Прејди на содржината

Врело (пештери)

Координати: 41°56′2″N 21°17′45″E / 41.93389° СГШ; 21.29583° ИГД / 41.93389; 21.29583 (Врело)
Проверена
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Врело)
За други значења на поимот, погл. Врело (појаснување)
Врело
Влезот на пештерата Врело над водите на езерото Матка во кањонот на Треска
МестоМатка (кањон), Скопско
Длабочина230 м (досега истражено)
Надм. височина600 м

Врело — две пештери (подводна и надводна) во близина на Скопје со досега откриена длабочина од 230 метри,[1] што во моментов ја прави најдлабока подводна пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа,[2] но длабочината не е целосно откриена. За пештерата Врело се смета дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот.[3].

Општи одлики

[уреди | уреди извор]
Езерце во Врело

Подводната пештера Врело е сместена во кањонот Матка од десната страна на реката Треска во близина на Скопје. Пештерата е систем од две пештери една над (наречена Врело) и една под водата (наречена Подврело) и езеро. На таванот е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови. Посебно воодушевуваат „столбовите близнаци“, кои се високи околу 6 метри и се со бела кристална боја.[4]

Во длабочината на пештерата се наоѓаат две езера, Мало и Големо Езеро со своја т.н. руска плажа. Плажата го добила името така што меѓу првите во неа се бањале руски пилоти вработени во македонското воздухопловство. Малото езеро има форма на осумка. Во најширокиот дел има димензија од 8 м, а должината и длабочината му се 15 м, додека Големото езеро има должина од 35 м, широчина од 15 м, а длабочина од 15-18 м. Присуството на сталактитите во водата упатува на заклучок дека некогаш во пештерата немало вода. Оваа констатација ја потврдува еден спелеолог и информира дека езерата се создадени по изградбата на акумулацијата Матка во 1936 година.[5]

Во пештерата има итн. „концертна сала“, од чија лева страна се таканаречените „пишани камења“. Станува збор за систем од знаци, можеби и за писмо, за чие дешифрирање и толкување треба стручна помош.[5]

До пештерата Врело се стигнува со организиран превоз со чамец кој трае околу 20 минути. Чамецот застанува на специјално направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата. Веднаш на влезот се наоѓа „концертната сала“, а од левата страна се споменатите пишани камења. Централниот простор го зазема сталактитот „шишарка“ (висок два метра), според кој е наречена втората сала (Сала на шишарката), додека понатаму е третата сала (Сала на езерата). Во пештерата може да се сретнат лилјаци.[6]

Истражувања на длабочината

[уреди | уреди извор]
Скалила во внатрешноста на пештерата

Во 2008 година, пештерата била на 71. место во длабочина со 100 метри,[7] но со новите истражувања, изведени во 2009 година, пештерата имала длабочина од 192 метри и се наоѓала на 14. место, според длабочината на подводни пештери.[8] Во 2010 година, италијанскиот нуркач Лујџи Казати се спуштил до 212 метри, со што бил поставен нов рекорд на длабочина на пештерата. Сепак, во 2016 година, полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски се нурнал до длабочина од 230 метри, но изјавил дека „пештерата понатаму се гледа дека отвора подлабоко, но тоа го оставаме за следната експедиција“, со што и понатаму останува непозната вистинската длабочината на пештерата.[9] Во 2017 година, повторно полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски се нурнал до длабочина од 240 метри со откривање на нови простории во пештерата Врело. Пештерата Врело сè уште не е целосно истражена и не е откриена вистинската длабочина.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Името на пештерата Врело, доаѓа од зборот врело што означува силен извор на вода во варовнички (карстни) предели, каде што се среќаваат и пештери каков што е и кањонот Матка. Веднаш до самата пештера Врело постои отвор над самото нив на водата на езерото Матка низ кој на неколку секунди постојано излегува (клокоти) млаз од вода од извор-врело во внатрешноста на пештерата, кој прави мали кружни бранови над површината на водата. Постоењето на езерца во внатрешноста на пештерата исто така се показател на присуство на силен карстен извор Врело - според кој пештерата го добила името.

Занимливости

[уреди | уреди извор]

Пештерите Врело, заедно со Охридското Езеро беа кандидати за избор за нови 7 светски чуда на природата.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „ЕКСКЛУЗИВНИ СНИМКИ: Како изгледа подводната пештера кај Матка на 230 метри длабочина (ВИДЕО/ФОТО)“. Телеграф. Скопје. 3 септември 2016. Архивирано од изворникот на 2016-11-08. Посетено на 3 септември 2016.
  2. Касати: „Врело“ е преубава и ретка бела пештера[мртва врска]
  3. „Vrelo Cave on balkantravellers.com“. Архивирано од изворникот на 2012-08-19. Посетено на 2009-08-11.
  4. Убава Македонија:Пештери Врело
  5. 5,0 5,1 „Пештера Врело“. Архивирано од изворникот на 2010-03-24. Посетено на 2009-08-11.
  6. "Пештерата Врело во Кањонот Матка", Економија и бизнис, година 16, број 178, април 2013, стр. 86-87.
  7. „The deepest underwater caves in the world - Global Underwater Explorers“. Архивирано од изворникот на 2011-10-17. Посетено на 2010-03-31.
  8. Into the depths of Vrelo Cave
  9. „Полски нуркач го собори рекордот во подводната пештера Врело“. Нова Македонија. Скопје: РепроПринт. 2 септември 2016. Архивирано од изворникот на 2017-09-29. Посетено на 3 септември 2016.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

41°56′2″N 21°17′45″E / 41.93389° СГШ; 21.29583° ИГД / 41.93389; 21.29583 (Врело)