Прејди на содржината

Врата од утроба

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Врата од утробата“роман на југословенскиот писател Мирко Ковач од 1978 година. Книгата е наградена со НИН-овата награда за најдобар роман на годината.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 13 глави.

  • Вовед на книжевникот: Во овој дел, авторот соопштува дека во книгата се опишуваат спомените на Стјепан К. кого последен пат го видел во 1950 година. Притоа, ракописот го прегледал Габриел К., по што авторот го дава на увид на читателите.[1]
  • 1-2 глава: Стјепан К. е роден во Требиње, во 1898 година, а живее во малото место Л. По желба на татко му, се запишува во свештеничкото училиште, но по девет месеци го напушта. Во 1914 година, тој и татко му Иван се мобилизирани, а набргу умира мајка му. Татко му е заробен и во 1917 година се враќа дома, каде умира од глад, а неговите две малолетни деца се однесени во дом за сираци. Во 1920 година, Стјепан се враќа во родното месо, каде отвора продавница, а набргу ги враќа дома братот Томислав и сестрата Тонка. Истата година, Стјепан се жени со Роса, родена во 1902 година. Нејзиниот татко е обесен во 1914 година од австроунгарската власт, брат ѝ Саво умира во еден австроунгарски логор, сестра ѝ Божица станува калуѓерка и умира млада, а братот Божо, исто така, станува калуѓер. Во 1938 година, дури по 18 години минати во бракот, Роса го раѓа синот М. По завршувањето на Втората светска војна, поради несогласувањето со новата власт, Стјепан живее повлечено, а за имотот се грижи Роса.[2]
  • 3-5 глава: Есента 1944 година, во Л. се враќа познатиот партизан Димитрије В., кој уште во 1941 година се вклучува во ослободителното движење, заедно со брат му Милутин. Во тоа време, народот е поделен, на еден собир на вооружените групи, поттикнат од Томислав, Димитрије го убива својот брат затоа што тој се залага за соработка со италијанската власт. Димитрије се истакнува за време на војната и за него се шират легенди, но убиството на брата си му остава длабока душевна трага. Во 1944 година, за време на една голема битка, тој е тешко ранет и префрлен на лекување во Италија, каде му ги ампутираат нозете и едната рака. Во 1946 година, тој се враќа во Л., каде дејствува како главен претставник на власта во местото. По ослободувањето, Л. забрзано се развива, но Стјепан е непријателски настроен кон новата власт и продолжува да ја помага црквата.[3]
  • 6-9 глава: Пред војната, откако ја отвора својата продавница, Стјепан го вработува Ѓурица Мркајиќ, момче без родители, кое вредно и послушно му служи. Но, во 1948 кога, власта ја национализира продавницата, а во таа прилика Ѓурица се однесува грубо кон своите добротвори. Сепак, по некое време продавницата се затвора. Тогаш, власта му го одзема имотот и на трговецот Паоло Мензе, а кога се обидува да му одземе и бикот, Паоло го носи пред задругата и го убива. Во тоа време, Роса станува добротворка и несебично им помага на бедните, бездомниците и немоќните во целата околина, а нејзината активност трае сè додека не биде лажно обвинета за кражба и притворена. Стјепан води повлечен живот, а во своите календари редовно ги забележува секојдневните настани во Л.[4]
  • 10 глава: Во оваа глава се опишува животот на Томислав, кој пред Втората светска војна студира во Загреб, но не ги завршува студиите, а некое време пишува статии за археологијата и историјата на својот роден крај, но без поголем успех. Во Загреб се жени со убавата Меира Матшек, но во 1939 година е избркан од универзитетот и се преселува во Белград, а својата жена не ја среќава никогаш повеќе. За време на војната, тој живее во Дубровник, како љубовник на една жена и на нејзината ќерка кои одржуваат блиски контакти со окупаторската власт, а Томислав доставува корисни информации до партизанското движење. Есента 1941 година, доаѓа во Л. и се вклучува во партизанското движење. Додека се крие во родната куќа, Роса лежи тешко болна во постелата, а Томислав ја искористува нејзината состојба и води љубов со неа и веднаш потоа си заминува од домот. Во декември 1941 престојува во Сараево, каде е уапсен и префрлен во затвор во Загреб, а таму е ослободен и војната ја минува во Германија. Крајот на војната го дочекува во Хамбург, каде живее со една жена, а во септември 1945 година се враќа во Загреб, каде дознава дека Меира била обвинета за воени злосторства, но извршила самоубиство во затворот. Во 1948 година, тој го посетува родниот град, каде му е приреден свечен дочек на којшто не присуствува брат му Стјепан. Сепак, тој оди во родната куќа, каде разменува само неколку зборови со Стјепан, а ноќта е уапсен како предавник.[5]
  • 11-13 глава: Есента 1948 година, Роса заминува некаде и цел месец не се враќа дома. Во тоа време, во Л. се враќа Паулина, ќерката на Паоло Мензе, која е бремена. Татко ѝ, кој по одземањето на имотот, е непријателски настроен кон сите луѓе, ѝ простува поради нејзиното приклонување кон новата власт и ја прифаќа. Таа му го враќа на бискупот крстот што своевремено му го украла, а потоа раѓа машко дете. Стјепан тргнува во потрага по Роса и најпосле ја наоѓа во Белград, каде таа лежи во болницата, тешко болна од стомачен тифус. Состојбата никако не ѝ се подобрува, а Стјепан успева само накратко да се сретне со неа. Истата ноќ, нему му јавуваат дека Роса умрела, а тој се враќа во Л. со нејзиното мртво тело и таму ја закопува.[6]
  • Гаранција: Романот завршува со изјавата на авторот, кој гарантира за веродостојноста на книгата и ги известува пријателите дека таа е завршена.[7]
  1. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 9.
  2. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 11-51.
  3. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 52-129.
  4. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 130-233.
  5. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 234-294.
  6. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 295-336.
  7. Mirko Kovač, Vrata od utrobe. BIGZ, Beograd, 1979, стр. 337.