Владимир Санџакоски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Владимир Санџакоски
Роден Владимир Санџакоски
23 мај 1913
Струга
Починал 1987
Струга
Сопружник Славка Аџиеска Санџакоска
Татко Славе Санџакоски
Мајка Стефанида Мушмова Санџакоска
Деца Јоне Санџакоски, Ромил Санџакоски, Јоаким Санџакоски, Стефан Санџакоски

Отец Владимир Санџакоски (Струга, 23 мај 1912 - Струга, 1987) — претставува задлабочен подвижник и пастир на Православната црква, кој непоштедно ја сведочел христијанската философија на животот како modus vivendi во Богочовекот Христос. Народната анамнеза на неговата личност е сè уште актуелна и во согласност со пеењето на царот, пророкот и поетот Давид: „блажен е мажот целосно реализиран од Сечовекот на новозаветниот Ден Осми“.

Отецот Владимир одлично владеел со апофатскиот јазик на теологијата како и со мистичниот јазик на црковната музика. Поради тоа, се извишил до рамништето на блескав теоретичар на источното црковно пеење, но и до височините на пцалт, чиј гласовни капацитети се ненадминати во техниката, аскезата и мистеријата.

Автор е на базична литература од областа на философската теологија и библиската егзегеза, како и на бројни црковни песнопенија чија вредност е уникална. Се упокоил во 1987 година во Струга.

Живот[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Роден е во познатото струшко семејство Санџакоски, во бракот помеѓу неговиот татко Славе (внук на познатиот Архимандрит Калистрат Зографски, игумен на Зографскиот манастир на Света Гора Атонска) и неговата мајка Стефанида (од познатото струшко семејство Мушмови).

Веднаш по зачнувањето, татко му Славе ја напуштил Струга и заминал во Соединетите Американски Држави на печалба. Во Калифорнија, тој, трагично ќе го загубел својот живот. Тој знаел за тоа дека му се родил син, но никогаш не ќе се врати назад и не ќе го види својот син Владимир, ниту пак Владимир, својот татко.[1]

За животот на мајката и синот знае целата Струга до ден денешен. Животот на двајцата, бил живот на две вистински светила. Две ипостаси целосно Богу посветени. Нивните животи се одвивале во целосна согласност со древната монашка синтагма: ora et labora (молитва и работа). Стефанида го растела својот син според највисоките педагошки критериуми својствени за христијанската литургиска заедница. Повеќе од сѐ малечкиот Владимир го сакал Бога и Црквата, бидејќи пред него така и толку, Бога и Црквата, ги засакала неговата мајка. Тие сериозно размислувале сиот свој имот да го распродадат и парите да им ги раздадат на сиромашните во Струга, а потем да заминат во манастир и да се замонашат. За тоа знаеле и учеле од хагиографската литература, за која рековме, дека им била омилена. Толку многу ја беа засакале и во неа ги беа вкопале своите животи, што решиле дванаесетте огромни тома на Житијата на светиите,  авторско дело на бележитиот руски богослов и подвижник Св. Димитриј Ростовски, рачно, калиграфски, да ги препишат, водени од намерата да им ги приближат на стружани и да им ги овозможат за читање. Денес, нивните преписи, претставуваат скапоцено духовно  и културно богатство за нашиот град и за нашата држава. Сепак, промислата Божја за Стефанида и Владимир била подруга. Духот Свет ги научил да ја проверат својата намера и своите способности, пред да донесат конечна одлука за примање на монашки потстриг. За таа цел тие отишле во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Калишта. Таму живееле едно време целосно интегрирани во животот на женската монашка киновиа. Потем го извлекле конечниот заклучок за себеси. Заклучиле дека не можат да одговорат на барањата на тогашното монаштво. Структурата на нивното психо-соматско и духовно битие и личност носела типично аристократски белези. Нивната духовна аристократија наликувала на руската духовна аристократија. Тие знаеле за молитва, ги сакале врвните остварувања во светската литература, активно го практикувале литургискиот живот со непосредно учество во него. Тие живееле во Христос и Христос живеел во нив. Во Црквата живееле така, што себеси безостаточно се вложувале во неа. Манастирот  Калишта,  бил развиен духовен центар во првите пет децении од 20-от век. Во него живееле повеќе од триесетина монахињи. Поголемиот дел од нив биле дојдени од Русија. Овој духовно-монашки центар и денеска важи за препородителски монашки центар кога станува збор за женското монашто во Српската православна црква. Во него живееле самите елитни претставнички на женското монашко движење во тогашната Кралска Југославија. Во истото тоа време со Охридската епарија управувал, славниот богослов и подвижник Николај (Велимирович), епископ Охридски и Жички. Тој бил најзаслужен за ширењето на женската монашка зедница. Но и покрај тоа, во монашките сестринства прекумерно се негувал духот на умножување на материјалните блага. Појдовната намера за тоа, била потребата да се обезбедат средства за физички и биолошки опстанок. Токму тој дел од одговорностите Стефанида и малиот Владимир не можеле да ги исполнат физичка слабост. Иако за тоа никој и никогаш не им префрлил, го напуштиле манастирот за да не им бидат товар на другите. Се вратиле дома. Во својот дом продолжиле да живеат строго монашки.[1]

Формално образование[уреди | уреди извор]

Отецот Владимир ги поминал сите степени на образование што тогаш постоеле во Струга. Потем завршил нижа гимназија во Охрид. Најпосле се запишал на високата гимназија во Битола. Сериозно се подготвувал да запише студии на Богословскиот факултет во Белград. Но тоа никогаш не се случило.[1]

Отецот Владимир теологијата ја учел изворно, читајќи ги делата на светите отци и философи на Црквата. Според сопственото кажување на отец Владимир, во неговата десетта година ги исчитувал собраните дела на свети Јован Златоуст. Ги исчитувал неговите огромни дванаесет томови, за кои самио велел, дека претставуваат „дванаесет ковчези преполни со духовно злато“. Немало отец на Црквата којшто не бил студиозно исчитан од малечкиот Владимир. Сета таа литература ја поседувал во домашната библиотека. Сакајќи го својот едноутробен брат Јоаким, покрај познатата икона Воведение на Пресвета Богородица, која и денес се чува во семејството Санџакоски, Архимандритот Калистрат му испраќал по еден примерок од патристичката литература печатена во Русија.[1]

Имено, манастирот Зограф, купувал повеќе примероци од секоја книга на Светите отци, преведена од грчки или латински на руски јазик и печатена во Киев, Петроград или Москва. По еден примерок од таа литература обврзно му испраќал на својот брат Јоаким. Притоа имал пророчка визија за тоа, што треба да се случува понатаму со семејството Санџакоски. Отецот Владимир уште од мали нозе бил целосно свесен за исклучителната вредност на тие книги. Тие му значеле повеќе од сѐ друго. Не постоел предмет на светот што можел да го израдува толку многу, колку што го радувала светоотечката литература. За тоа говори и фактот дека, во сите војни што се случувале на Балканот и во Струга, отецот прво ја спасувал библиотеката. Но дека внимателно  и целосно ја исчитал секоја книга, од првата до последната страница, сведочат и белешките што ги ставал при читањето. Која било книга  да ја отвориме денес, таа е преполана со „зри“ на отец Владимир (што значи погледни, види, внимавај, важно). Отецот Владимир не само што ги читал делата на Светите отци, туку неговиот севкупен живот го сообразувал со нивното учење.[1]

Свештен повик[уреди | уреди извор]

Целата душа и сиот ум на Владимир копнееле по Бога. Во струшката чаршија постоеле побожни друштва составени од еснафи во чии дуќани и работилници функционирале малечки катихетски школи. Отец Владимир често ги посетувал и бил необично сакан и добредојден заради мудроста што ја поседувал и заради можноста да им го пренесе автентичното учење на Светите отци, до кое што доаѓал преку непосредното исчитување на нивните дела. Таква била Струга и струшката чаршија во тоа време. Целата Струга знаела за монашката скромност на  Владимир. Секогаш кога одел од дома до храмот, ги избирал најосамените сокаци за да не биде мета на човечкото внимание. Дека Црквата ја сакал повеќе од сѐ говори и следната случка. При една посета на чичко му Вангел на Струга, била зима, а времето страшно заради ветрот кој бесно фиукал, ниските температури и дебело напластениот снег. Владимир требало да оди во Црква. Бил малечок. Имал само седум години. Чичко му го карал и барал од него да се откаже од одењето во храмот и притоа се повикувал на страшното невреме. Имајќи ја верата на апостолите, малиот Владимир му се обратил на стрикото со следниве зборови: - „и камења да паѓаат од небото, јас ќе отидам во Црква”, и отишол. Црквата за отец Владимир била предвкус на Рајот. Во Светата литургија и во сиот богослужбен живот што од него произлегува, Утрените и Вечерните богослужби, седумте молитвени алки на дневниот молитвен циклус, седмичниот богослужбен циклус, годишниот литургиски циклус и во светотаинствениот живот на Црквата, Владимир станувал антиципатор на невечерниот Ден Осми. Ништо не смеело да се пропушти. Со својата беспрекорна редовност и ревност во богослужбениот живот, тој Светите богослужби ги претворал во своевидно училиште на благочестието и музичката уметност. Таму тој ги учел тајните на византиското црковно пеење, имајќи ги за наставници најдобрите певци.[1]

Средбата со владиката Николај (Велимировиќ)[уреди | уреди извор]

Школувајќи се во Охрид, имал благослов Божји да живее во епископскиот двор на владиката Николај (Велимировиќ). Отец Владимир секогаш, со голема благодарност си спомнувал за владиката Николај. Посебно го импресионирало неговото аскетско држење, огромната ученост, врвната способност за беседење, љубовта кон Света Гора Атонска и монаштвото, љубовта кон аскетската димензија на нашиот православен македонски народ. Отец Владимир е вистинска реткост во историјата на Црквата, бидјеќи од спомнатиот високоучен и аскетски настроен владика Николај, бил прецозно оценет. Високо било оценето духовното поведение на личноста на малечкиот Владимир, неговото огромно теолошко познавање и огромниот теолошки багаж што го носел со намера да го сподели со сите. Високо било оценето и неговото познавање византиско-словенското црковно пеење, како и неговата ревност во богослужбениот живот на Црквата. Поради сето тоа, иако псалт и премногу млад по години, владиката му допуштал да беседи на Светите литургии. Беседите на отец Владимир биле натопени со патристички содржини и траеле долго. Сите тие се запишани и засекогаш оставени во наше наследство.[1]

Брак и примање свештенички чин[уреди | уреди извор]

Во 1943 година отец Владимир стапил во брак со презвитерата Славка. Стројница за тој брак била Евдоксија Миладинова. Презвитерата Славка потекнувала од едно чесно и благородно семејство. Славка била необично енергична жена и со изразено средоземни белези во нејзиниот карактер, жизнерадосна и цврста. Бракот на Владимир со Славка бил навистина совршен. Веднаш по бракот отецот се подготвувал да прими свештени чинови. Струга била под италијанска окупација, а парохијата, т. е. струшкото архијерејско намесништво, под јурисдикција на Албанската православна црква. Најумните и најимотните стружани, имајќи ја согласноста на градот отишле во Тирана да побараат од тогашниот албански архиепископ Христофор да го ракоположи отецот Владимир најпрвин во ѓаконски чин. Првата средба на отецот со архиепископот Христофор била фасцинантна. На работната маса од архиепископот видел литература по физика. Отец Владимир претпочитал сестрано образовани луѓе во Црквата, отворени и љубопитни  кон сите научни области. Архиепископот Христифор бил токму таков човек. Еднаш импресиониран од него, постојано ќе зборува за него со восхит. Подоцна образованието и културата на  архиепископот Христофор ќе им го претпостави како критериум на своите деца. Архиепископот, бил света и маченичка душа. Барањето на стружани го ислушал со внимание. Потем Владимир бил ракоположил во ѓаконски  и во презвитерски чин, во соборниот храм во Тирана.[1]

Прва парохија во манастирот во с. Лешани[уреди | уреди извор]

Отецот Владимир како свештеник продолжил да живее богопосветено. Неговата прва парохија била манастирот во Лешани посветен на Сите Светии. Отецот живеел со уверување, дека првата парохија на Сите Светии ја добил по молитвите на сите светители, спрема кои негувал огромна љубов и верност. Целиот свој живот се дружел со нив, препишувајќи ги нивните хагиографии. Со целиот свој живот ги славел и го барал нивниот молитвен покров пред Господа. Длабоко верувал дека Бог ја благословил неговата пастирска дејност по молитвите на Сите Светии. Во Лешани, отец Владимир и презвитера Славка, живееле навистина херојски и  подвижнички живот. Постојано се сораспнувале со распнатиот Христос. Живееле во неизглаголива беда и сиромаштија. Едвај преживувајќи го славеле Господа и го крепеле народот упатувајќи го на Христа, единствената вистинска утеха и надеж за сите. Милоста Божја и љубовта Божја кон нив се огледа и во примерот што се случил во самиот манастир. Само неколку минути откако ја напуштиле ќелијата од манастирскиот конак во која живееле, германците фрлиле бомба и ја разнеле.[1]

Служба во с. Долна Белица[уреди | уреди извор]

Од манастирот на Сите Светии, отецот Владимир бил преместен во Долна Белица. Таму пак, биле стационирани силите на Џемо и Мефаиљ. И двајцата биле озлогласени албански балисити. Знаејќи за опасностите што го демнеле отецот Владимир, презвитерата Славка постојано го следела својот богомудар и бестрашен сопруг. Од овој период е позната следнава случка. Во селото Долна Белица балистите извршиле бестијален колеж над  сите членови на едно православно влашко семејство. Ги исклале родителите и дечињата. Ѕидовите на одајата во која, што се случувал масакарот на невините жртви, биле насекаде испрскани со човечка крв. Отецот Владимир бил повикан да го изврши опелото. На влезот од селото отецот го сочекале балистите на Џемо и почнале да му дофрлаат навредливи зборови со намера да го извадат од рамнотежа, а потем, при првиот обид за одбрана, физички да го ликвидираат. Отецот „како јагне на заколение“ го поднесувал товарот на навредите. Но, презвитерата Славка се исправила пред нив и жестоко ги прекорила. Тие, сметајќи за недостојно да се пресметуваат со една жена, се повлекле. Така влегле во селото и го извршиле опелото над маченички убиените православни христијани од Долна Белица.[1]

Служба во с. Мешеишта и трет струшки парох[уреди | уреди извор]

Следна парохија на отецот Владимир било селото Мешеишта. Кога дошол во селото, селаните го дочекале непријателски. Во селото веќе имале свој свештеник: поп Ристо. Отецот Владимир  го доживеале како натрапниккој доаѓа да ја открадне парохијата на поп Ристо. Тие не знаеле дека отецот Владимир  беспоговорно го послушува својот канонски архијереј. Всушност, мешеиштани немале никакво знаење за личноста на отец Владимир. Имајќи послушност кон својот епископ, отец Владимир  останал во селото и покрај нескриеното непријателство на селаните кон него. Ставот на селаните брзо потоа почнал да се менува. Односот на отец Владимир кон нив бил несфатливо добар. Тоа особено се однесувало на односот на отец Владимир спрема отецот Ристо. Отец Владимир им мирисал на светост. Како мирисниот цвет кој, колку повеќе се гази, толку повеќе мириса. Таков свештеник никогаш не виделе. Освен тоа, биле убедени, дека проклетството на отец Виктор, не ги напушта. Отец Виктор бил страстотрпелив и бескрајно кроток и смирен руски свештеник. Тој дошол во Мешеишта од Русија по Октомвриската револуција. Но, мешеиштани не се однесувале добро со него. Постојано го исмевале така,  што  честопати ставале јајца во неговата камилавка и потем му ја набивале на главата. Кога чашата на страданието се преполнала, отецот Виктор ги проколнал така, што им ја наложил клетвата   свештеник во нивното село да не се задржи. И покрај тоа, отецот Владимир сè повеќе ги освојувал со својот благ карактер и со неговиот патристички формиран лик. Неговата внатрешност преполна со братска љубов кон отецот Ристо ги стопи смрзнатите срца на мешеиштани. Самиот отец Ристо доброволно и со радост прифатил да го има отец Владимир за свој духовен раководител. Подоцна отец Ристо со една група мешеиштани ќе биде свирепо убиен од косоварите  додека ги работеле своите ниви. Отец Владимир останал сам, но необично многу сакан од селаните. Доаѓањето на новите, богоборни комунистички власти донело нови страданија во животот на отец Владимир. Прогонот на православниот свештеник не само што не стивнувал, туку се разгорувал со нова сила. Во Мешеишта се родиле неговите синови Јован, Јоаким и Ромил (Охрид), а Стефан пак се родил во Струга, по преселувањето од Мешеишта во Струга. По девет години најсовесно, од Духот Свет проникнато, служење во Мешеишта, отецот, имајќи го благословот на владиката, си замине од Мешеишта. Тој бил поставен за трет парох струшки. На новата струшка парохија и припаѓале  околните струшки села: Драслајца, Ложани и Биџево. Овде  треба да се спомне еден исклучително важен момент врзан за одењето на отецот од Мешеишта. Имено, кога си одел од селото, со него се случило спротивното од она што се случило кога доаѓал во него. Кога селаните разбрале, дека нивниот (овој пат) најомилен отец го напушта селото, решиле да го задржат. Тоа наликува на едно кажување за Св. Григориј Неокесариски Чудотворец. Кога дошол во Нова Кесарија имало само дванаесет христијани, а кога си заминувал од неа, останале само дванаесет пагани. Отецот решил тајно да ја напушти Мешеишта. За таа цел најпрвин ги испратил членовите на семејството и сета покуќнина. Доброволниот егзил се случил со камион по полноќ. А потоа сам се вратил во Струга. Подоцна селаните на Мешеишта доаѓале да го молат да се врати назад, нудејќи му поудобен живот и мотор или автомобил. За отецот сето тоа не било прифатливо. Својата парохија ја опслужувал, секогаш, пешки. Еднаш селаните  од селото Ботун го прашале зошто не се послужи со коњ или со велосипед. На тоа прашање одговорил така, што се повикал на Светите Апостоли. Тие, движејќи се пешки, сиот свет го уловиле во мрежите на верата, им одговорил отец Владимир. Всушност, неговата пастирска философија на живеење му налагала крстот на страданието носен од народот божји, тој,  како свештеник да го понесе попрв од сите, во крстоносењето да предводи. Со оглед на фактот дека голем број мешеиштани работеле во Амрика, Канада и Австралија, даденото ветување можеле да го исполнат, само отецот да им се врати. По еднодецениско талкање по охридско - струшката регија, отецот со семејството повторно се скрасил во Струга. И тој тоа не го направил по сопствен ќеф и вкус, туку како исполнување на промислата Божја за Црквата во Струга. Набрзо потоа бил избран архијерејски намесник на струшкото архијерејско намесништво.[1]

Архијерејски намесник на струшкото архијерејско наместништво[уреди | уреди извор]

Во Струга формирал црковниот хор без да ја има наклонетоста на новата власт. Против волјата на тогашните комунистички власти собрал добри и богобојажливи луѓе од Струга кои немале никакво музичко образование и ги устроил во еден ретко убав и ретко виден црковен хор против кого што пишувале тогашните новини. За музички неуките хористи, отецот смислувал посебни знаци, налик на екфонетските, но и ги преведувал богослужбените поетски текстови од црковно - словенски на македонски јазик. Отец Владимир е првиот свештеник на Македонската православна црква кој почнал со часови по веронаука за струшката православна младина и покрај жестокото противставување на тогашниот режим. Моќниот духовен лик на отец Владимир ги собирал верните околу себе и ја уживал довербата на архијереите на Македонската православна црква. Особена почит кон личноста и делото на отец Владимир укажувале Блаженејшите Архиепископи Охридски и Македонски Доситеј и Ангелариј, како и Митрополитите Наум Брегалнички, Климент Преспанско - Битолски, Методиј Дебарско - Кичевски и др. Пастирската мисија на отец Владимир беше наградена со највисоките црковни одликувања: протоереј и ставрофор.[1]

Упокојување[уреди | уреди извор]

Отецот Владимир се упокоил во 1987 година, радосен што еден од четирите негови синови, отецот Стефан Санџакоски, тргнал по патот на Архимандритот Калистрат, монахињата Стефанида и неговиот пат. Со надеж дека Името Божје ќе биде сакано и славено од идните генерации на семејството Санџакоски до скончаније вјеки, заминал и ја доживеал својата лична Пасха од овде таму. Длабоко веруваме и знаеме, дека денес, отец Владимир е презвитер облечен во рувата истакени од божествената светлина и учествува во вечно служената Небесна Литургија. На неа се слави и пее нашиот вистински Бог во Троица. Отец Владимир е граѓанин на Градот Божји (Блажени Августин). Негов Градоначалник е Богочовекот Христос. Длабоко веруваме и знаеме дека, тој оттаму не престанува да се моли за нас сите.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Литература од област на философска теологија и библиска егзегеза[уреди | уреди извор]

Автор е на стотоци беседи изречени на крајот од Светите божествени литургии. Тие се натопени со светоотечка мудрост, со мудроста на светите апостоли и светите пророци. Пишувани се со јазикот на стружани, бидејќи во тоа време не постоеше кодифициран книжевен македонски јазик, поради што сметаме дека неговите беседи имаат историско значење за развојот на актуелниот книжевен македонски јазик. Идни научници и експерти од таа област, ќе треба сериозно да го истражуваат јазикот на отец Владимир. Јазикот на отец Владимир  историски би можеле да го сместиме некаде помеѓу Кирил Пејчиновиќ и Блаже Конески.[1]

„Возљубени во Богомладенецот Христос, браќа и сестри,

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Денес ја славословиме силата на Трисолнечниот Бог што крми со законите на природата, но и силата на љубов Божја со која човекољубивиот Бог го прегрнува човекот и светот. Зашто Творецот создавајќи го козмосот, природата ја дарувал со закони, кои, заради нивниот богослужбен карактер, биваат вградени во Божествениот Домострој на спасението на човекот и на светот.

Денес го празнуваме натприродното рождество на вотеловениот и вочовечениот Логос Божји, бессемено од Пречиста Дева Марија. Иако натприродноста на Рождеството не ги укинува законите на природата, тоа го саштисува (шокира) умот на човекот. Та тоа е чудо на чудесата заради премудрата сила Божја која стои над козмичките закони и повела со нив. Таа релација помеѓу Творецот и тварта смирено и смерно ја потврдиле познатите природонаучници Њутн, Паскал, Тесла и уште бесчислено многу други ним соподобни умножувачи на научното скапоцено азно и чувари на животворната вера во живиот Бог на Авраама, Јакова и Исаака. Нивната благоговејност ја изразувале така што при спомнувањето на Бога, станувале симнувајќи ја шапката.

„Денес Дева Го раѓа Оној, Кој постои пред тварта“.

Возљубени христијани, Господ, Црквата Своја, со ова натприродно собитие ја сочува од преди векови, еда би останала несомнена и верна тогаш кога ќе се исполни времето за остварување на однапред благовестеното свештено собитие.

Не ли е чудо тоа што Бог од ребрата на првородителот Адам ја создаде Ева, прамајката наша, без да му наштети со било што? Та и Спасителот наш Го роди Дева, неискусомужно и бессемено, бидејќи Бог ѝ ја заварди девственоста и после рождеството. Севозможно Му е на Оној Кој ја создал природата. Сполај Му Нему Кој ја дарувал природата со закони, со кои во беспрекорна послушност исполнувајќи ги, таа постои за да Го слави Создателот.

Човекот на верата, не сомневајќи се во чудесата Божји, не чувствува потреба од скептично преиспитување на начинот на нивната пројава во светот. Ќе биде ли оправдано нашето барање да се преиспитаат чудесните дела Божји, кои се израз на теофаниските надсуштествени и ни од што ограничени сили, доколку сме свесни за ограниченоста на нашите умни сили? Оној пак, што ќе посака да ги обестајни тајните Божји, така што ќе мора да го допре со својот ум безданото дно на Сèтајната, ќе се соочи со еден Сизифов проблем, имено ќе треба да го пробие неробојниот ѕид што меѓу Бога и човекот се испречува на онтолошки план. Таквиот човек лукиферски посакува да се обожи, според природата. Последиците што ќе ги предизвика гордиот човек, во желбата истоветен со Лукифер, ќе бидат идентични со оние на Деница, црниот, паднат и смртоносив ангел.

Не, ние верните и непотребни слуги, но и деца на нашиот Владика и Татко, не стоиме зад страстните желби на расчовечениот човекобог. Евклидовскиот ум на гордиот кончовек се сопнува од Христос, зашто Неговата Тајна се испречува како карпа од која се одбива неговиот бесплоден напор. Надсуштествените дела Божји не им подлежат на природните експерименти. Токму затоа пак, Бог за да го приведи Народот Божји пред дверите на „Чудото над сите чудеса“, го подготвуваше со помош на други чудеса: Како предверие на Голгота, семилостивиот наш Сотир благоизволи да се случи великото чудо на бессеменото рождество од Дева и после раѓањето. Подобно на тоа, воочи избавувањето на еврејскиот избран народ Божји од Стариот завет, од физичкото ропство на фараонот, Господ благоизволи да му се открие на Светиот Пророк Мојсеј во капината што гореше но не согоруваше. Наопалимата Капина веќе во Стариот завет ја оиконува тајната на Богородица Дева, која неискусомужно и бессемено ќе Го роди вотеловениот Син Божји. Во првиот случај на вештествениот оган му се одзема природната сила да ја изгори капината, а во вториот случај рождеството е оневозможено да ѝ ја одземе девственоста на Приснодева Марија. Невештествениот и несоздаден, благодатен оган Божји ѝ соответствува на приснодевствената утроба на Богородица, која зачна со силата на Сèсветиот и Животворен Дух. Затоа братја, во литургиските песни се пее: „Како што капината гореше а не согоруваше, така и Дева роди и Дева остана“. Откако Логосот Божји се вочовечи, Бог во Богочовекот Христос во ништо не се намали. Христос Е совршен Бог и совршен Човек.

Мирен а не жесток, и тивок а не застрашувачки бесен пламен ја обзеде капината. Тивкоста ја има за пандан љубовната плирома која го одреди кроткиот и благ характир на Спасителот, роден од Најправедната и Сèсвета Негова Мајка и нашата Сèмајка. Пламенот на Неопалимата Капина, тивко и спокојно му се покажа на Мојсеј за да го поштеди од уплав и шок. Тивкиот динамизам на нетлениот оган го охрабри и го смири Мојсеја, го зарадува и го развесели духот негов благовестејќи му го избавувањето на еврејскиот народ од египетското ропство. И нам Христос, Младиот Бог, ни се роди кротко за да нè зарадува со Својата тивка човекољубива посета. Влезе тивко во историјата на светов, во животот на секој човек посебно, и на сите луѓе заедно, за со Своето спасително дело да нè утеши. Преку утробата на Дева како Човек ни се даде, еда би и ние, луѓето, во Него живеејќи да заедничариме со Него како Негови сотелесници, браќа, пријатели и другари, како луѓе со Човек. Бидејќи Бог е Љубов, а човекот е плод на Љубовта, Бог не ќе може на човекот да му се наметне вршејќи насилство врз човекот. Само на човекобогот му импонира застрашувачкиот омјаз на Диктаторот. Слободата благовестена од Богомладенецот Христос е слобода за живот. Таа како таква е уприличена во евангелскиот повик „Кој сака“ да оди по Мене… Вистински, во Христа, слободниот човек е разбременет од тешкиот и несакан јарем на богоборните повелби и закони.

Тогаш пак, кога Јахве, требаше да го исполни заветот што му го беше дал на Свети Пророк Мојсеј во врска со спасението на Старозаветниот избран Народ Божји, повторно благоизволи натприродно собитие. Со тоа чудо Сиј го подготвуваше човечкиот род за со вера да се прими идното најголемо чудо во историјата на човештвото и на светот – натприродното бессемено и неискусомужно рождество на воплотениот Логос Божји, од приснодевствената утроба на Марија Богородица. Во што се состои спомнатото свето и чудесно собитие? Во тоа што Бог повела да се разделат водите на Црвеното Море, подготвувајќи сув пат по којшто поминувајќи, ќе го преведе еврејскиот народ од египетското ропство во ветената земја палестинска. Според природните закони, поточната особеност на водата со ништо не може да се спречи ниту за миг. А Бог повелал водата да стои во вид на два водени ѕида од обете страни на патот кој ја сечел срцевината на Црвеното Море. И тоа траело сè додека и последниот човек на Старозаветниот Лаос бил изведен од канџите на ропството. После оваа пасха  на еврејскиот народ на истиот тој пат се нашол фараонот придружуван од колесници и коњаници и многубројна одлично вооружена војска. Но, авај, какво чудо на Божјата промисла! Господ над војските повторно ги соединил дотогаш разделените води, за да му постанат гробница на фараонот и неговите војски. Природата, браќа, воѓето ги чини течни а не стојни. Ама бивајќи послушни кон волјата Божја, природните закони отстапуваат пред силата Божја и ги исполнуваат Неговите повеленија. Еве што вели за тоа прекрасниот црковен поет во чудесната песна: „Откако премина Израилот, морето постана непреодно (какво што беше пред преминот), и откако се роди Емануил, Безгрешната остана Дева (каква што и беше пред рождеството)“.

Според природата своја ѕверовите напаѓаат и јадат луѓе, но кога Светиот Пророк Даниил богоборците го фрлиле среде изгладнети лавови, останал неповреден. И како што лавовите му се уподобиле на Божјото повеление, така и бессемено зачнатиот и родениот Логос Божји во Тело, не ја повреди Дева, чувајќи ѝ ја девственоста и после раѓањето.

Тројцата отроци, од Навуходоносор во седумпати вжештуваната фурна фрлени не изгореа, зашто, природата на огнот да пече и согорува беше преиначена. И како што огнот ја изгуби силата да ги изгори отроците, така и несоздадениот оган на Светиот Дух не допушти да се повреди утробата на Пречиста Дева.

Со вакви и на нив слични натприродни чудеса Бог на живите, благовремено го подготвувал човештвото, без сомневање и со вера да го прими бессеменото и безмужното зачатие со силата на Светиот Дух во утробата на Светата Дева.И после сето тоа созреа времето да се исполни ветеното. Ни се роди Синот Божји од Марија Дева во Витлеем на денешен ден, на полноќ, во студени овчји јасли и во темна пештера. Рождеството на Богомладенецот го објавија ангелските хорови, чии химни го славеа Домостројот Божји на спасението: „Слава на Бога во висините, мир на земјата, добра волја меѓу луѓето“.

Луѓето пак, што се прашуваат дали е можно Дева да зачне безмажно и несемено, да роди и повторно да остане Дева, нека го слушнат истото прашање изречено од устата на Пречиста Дева и упатено до благовесниот Архангел Гавриил. Кога Марија Дева ја чу благата вест за тоа дека ќе Го роди Иисуса, го прашала Архангелот: „Како ќе се случи тоа, кога јас не знам за маж?“ (Лука 1,34). Гавриил ѝ одговорил: „Светиот Дух ќе слези на тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лука 1,35). Та, според тоа браќа, да научиме од Архангелот како се случило тоа и со безмолвие, покорност, побожност, и силна вера, да го примиме кажувањето на архистратигот, без да го испитуваме собитието што ги надминува нашите сили.

Браќа, кој го спаси еврејскиот народ од ропството на фараонот? Силната вера на Пророк Мојсеј! Кој го спаси Свети Пророк Даниил од лавовите, и трите јуноши од огнот? Нивната моќна вера во Бога! И ние, крстените во Иисуса Христа, да веруваме во силата Божја, и со страв Божји и благоговение да му се поклониме на рождеството Христово. Зашто Господ и нас ќе нè избави како што го избави Мојсеја од дјаволската воденица на смртта; Даниила од ѕверството на истјазанијата на овој свет, трите отроци од огнот на страшните искушенија во светов. Во идниот век ќе нè дарува со она што око човечко не видело, што уво човечко не слушнало, и со она што е немислено за умот човечки.

Овој Новороден и необичен Владика и Цар, владичествува евангелски со срцата човечки. Луѓето жеднеат по Него и Го примаат како свој единствен Човекољубец, Миротворец и Спасител. Заради Своето човекољубие се облече во тело, соединувајќи ги неслеано во Себе духовниот и вештествениот свет; се роди натприродно од Дева; легна во ладните јасли; во темната пештера; надвор од вревата на телесните луѓе – за луѓето да ги стопли со Својата неограничена љубов; да ги просвети со светлината на неизмерната наука Своја; да им донесе спокојство во срцата, мир во душите, радост духовна, благодат и спасение вечно на светот и луѓето.

Затоа, возљубени браќа, не бојте се од верата во Новородениот Богомладенец Христос. Исповедајте Го Источникот на нашиот мир, благодат и спасение. Не плашете се децата ваши да ги воспитувате во духот на спасителната наука Христова. Да не нè прелестат паганските клеветења дека Христос ќе ни ги отуѓи децата од модерните природни науки и дека ќе ни ги фрли во заостанатост. Тоа се големи обмани, заради богослужбениот карактер на природните науки. А тоа значи дека, онака како што Христос го благословил нивното постоење, така тие постојат за да Го потврдат и да Го прослават Христа. Таквиот Христос, очевидно е, не само што не е сопирачка за науките, туку е нивни гарант и образовател на научниот и моралниот лик на нашите деца. Светот на науката ќе биде дотолку поприемчив, доколку верата Христова и христијанскиот морал му постанат почва на никнење живот. Денешниов свет има насушна потреба од учени луѓе, но неспоредливо поголема е потребата од воспитани луѓе во Духот Христов. Затоа без страв ќе им благословиме на децата наши во училиштето да ги изучуваат природните науки, но доколку сакаме целосно да зреат, покрај образование ќе им овозможиме и воспитание. Во неможност воспитанието да се стекнува во нашиот школски систем заради прогонот што го врши врз Христа, ќе се погрижиме родителски да ги згрижиме децата свои така што ќе ги доиме со млекото на евангелските повеленија, читајќи им лекции од Светото Евангелие и внесувајќи ги во рајот и вечното време на Светиот Литургиски Живот на Црквата Божја.

Имајќи во вид дека Христос најмногу ги сакал невините деца, чувствуваме света должност децата наши да Му ги даруваме на Дарителот на Животот, Христос. Овој Божествен им биде единствен и вистински Учител. Нека им биде Татко и Воспитувач на секое добро.

Најголемо злосторство е браќа, да се откажеме од Бога и да се сомневаме во силите Негови. Злосторство е да не Му се поклониме благоговејно на Новородениот Спасител наш Кој ни е сотелесник, и нè дарувал со добра волја а светов со мир. Ваков Владика не се родил ниту ќе се роди, зашто само Христос бескрајно почитувајќи ја од Него нам даруваната слобода, наликува на Просјак, Кој смирено и смерно стои пред враќето на сечие човечко срце и тропа да Му се отвори. На овој наш Сèсакан и тивок Гостин да Му ги отвориме враќето на срцата наши, враќето на нашите домови, враќето на нашите градови, села и училишта. Нека влези и нека посее мир и благослов. Нека Го примиме со радост за вечно а не времено да пребива во нас и ние во Него. Нека нè благослови нас и нашиот пород. Нека Го прегрнеме Оној Кој од преди векови нè прегрнал. Нека вдахне во нас од Својот Дух Свет, Кој ќе нè исполни и ќе нè внеси во полнотата од времето невремено на Вечниот и Небесен Град Иерусалим. Амин!

отец Владимир Санџакоски

протоереј-ставрофор

Во Струга, на Рождество Христово,

25/07 – 12/01   1964 лето Господње[2]

Преведувачка (патристичка литература) и калиграфско - препишувачка дејност (хагиографска литература)[уреди | уреди извор]

Отец Владимир Санџакоски е активен и на полето на преведувачката (патристичката литература) и калиграфско-препишувачката дејност (хагиографската литература). Тој се пројавува како одличен познавач на црковно-славјанскиот и рускиот јазик, а со самото тоа и на богословскиот лексикон својствен за св. Отци. Тоа ќе му овозможи проникливи и веродостојни преводи и препеви на црковни текстови напишани на еден од класичните јазици, на современ литературен македонски јазик.

Музичко творештво[уреди | уреди извор]

За музичката дејност на отец Владимир Санџакоски дознаваме пред сѐ од звучните записи, кои датираат од 1968 година. И токму во светот на музичката уметност отец Владимир е ингениозен. Неговото музичко творештво го следи патот на црковно - музичката традиција создавана и негувана во градот Струга од повеќе генерации на црковни композитори и псалти. Токму затоа таа со право се нарекува „струшка црковно-пејачка школа“ (проф. д-р Сотир Голабовски).

Тој е автор на бројни црковни напеви, од кои најпозната е музичката обработка на 136-от псалм Давидов, На реките вавилонски, на прв глас.

Историските аудио записи од 1968 година[уреди | уреди извор]

Во текстот „Архаични остатоци во сегашната црковно - музичка пракса во струшкиот крај“[3], Сотир Голабовски забележува дека она што го барал за потребите на своите истражува го пронашол во пеењето на двајцата псалти од Струга, Сотир Чакар и прота Владе Санџак. За таа цел, во повеќе наврати во Струга, снимил на магнетофонска лента „околу девет часа делотворна музика“.

„Со голема радост во Струга го забележав пеењето на Владимир Санџакоски... Владе Санџак, се стреми со своето пеење кон повисок аскетизам во изразот и совршена чистота во репродуцирањето на текстот и тонската структура на напевот“ - проф. д-р Сотир Голабовски[3]

Во 2003 година, Институтот за истражување и архивирање на музиката при Факултетот за музичка уметност во Скопје (ИРАМ), обработи и дигитализира приближно сто и педесет минути звучни записи со пеењето на отец Владимир.

Во 2015 година, современиот македонски музиколог Димитри Кумбароски го систематизираше и класифицираше музичкиот материјал од снимките.[4]

Со оглед на фактот дека овие снимки се ретки и претставуваат своевиден линк помеѓу пишаните извори и усното предание среќавано во византиско-словенското црковно пеење, сметаме дека е неопходно овие снимки, да бидат запишани во регистарот на национално културно богатство.

Современи рефлексии[уреди | уреди извор]

Поединечниот пеачки и композиторски израз на отецот Владимир Санџакоски одигра клучна ролја во формирањето на раниот музички стил на познатиот македонски композитор и музичар Горан Трајкоски. Неговите композиции На реките вавилонски (Премин (EP), издание на „Дом“ од Ниш 1989 и „Poeta Negra“ од Солун) и саундтракот Премин од филмот „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски се директно инспирирани од отецот Владимир.

Во 2012 година византискиот хор „Калистрат Зографски“ од Струга ја преизведе композицијата На реките вавилонски она прв глас од отец Владимир Санџакоски.

Познатиот српски владика Давид (Перовиќ) го вредува отецот Владимир меѓу најеминентните личности на модерниот век, кои со својот иконирачки лик успеаа да му се спротивстават на раслојувањето на нашиот лик.

„Само непреобразениот лик не се окажува од карикирањето; иконираниот лик му одолева; вдахновениот лик исто така. Колку се гордееше со него нашиот модерен век, век на човековите права! Меѓутоа, кон раслојувањата на нашиот лик свој придонес дадоа сезонските дизајнери на кичот и шундот. Додуша, на нивните плими жестоко им се спротивставија многубројни современи творци, протагонисти и духовници, меѓу кои особено оние најсуптилните: Епископот жички Николај Велимиовиќ и српските богомолци; преподобните отци Софрониј Сахаров и Григориј Круг, патријархот српски, господинот Павле...Потоа најподвижните во благодатта светогорски игумани Емилијан Вафидис, Ефрем Филотејски, Георгиј Капсанис, Василиј Гондакакис и Пајсиј Танасиевиќ; најподвижните во благодатта отци Порфириј и Пајсиј; најподвижните во богословието презвитери Николај Атанасиев, Георги Флоровски, Јован Маендорф и Александар Шмеман; професорите Владимир Лоски, и Јован Зизјулас, митрополитот пергамски... учителите на византиско пеење Дионисиј Фирфирис, Василикос и отецот Владимир Санџакоски...“ - Д. Перовиќ (2010/11) - Онтологија на кичот и шундот, Логос, ПБФ, Белградски универзитет, Белград[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 Кумбароски, Димитри (2015). Како Стружани го пеат Бога. Струга: ИРИС Принт. стр. стр. 85-104. ISBN 608-207-144-2 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).
  2. Санџакоски, Владимир (1993). „Беседа на Рождество Христово“. Домострој. 3/4: стр. 5.
  3. 3,0 3,1 Голабовски, Сотир (1977). „Архаични остатоци во сегашната црковно - музичка пракса во струшкиот крај“. Македонска музика: стр. 56.
  4. Кумбароски, Димитри (2015). Како стружани го пеат Бога. Струга: ИРИС Принт. стр. стр. 104-117. ISBN 608-207-144-2 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).
  5. Перовиќ, Владика Давид (2010). „Онтологија на кичот и шундот“. Логос - часопис на Богословскиот факултет во Белград.