Во змејското гнездо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Во змејското гнездо (кинески: 龍爭虎鬥) - американско-хонконшки филм од 1973 година, во режија на Роберт Клаус, според сценариото на Мајкл Алин. Главните улоги во филмот ги играат: Брус Ли, Џон Саксон, Џим Кели, Ана Капри, Анџела Мао Јинг, Ши Кјен, Роберт Вол, Боло Јеунг, итн. Во 2004 година, филмот бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[1] „Во змејското гнездо“ претставува пресврт во пробивот на кунг-фу филмовите како посебен филмски жанр. Истовремено, тој е првиот американски кунг-фу филм.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Ли (го игра Брус Ли) е борец од храмот на Шаолин кого учителот го испраќа на островот на Хан (го игра Ши), кој порано бил, исто така, борец од храмот, но подоцна ги посрамотил своите учители. За да го уништи криминалниот свет на Хан, Ли се пријавува на меѓународниот турнир по кунг фу што тој го организира на својот приватен остров. Заедно со него, на турнирот учествуваат и двајца американски борци Ропер (го игра Саксон) и црномурестиот Вилијамс (го игра Кели). Во својата прва борба, Ли го убива соработникот на Хан, Охара (го игра Вол). Една ноќ, Ли оди во обиколка на островот, а утредента Хан сурово ги казнува своите стражари поради нивната небрежност. Исто така, тој го обвинува Вилијамс за инцидентот и потоа, борејќи се со него, го убива. Потоа, Хан му ги покажува на Ропер своите тајни простории во кои произведува опиум и држи во заробеништво грабнати млади девојки и бројни скитници. Хан се обидува да го поткупи Ропер, но тој ја одбива неговата понуда. Истовремено, Ли влегува во тајните простории, но паѓа во стапица и стражарите на Хан успеваат да го заробат. За казна, утредента, Хан наредува да се борат Ли и Ропер, но Ропер ја одбива борбата, по што е принуден да се бори против најсилниот борец на Хан, Боло (го игра Јеунг). Ропер го победува Боло, Ли се бори со Хан, а во исто време се ослободуваат заробениците на Хан кои ги напаѓаат неговите стражари. Додека трае масовната борба во дворот на палатата, Ли оди во потера на Хан, кој се крие во палатата. На крајот, тој го пронаоѓа Хан и го убива.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]