Прејди на содржината

Обиди за возобновување и реосновање на ВМОРО

Од Википедија — слободната енциклопедија
Соопштение на ЗП во Софиja од март 1911 г.

Обиди за возобнова и преосновање на ВМОРО[1][2] — процес кој започнал со Ќустендилскиот конгрес во 1908 година и се одвивал сè до 1919 година. Во текот на овој период дошло до голем број на големи политички настани: Првата балканска војна, Втората балканска војна и Првата светска војна, а сите овие настани во целина влијаеле врз идната дејност на македонското револуционерно движење. По завршувањето на овие настани ќе дојде до појава на ВМРО која станала еден од најголемите наследници на старата Македонска револуционерна организација, обновувајќи ја борбата за ослободување на Македонија под паролата Независна Македонија.

Ќустендилски конгрес

[уреди | уреди извор]
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет
Христо Матов

По Илинденското востание дошло до поделба на Македонската револуционерна организација на две крила: Реформско и Конзервативна струја. Судирот кој настанал меѓу овие две струии кулмимнирал со серија на атентати од двете страни, врз високи претставници на македонското револуционерно движење.

Дефинитивниот раскол е легализиран со Ќустендилскиот конгрес од 1908 година. На овој Конгрес присуствувале само претставници на Конзервативна струја, а меѓу нив биле: Христо Матов, Христо Татарчев, Петар Ацев, Ефрем Чучков и други.

На конгресот е усвоен уставот без измени, но во општиот правилник биле направени значителни промени. Конгресот зазел став за натамошна врска со бугарската власт и примање на финансиската помош од бугарската влада, задржан е ставот за борба против вооружените пропаганди, како и ставови во однос на четничкиот институт, односно негово зачувување. Бил избран централен комитет во состав: Павел Христов, Ефрем Чучков и Петко Пенчев. За членови на задграничното претставништво во Софија биле избрани Михаил Дорев и Апостол Димков. За претседател бил избран Христо Матов.

Конгресот ги осудил на смрт претставниците на Реформското крило и засилување на револуционерната активноста, претежно со терористички средства и од тука произлегле Магарешките атентати. Потоа приврзаниците на Сандански провеле Мајскиот конгрес и се заложиле за создавање на посебна Македонско-одринска револуционерна организација (МОРО).

Обиди за обнова на старата Организација

[уреди | уреди извор]
Тодор Лазаров

Кон крајот на 1909 година негативниот развој на Младотурската револуција доведуваа до преориентирање на некои деjци од Реформска струја. Меѓу Јане Сандански и Христо Чернопеев дошло до разединување и последниот со група дејци од Солунски, Струмички и Серски револуционерни окрузи, меѓу кои Тане Николов и Апостол Петков, на 4 мај 1910 година ја основал Бугарска народна македонско-одринска револуционерна организација.

Друг обид за реактивирање на старата Македонската револуционерна организација е направен исто така во мај 1910 година, од страна на Христо Матов, Христо Татарчев и штипските дејци Тодор Александров и Тодор Лазаров. По разговори во Софија на почетокот на 1911 година доаѓа до обединување на Конзервативната струја со БНМОРК и со дел од пораншниот ВМОК.

Во почетокот на 1911 година е избран нов ЦК во кој влегуваат: Тодор Александров, Христо Чернопеев и Петар Чаулев, а за резервен член е избран врховистот Александар Протогеров, иако до целосно обединување со дејците на ВМОК не било постигнато. Како резултат на овие преговорите помеѓу револуционерните дејци на поранешната Македонската револуционерна организација, доаѓа до обид за обновување на старата организација со прифаќање на стариот устав, име и програмски документи. Меѓутоа, конфликтите во македонското револуционерно движење не запираат и Сандански одбива да учествува во собрание на војводите, за да решат како ќе дејствуваат во условите на претстојната војна.

Во мај 1911 година од Бугарија заминуваат првите нови чети на ВМОРО за внатрешноста на Македонија, формирани на бугарска територија. Тие преземаат организирање и извршување на голем број терористички напади. Уште во 1910 година Тодор Александров развива нова тактика на борбените дејствиjа, која предвидува да се избегнуваат, големите операции за сметка на умерени диверзионистички акции и напади. Така под негово раководство се организирани и спроведени Магарешките атентати, кои се еден од поводите за избувнување на Балканската војна во 1912 година.

Магарешки атентати

[уреди | уреди извор]

Во предвечерието на првата балканска војна, Александров и оваа групација организирале серија на атентати против турските власти кој се познати како Магарешки атентати. Опис на магарешките атентати дава Анастас Митрев, кој истакнал:

Некаков македонски бедник, го натоварил магаренцето со две торби пченкарно брашно, оди на пазар... Го пречекува четата и, со пари или без пари, му го зема магаренцето, става во едната торба пеколна машина и еден од четниците, преоблечен во селска облека, тргнува со магаренцето кон пазарот. И таму, каде што се струпува турската сиромаштија, запира пропадавчот..., ги растоварува торбите... со викот евтино брашно! Даалиите се натрупуваат околу продавачот, секој посакува да купи евтино брашно за да ги нахрани своите гладни деца. Продавачот одвреме-навреме го погледнува часовникот, и две-три минути пред избувнувањето на пеколната машина, ја прекратува продажбата за малу оди да го види магаренцето, или по нужда и не се враќа повеќе. Пеколната машина експлодира и откинува некому рака, некому нога, некому глава од насобраната турска сиромаштија. Атентаторот жив, здрав и насмеан дека успешно си ја извршил дадената задача се враќа кај четата на определеното место [3].

Еден од ваквите атентати се случил во почетокот на 1912 година во Штип, на 1 август 1912 во Кочани, а кон крајот на истиот месец во Дојран. Според некои историчари цел на атентатите: била возбудување на турскиот фанатизам за масовни масакри врз недолжниот македонски народ, од чиишто средини произлегувале и атентаторите. Прогонувајќи ги четите по селата, и власта од своја страна прибегнувала кон терор и разоружување на населението во местата каде што се случувале атентатите[4]

Дејност во текот на воjните

[уреди | уреди извор]
Тодор Александров, во текот на Првата балканска војна

Предлошка:ВМРО (Автономистичка) Во текот на Првата балканска војна под водство на Тодор Александров и Александар Протоѓеров биле регрутирани повеќе илјади Македонци во рамките на т.н. Македонско-одринско ополчение, а овие сили од страна на бугарската воена команда биле испратени да се борат на фронтот во близината на Одрин.

Пред почетокот на Втората балканска војна во 1913 година, оваа групација предизвикала повеќе вооружени акции и востанија во делот од Македонија под српска власт, а по почетокот на војната се борела во рамките на бугарската војска.

Во време на Првата светска војна, оваа организација која била наречена ВМРО привремено престанала да постои, а нејзините раководители, четничкиот и војводскиот кадар ја формирале т.н. 11 македонска дивизија, која броела над 30 000 луѓе со сопствен офицерски состав и се борела во рамките на бугарската војска.

Македонско-одринско ополчение

[уреди | уреди извор]

Со наредба од 26 септември 1912 година сите партизански чети и одреди на ВМОРО формациски биле вклучени во составот на Македонско-одринското ополчение. Со тоа македонските и одринските одреди и чети станале дел од Бугарската армија и ја примиле нејзината организациона структура - одделенија, водови, чети. Со истата наредба, Штабот на партизанските одреди бил преименуван во Штаб на ополченските дружини, односно во Штаб на доброволни баталјони.

За главен командант на Штабот е поставен генерал-мајор Никола Генев. Негов помошник е потполковник Александар Протогеров, а мајорот Петар Дрвингов е поставен за началник на Штабот. По добивањето оружје од бугарската армија, Македонско-одринското ополчение веднаш бил префрлен на фронтот во Тракија. На Тракискиот фронт Штабот на Македонско-одринското ополчение бил распуштен, а бригадите препотчинети.

Тиквешко востание

[уреди | уреди извор]

Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, во Тиквешијата и траело. Бројот на востаниците изнесува околу 1.000, од коишто 200 луѓе се обични граѓани коишто земаат пушка в рака, а останатите се комити од четите.

Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино. Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. На 20 јуни е одржано и свечено собрание на коешто е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена.

Во востанието загинале околу 1000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени.

Охридското востание

[уреди | уреди извор]
Петар Чаулев

Во неколку наврати преговара со албанските првенци за борба против Србите и Турците, а како водач на ВМРО уште во март 1911 г. има средба со членовите на албанските организации во Цетиње, Црна Гора. Резултат на средбите е меѓусебна спогодба, како и Охридското востание во септември 1913 г., кое ВМРО го кренала против српските поробувачи, а во кое значајно учество земаат и албанските револуционери и патриоти.

Востанието кое избувнало во југозападна Македонија раководено од Петар Чаулев, Павел Христов, Милан Матов и други зафатило широк простор меѓу Охрид, Кичево, Дебар и Струга, а слабите српски сили на овој терен, во првиот момент, не можеле да се спротивстават на македонско-албанските востаници. На 12 септември 1913 година, Петар Чаулев и Христов со своите чети влегле во Охрид.

На 6 октомври 1913 година, Битолскиот окружен началник известува дека положбата во граничните реони се смирувала. Бунтовниците биле разбиени и се повлекувале во Албанија.

Според Иван Катарџиев:Тоа што ВМОРО на Тодор Александров била иницијатор на овие бранувања не менува ништо. Тој бил во најтесна врска со владата на В. Радославов и особено бил заинтересиран Бугарија да има силна влада способна да се бори за решавање на бугарското национално прашање во Македонија.

Тодор Александров ја продолжил својата активност и по востанието во југозападниот дел на Вардарска Македонија, сè до влегувањето на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централниот сојуз.

Валандовска афера од 1915 година

[уреди | уреди извор]
Главното знаме на Македонското-одринско ополчение
Четата на Тодор Александров за време на Првата светска војна

Бугарската влада на Радославов добила од Австроунгарија 25 милиони златни круни, а бугарската влада од своја страна ги дала на Тодор Александров. Со овие парични средства, со паролата за автономија на Македодонија и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО се започнало со подготовки за влегување на комитетски чети во оној дел од Македонија кој бил под српска власт.

Четите на ВМРО, заедно со турски чети и потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австроунгарија на 20 март (стар стил) 1915 година навлегле на територијата држена од српската власт.

Комбинираниот напад начетите на ВМРО и турските чети, потпомогнати од бил извршен токму во овој дел на Македонија на 20 март. Притоа првичната цел на нападот била да се изврши уништување на мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун-Скопје. Во нападот на трите утврдени српски пунктови кај Валандово, Пирава и Удово.

На чело чети на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов,Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу околу 1000 души.

Убиство на Јане Сандански

[уреди | уреди извор]

На 20 март 1915 година ВМРО ја изведува Валандовската акција насочена против српската администрација во Вардарска Македонија со која демонстративно провоцира војна меѓу Србија и Бугарија. Сандански жестоко се сптотиставил на оваа акцијата.

Неговото спротивставување кон оваа акција, како и конфронтациjата со Фердинанд и владата го ставаат во целосна политичка изолација. Иако Сандански бил амнестиран од Бугарскиот парламент во 1914 година, ВМРО на Тодор Александров не ја повлекла смртаната пресуда од 1908 година.

Неколку дена по Валандовската афера, по наредба на Тодор Александров и во согласност со Цар Фердинанд, тој е убиен. Убиството е извршено во месноста "Балтата", на патот меѓу Мелник и Неврокоп на 21 април 1915 година. Јане се здобил со 11 рани во заседа поставена од подрачната Неврокопска чета. Има претпоставки дека дека нападот бил организиран од воjводата Стојан Филипов, а за физички убиец се смета четникот Андон Качарков. Судот сепак ги оправдува поради недостиг на докази.

Единаесетта пешадиска македонска дивизија

[уреди | уреди извор]

Единаесетта пешадиска македонска дивизија била дивизиjа во составот на бугарската војска за време на Првата светска војна, во која се наоѓале над 30.000 Македонци.[5] Идејата за таква дивизиjа била на раководството на ВМРО и кругот околу Александар Протогеров.

Во есента на 1915 година Единаесетта пешадиска македонска дивизиjа ја нападнала Србија во правец кон Вардарска Македонија во составот на Втора бугарска армиjа. Во 1916 дивизиjата била префрлена на источниот сектор на Македонскиот фронт, каде успешно извршила напад во текот на бугарската офанзива меѓу реката Места и реката Струма против британските експедициски трупи. Во 1917 воените деjства продолжиле, а во 1918, кога одделни бригади биле префрлени во составот на неколку различни позиции, дел од неа учествувал во успешната заштитна Битка кај Дојран, во која биле победени многу посилни британски и грчки трупи.

Потоа во текот на офанзивата на Антантата во Вардарска Македонија, Единаесетта пешадиска македонска дивизија отстапила во добар ред до денешниот Благоевград каде била демобилизирана, а во април 1919 година била конечно распуштена.

Создавање на ВМРО (Автономистичка)

[уреди | уреди извор]
Александров во четничка униформа

Тодор Александров и Александар Протоѓеров, заедно со бугарската влада од пред војните, биле обвинети за вовлекување на Бугарија во војната на страна на Централните сили и за националната катастрофа.

Кокарда на ВМРО за заслуга кон поробената татковина Македонија

По бегството од затвор, Александров и Протогеров се нашле во нелегална положба бидејќи влегле во непријателски односи со влада на Стамболиски и во своето дејствување се поврзале со опозициските воено-политички групации во Бугарија.

Тие го искористиле огромното незадоволство на Македонците од неповолните решенија на по однос на македонското прашање и издигнувајќи го лозунгот за автономна Македонија ја возобновиле дејноста на ВМРО.

Меѓутоа до возобновување на старата Организација не доаѓа и всушност станува збор за создавање на нова организација под името Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО), а историчарите за да напрват јасна динстикција помеѓу оваа организација и старата Македонска револуционерна организација, кон првата е додадена кованката Автономистичка, односно оваа организација станува позната како ВМРО (Автономистичка) иако понекогаш се сретнува и само како ВМРО.

ВМРО (Автономистичка) претставува наследник на старата Организација и не може да се општи дека Македонската револуционерна организација и ВМРО (Автономистичка) се една иста организација.

Условите и егзистирањето на двете организации се различни, а во однос на целта има и еден чекор напред, односно ВМРО (Автономистичка) девизата автономна Македонија ја заменила со независна Македонија со што уште појасно било истакнато дека тие се бореле за самостојна македонска држава.

Иако ВМРО (Автономистичка) била основана врз принципите на старата Македонската револуционерна организација сепак со текот на времето, особено по смрта на Тодор Александров, еволуирала во вистинска терористичка организација, што е во спротивност со револуционерните прапринципи на старата Организација.

  1. Д-р Зоран Тодоровски смета дека не треба да се обрне внимание само на терминот „Бугарски“ во едно од имињата на единствената ВМРО, туку и на константното „О“ во името на организацијата, кое се губи дури по Првата светска војна и физичкото разделување на неколкуте делови на Македонија од Одринско.
  2. По Првата светска војна од ВМОРО биле создадени две организации - ВМРО и ВТРО... Тракийският въпрос и тракийското движение в България. проф. Филчев, Иван Георгиев, Акад. изд. Проф. Марин Дринов, 2007, стр. 17. (Bg.)
  3. Анастас Митрев, Мемоари, огледи, статии
  4. ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА, Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  5. "Светот го одбележа крајот на кланицата во Првата светска војна[мртва врска]", "Утрински весник", брoj 2835, среда, 12 ноември 2008.