Воскресение (филм од 2001)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Воскресение (италијански: Resurrezione) - италијанско-француско-германски филм од 2001 година, во режија на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани, кои се автори и на сценариото. Филмот е заснован врз истоимениот роман на Лав Толстој. Главните улоги ги толкуваат: Стефанија Рока, Тимоти Пич и Мари Баумер. На 24. Московски филмски фестивал, филмот ја добил наградата „Златен св. Ѓорѓи“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива кон крајот на 19 век. Кнезот Димитриј Нехљудов (го игра Пич) е повикан како поротник на судењето на проститутката Катјуша (ја игра Рока). Иако е невина, таа е обвинета за убиството на еден трговец. Во судската сала, кнезот сфаќа дека се работи за неговата поранешна љубов која ја сретнал на имотот на својата богата тетка. Притоа, таа останала бремена, но тој повеќе не ја видел, по што таа го загубила бебето и потоа станала проститутка. Поротата ја ослободува од обвинението, но прави процедурална грешка и Катјуша е осудена на затвор во траење од седум години. Кнезот чувствува дека направил грев со тоа што своевремено ја оставил Катја и решава да се бори за нејзиното ослободување. Најпрвин, тој раскинува со свршеницата, а потоа ја продава својата куќа во Москва и ангажира адвокат за да поднесе жалба во судот во Петроград. Во меѓувреме, користејќи ги своите познанства, тој успева да ја премести Катја од затворот во болницата, каде условите се подобри. Исто така, тој ѝ кажува дека ќе се ожени со неа. Меѓутоа, судот не ја усвојува жалбата на Катја, зашто еден од судиите (инаку, поранешен другар на Димитриј) гласа против, со намера да го заштити. Така, Катја е пренесена на извршување на затворската казна во Сибир, но за време на патувањето, Димитриј ја придружува во возот. На патот за Сибир, еден затвореник се вљубува во Катја и бара дозвола од Димитриј да се ожени со неа. За време на една пауза, тројца војници сакаат да ја силуваат Катја, но ја спасува Димитриј при што еден од војниците го удира со камен во главата. Додека тој лежи во бесознание, Катја признава дека го сака, но одбива да се омажи со него. Во Тјумен, Димитриј добива писмо од Петроград дека Катја е помилувана, а таа, кога ја дознава веста, набрзина се венчава со затвореникот. Потоа, затворениците се транспортирани во затворот, а Димитриј се простува од неа. Сепак, наместо да се качи во возот за Москва, тој шета бесцелно во ноќта и влегува во селска куќа, каде се слави Нова година. Кога селаните го прашуваат за неговата новогодишна желба, тој одговара дека посакува да може да сака како нив.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]