, по неколку одложувања, било објавено од „Orbit Books“ на 27 август 2013 година.
Адаптации
[уреди | уреди извор]Во 2015 година, била објавена аудио книга на полски јазик. Станува збор за квалитетна аудио книга, со десетици глумци, музика и посебни ефекти.[2]
Прием
[уреди | уреди извор]Анджеј Сапковски ја критикувал насловната страница на изданието во САД на оваа книга, велејќи дека е заснована на снимки од видео играта „Вештерот“, и има мала поврзаност со содржината на книгата, истакнувајќи дека тој нема никакво влијание врз изборот на насловната корица на издавачот од Соединетите Држави, што тој го сметал за многу несреќно.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „How To Read The Witcher – Where to Start With The Books by Andrzej Sapkowski“. Orbit Books. 2018.
- ↑ „Recenzja słuchowska "Czas pogardy" | PolscyLektorzy.pl“. www.polscylektorzy.pl.
- ↑ „Sapkowski: Nie mam kłopotu z grą „Wiedźmin", ale prawdziwy wiedźmin jest tylko jeden i pochodzi z książek“ (полски). Посетено на 17 април 2020.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Преглед
- Преглед Архивирано на 31 мај 2016 г.
- Преглед (шпански превод)
|