Владимир Мошин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Владимир Алексеевич Мошин (Санкт Петербург, 9 октомври 1894 - Скопје, 3 февруари 1987) - македонски филолог, универзитетски професор и член на МАНУ. Тој бил еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонското книжевно наследство.

Биографија[уреди | уреди извор]

Академик Владимир Мошин е роден во Петроград, Русија, каде студирал на Филолошкиот факултет, но го прекинал образованието по избувнувањето на Првата светска војна во којашто учествувал како доброволец. Во 1917-1918 година студирал на Историско-филолошкиот факултет на Тифлискиот универзитет, а потоа се преселил во Киев, каде го продолжил образованието. Таму се оженил со Олга Јаковлевна Кирјанова, а потоа, во август 1920 година стапил во Армијата на доброволци на јужниот фронт. Откако приврзаниците на царскиот режим биле поразени од Црвената армија, заедно со жена си, која била воен лекар, Мошин ја напуштил Русија на товарниот брод „Акољд“.
Во декември 1920 година, Мошин пристигнал во Копривница, Југолсавија, а во август 1921 година, тој и жена му добиле професорски места во локалната гимназија, каде тој предавал историја и географија, а сопругата - француски јазик. Пролетта 1928 година, Мошин ја одбранил докторската дисертација на Универзитетот во Загреб на тема поврзана со норманската колонизација на Црното Море. Истовремено, како византолог и славист, специјалист по словенска археографија, тој бил основач на југословенската палеографска наука. Од 1930 до 1932 година, проф. д-р Мошин предавал византологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа и на Универзитетот во Белград, каде предавал до 1942 година. За време на Втората светска војна, тој предавал и на богословските курсеви во Белград, а бил ракоположен за ѓакон и свештеник.[1]
Кога во 1944 година, во Белград пристигнала Црвената армија, проф. Мошин бил уапсен, но набргу бил ослободен. Потоа, неговото семејство, како и другите свештеници на црквата Св. Троица во Белград, примило советско државјанство, а тој бил унапреден во свештеничкиот чин - протојереј. Летото 1947 година, проф. Мошин со семејството се преселил во Загреб, а тој бил назначен за директор на архивата на Академијата на науките и уметностите. Паралелно со тоа, проф. Мошин се занимавал и со изучување и каталогизација на словенските ракописи.[2]
Во 1959 година, проф. Мошин се повлекол од свештеничката служба и се посветил на научна работа, а по некое време повторно се вратил во Белград. Во тоа време, тој бил ангажиран како соработник во одделот за опис на словенските ракописи на Народната библиотека во Скопје и формирал нов центар за археографски истражувања во Македонија. Истовремено, проф. Мошин држел предавања по палеографија, редактирал зборници на старословенски ракописи и објавувал материјали од историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1971 до 1974 година работел како редовен професор на Филoлошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за историја на Јужните Словени. Поради неговите научни заслуги, проф. Мошин бил избран за член на МАНУ.[3]
Академик Мошин починал на 3 февруари 1987 година, во Скопје, каде е погребан заедно со сопругата.[4]

Творештво[уреди | уреди извор]

Покрај неговата дејност во Загреб и во Белград, проф. Мошин бил раководител на историското одделение при Архивот на СР Македонија, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и долгогодишен раководител на Катедрата за словенска култура при Институтот за проучување на словенската култура во Прилеп.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Протеран од Петроград - погребан во Скопје!“, Публика - Неделен политички прилог, број 219, сабота, 28 февруари 2015, стр. 6.
  2. „Протеран од Петроград - погребан во Скопје!“, Публика - Неделен политички прилог, број 219, сабота, 28 февруари 2015, стр. 7.
  3. „Протеран од Петроград - погребан во Скопје!“, Публика - Неделен политички прилог, број 219, сабота, 28 февруари 2015, стр. 7.
  4. „Протеран од Петроград - погребан во Скопје!“, Публика - Неделен политички прилог, број 219, сабота, 28 февруари 2015, стр. 7.