Владимир Костов (музичар)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Владимир Костов (1975, Битола) — македонски виолинист.

Животопис[уреди | уреди извор]

Костов го започнал своето музичко образование во Битола, а студиите по виолина ги завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, а кај него и магистрирал. Исто така, стручно се усовршувал и кај други познати педагози, како: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко итн. Во периодот 2000-2004 бил професор по виолина во Оркестарот на ЦЕИ, а е вработен како концерт-мајстор во Македонската филхрмонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Костов е член на „Македонскиот кларинет квинтет“ во кој свири прва виолина и водач на неколку камерни оркестри и ансамбли, како: камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“ и квартетот „Бревис“, клавирското трио „ВАМ“. Тој е редовен член на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и на Младинскиот оркестар на Музичката младина на Македонија. Покрај тоа, тој е единствениот македонски музичар кој повеќепати членувал во угледниот Светски оркестар на музичката младина со кој остварил голем број настапи ширум светот. Исто така, тој настапува и со оркестарот „Исток-Запад“ во Алтенбург. Како солист, Костов настапувал со Македонската филхармонија и со нејзиниот камерен оркестар, а настапувал и самостојно на повеќе музички манифестации во Македонија, Украина, Германија, Бугарија, Србија, Британија, Хрватска и Полска.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.
  2. Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.