Социјалистичка Република Македонија
Демократска Федерална Македонија (1944–1946) Народна Република Македонија (1946–1963) Социјалистичка Република Македонија (1963–1991) Република Македонија (1991) | |||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1944–1991 | |||||||||||
| Химна: Денес над Македонија (1945–1991) | |||||||||||
Македонија во рамките на Југославија | |||||||||||
| Статус | Сојузна република на Југославија | ||||||||||
| Главен град | Скопје | ||||||||||
| Говорени јазици | македонски албански српскохрватски | ||||||||||
| Вероисповед | Секуларна држава (de jure) Државен атеизам (de facto)[1][2] | ||||||||||
| Уредување | 1946–1990: Титоистичка еднопартиска социјалистичка република 1990–1991: Парламентарна република | ||||||||||
| Историски период | Студена војна | ||||||||||
• АСНОМ | 2 август 1944 | ||||||||||
• Промена на името во НР Македонија | 8 март 1946 | ||||||||||
• Донесен е Уставот на НР Македонија | 31 декември 1946 | ||||||||||
• Промена на името во СР Македонија | 12 април 1963 | ||||||||||
| 8 септември 1991 | |||||||||||
| Население | |||||||||||
• 1948 | 1,1 милиони | ||||||||||
• 1971 | 1,6 милиони | ||||||||||
• 1991 | 2 милиони | ||||||||||
| Валута | Југословенски динар (1945–1991)[3][4][5][а 1] | ||||||||||
| |||||||||||
Социјалистичка Република Македонија (скратено СР Македонија) ― последното име на федеративна Република Македонија, кога била дел од ДФЈ/ФНРЈ/СФРЈ, име кое го носела од 12 април 1963 до 1991 година. Од 8 март 1946 година до 12 април 1963 година, земјата го носела името Народна Република Македонија и тоа име и државно уредување било сменето врз основа на Одлуката за прогласување на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, донесена од Народното собрание на Народна Република Македонија, на заедничката седница на Републичкиот собор и Соборот на производителите.[10]. Првото име на современата македонска држава било Демократска Федерална Македонија, како држава во составот на Демократска Федерална Југославија. Ова име било користено во периодот од 2 август 1944 до 8 март 1946 година, кога Президиумот на Народното Собрание. Во 1991 година по пат на референдумско изјаснување, Република Македонија била прогласена за независна држава односно истата држава се отцепила од СФРЈ.
Територијата која ја опфаќала ДФМ/НРМ/СРМ, во најголем дел е територијата на Вардарскиот дел на Македонија. Во текот на своето постоење СРМ, загубила свои делови од територијата кои административно влегле и денес во територијата на тогаш наречената НР Србија. Така сè до 1947 година, манастирот „Свети Прохор Пчински“, каде е одржано Првото заседание на АСНОМ, заедно со општините Прешево, Бујановац, Качаник и Витина, административно биле под ДФ/НР Македонија и учествувале со свои претставници на заседанијата на АСНОМ, за по 1947 овие територии да влезат во составот на НР Србија заедно со уште некои катастарски општини кои припаѓале во македонската држава.[11]
Историја
[уреди | уреди извор]Втората светска војна и создавањето на македонската држава (1941–1944)
[уреди | уреди извор]Пред Втората светска војна, најголемиот дел од територијата на денешна Република Македонија се наоѓал во составот на Кралството Југославија, како дел од Вардарската Бановина. По нападот на силите на Оската врз Југославија во април 1941 година, најголемиот дел од Вардарска Македонија бил окупиран од Бугарија, додека западните области биле приклучени кон Албанија под италијанска контрола. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, германските сили воспоставиле контрола врз поранешната италијанска окупациска зона.
Во услови на окупација започнала вооружената борба против силите на Оската. На 11 октомври 1941 година бил извршен нападот на бугарскиот полициски участак во Прилеп, а партизански одреди дејствувале и во Кумановско. Во текот на 1942 и 1943 година Народноослободителното движење постепено се проширувало, со создавање нови партизански единици, народноослободителни одбори и политички органи. Во 1943 година била основана Комунистичката партија на Македонија, како дел од Комунистичката партија на Југославија.
На Второто заседание на АВНОЈ, одржано на 29 ноември 1943 година во Јајце, биле поставени основите за федералното уредување на повоена Југославија, во кое Македонија била предвидена како една од федералните единици.[12]
На 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, било одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија (АСНОМ). Собранието се конституирало како највисок законодавен и извршен орган на новата македонска држава, која станала федерална единица во рамките на идната југословенска федерација. Меѓу најзначајните одлуки биле прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик, усвојувањето на Декларацијата за основните права на граѓаните и прогласувањето на Илинден за народен и државен празник. За претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран Методија Андонов-Ченто.[13]
Во текот на есента 1944 година, по повлекувањето на бугарските окупациски сили и во борбите со германските единици, Народноослободителната војска воспоставила контрола врз најголемиот дел од територијата на Македонија. Скопје било ослободено на 13 ноември, а Тетово на 19 ноември 1944 година, со што завршиле главните операции за ослободување на Вардарска Македонија.
Демократска Федерална Македонија (1944–1946)
[уреди | уреди извор]По ослободувањето започнало воспоставувањето на органите на државната власт и обновувањето на земјата разурната во војната. АСНОМ и неговиот Президиум ја извршувале највисоката власт до формирањето на редовните републички институции. На Второто заседание на АСНОМ, одржано во Скопје на 28–30 декември 1944 година, биле разгледани прашањата за натамошната изградба на државната управа и повоената обнова.

На Третото заседание на АСНОМ, одржано од 14 до 16 април 1945 година, АСНОМ бил преобразен во Народно собрание на Македонија. На 16 април била формирана првата македонска народна влада, на чело со Лазар Колишевски. Со ова бил заокружен почетниот процес на создавање на републичките органи на власта.[14]
Посебно значење имало институционализирањето на македонскиот јазик. Во мај 1945 година била усвоена македонската азбука, а потоа следувало утврдувањето на правописните правила. Македонскиот јазик постепено бил воведуван во државната управа, образованието, печатот и културните установи. Во овој период биле основани Македонскиот народен театар, Народната библиотека и други установи од национално значење.
На 29 ноември 1945 година била прогласена Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ), во чиј состав Македонија добила статус на една од шесте народни републики. На 8 март 1946 година името Демократска Федерална Македонија било заменето со Народна Република Македонија, со што било усогласено со новото државно уредување на федерацијата.[14]
Воспоставување на социјалистичкиот поредок (1946–1953)
[уреди | уреди извор]На 31 декември 1946 година бил донесен првиот Устав на Народна Република Македонија, со кој биле уредени положбата на републиката во југословенската федерација, организацијата на државната власт и основните права и должности на граѓаните. Политичкиот систем бил заснован врз водечката улога на Комунистичката партија, која воспоставила еднопартиска власт.
Во првите повоени години биле спроведени национализација на поголемите стопански претпријатија, аграрна реформа и мерки за колективизација на земјоделството. Стопанскиот развој бил насочуван преку централно планирање, при што се настојувало да се надмине претежно аграрната структура на републиката. Започнале инвестиции во индустријата, енергетиката, сообраќајната инфраструктура и јавните установи.[15]
Истовремено, воспоставувањето на комунистичката власт било проследено со политички репресии против вистински и претпоставени противници на новиот поредок. Дејствувањето на органите на државната безбедност, политичките судски процеси и ограничувањето на политичкиот плурализам станале карактеристики на повоениот систем. Меѓу најпознатите случаи било судењето на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, кој поради несогласувањата со федералната политика и залагањето за поголема самостојност на Македонија бил отстранет од политичкиот живот и во 1946 година осуден на единаесет години затвор.[16]
Расколот меѓу Југославија и Советскиот Сојуз во 1948 година имал значајни последици и за Македонија. Новата надворешнополитичка положба на Југославија довела до промени во стопанската и политичката политика, но и до прогони на лица обвинети дека ја поддржувале резолуцијата на Информбирото.

Паралелно со политичките и стопанските промени се развивале образованието и науката. Биле основани нови основни и средни училишта и започнал процесот на намалување на неписменоста. Во 1949 година бил основан Универзитетот во Скопје, првата универзитетска установа на современата македонска држава.[17]
Самоуправување и општествен развој (1953–1963)
[уреди | уреди извор]Во текот на 1950-тите години, во согласност со промените во југословенскиот политички и стопански систем, во Народна Република Македонија постепено се развивал моделот на работничко самоуправување. Со уставните промени од 1953 година биле зајакнати самоуправните институции, а управувањето со претпријатијата сè повеќе се поврзувало со работничките совети. Сепак, Сојузот на комунистите на Македонија ја задржал водечката политичка улога.
Во овој период бил забрзан процесот на индустријализација и урбанизација. Развојот на индустриските капацитети и инфраструктурата придонел за преселување на населението од селските во градските средини. Истовремено биле проширувани здравствените, образовните и социјалните услуги, а се развивале и нови научни и културни институции. И покрај стопанскиот напредок, Македонија останала меѓу економски понеразвиените републики во југословенската федерација.[15][14]
Значајни промени се случувале и во верскиот живот. На Вториот црковно-народен собор, одржан во Охрид во 1958 година, била обновена Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, а за нејзин поглавар бил избран Доситеј. Со ова започнала нова фаза во организирањето на православниот црковен живот во републиката.
Во 1963 година бил донесен новиот Устав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, со кој федерацијата го добила името Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Со усвојувањето на републичкиот устав на 12 април 1963 година, Народна Република Македонија била преименувана во Социјалистичка Република Македонија. Со уставните промени биле дополнително развиени самоуправните институции и републичкиот систем на власт.[14]
Социјалистичка Република Македонија (1963–1980)
[уреди | уреди извор]На 26 јули 1963 година, катастрофален земјотрес го погодил Скопје, предизвикувајќи големи човечки загуби и уништување на значителен дел од градот. Обновата на главниот град била спроведена со поддршка од другите југословенски републики и со меѓународна помош координирана од Обединетите нации. Реконструкцијата придонела за значајни промени во урбанистичкиот развој и инфраструктурата на градот.[18]

Во текот на 1960-тите и 1970-тите години продолжил развојот на индустријата, образованието, научните установи и културните дејности. Во 1967 година била основана Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), со што биле проширени институционалните можности за научноистражувачка и уметничка дејност. Истата година, на Третиот црковно-народен собор во Охрид, Македонската православна црква еднострано ја прогласила својата автокефалност, која тогаш не била признаена од Српската православна црква и другите помесни православни цркви.
Значајна пресвртница во уставниот развој претставувало донесувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија во 1974 година, во согласност со новиот сојузен устав. Со уставните измени биле проширени надлежностите на републиките во рамките на федерацијата и дополнително бил развиен системот на социјалистичко самоуправување.
Според Уставот од 1974 година, Социјалистичка Република Македонија била определена како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа. Уставот ги гарантирал правата на народностите на употреба на сопствениот јазик, образование и културно изразување, како и нивното учество во општествено-политичкиот живот. Сепак, политичката власт продолжила да се остварува во рамките на еднопартискиот систем, со доминантна улога на Сојузот на комунистите.[19]
Политичка и економска криза и осамостојување (1980–1991)
[уреди | уреди извор]По смртта на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито во мај 1980 година, Југославија постепено навлегла во период на продлабочена политичка и економска криза. Растот на надворешниот долг, инфлацијата, невработеноста и падот на животниот стандард се одразиле и врз Социјалистичка Република Македонија. Поради релативно пониското ниво на стопански развој, републиката била особено чувствителна на економските нарушувања во федерацијата.[20]
Во текот на 1980-тите години се заостриле и меѓуетничките односи, особено во врска со политичките, образовните и јазичните права на албанското население. Републичките власти спроведувале мерки против појавите што ги оценувале како албански национализам и сепаратизам, при што биле ограничени и одделни претходно признати образовни и јазични права. Со уставните измени од 1989 година била изменета дотогашната дефиниција на републиката, со нагласување на нејзиниот карактер како национална држава на македонскиот народ. Овие промени предизвикале противење кај дел од албанското население.[21]
Кон крајот на 1980-тите години започнал процесот на политичка либерализација и воведување на повеќепартиски систем. Во 1990 година биле создадени нови политички партии, а на 11 и 25 ноември биле одржани првите повеќепартиски парламентарни избори во републиката. На 8 јануари 1991 година било конституирано првото повеќепартиско Собрание, со што започнал институционалниот премин од еднопартискиот социјалистички систем кон парламентарна демократија.[22]
На 25 јануари 1991 година Собранието ја усвоило Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, со која биле поставени основите за натамошно самостојно одлучување за државниот статус. За претседател на Републиката бил избран Киро Глигоров. На 7 јуни 1991 година, со уставна измена, официјалното име на државата било променето во Република Македонија.[23]
Во услови на распаѓањето на Југославија, на 8 септември 1991 година бил одржан референдум за независност, на кој мнозинството од граѓаните што гласале се изјасниле за суверена и самостојна македонска држава, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. На 17 септември Собранието ја усвоило Декларацијата по повод референдумски изразената волја на граѓаните. На 17 ноември 1991 година бил донесен новиот Устав на Република Македонија, со кој бил утврден уставноправниот поредок на независната држава. Со овие промени завршил периодот на Македонија како федерална република во составот на социјалистичка Југославија.[13]
| Оваа статија е дел од целината |
| Историја на Македонија |
|---|
| Список: Историјата на Македонија по години |
Напредување на републиката
[уреди | уреди извор]Во 1945, ситуацијата во Македонија е тешка поради чекорите кои требале да се преземат за да се создаде економски и социјален напредок. Било потребно да се кодифицира стандардниот македонски јазик, да се напишат речници, да се отворат училишта, да се воспостават медиуми и национална култура, да се изградат фабрики и електрични централи.[24] Неписменоста кај населението била 64% во 1944 и отворање на училишта е еден од првите цело на новиот режим. Додека постоеле само 843 училишта во 1939, нивниот број се зголемил на 1487 во 1951. Комунистичките закони им дозволиле на децата од малцинствата да добијат пристап до образование на нивниот мајчин јазик, и истата година имало 1148 училишта на македонски јазик, 214 училишта на албански, 112 на турски и 13 на спрски јазик кои заедно броеле 177.579 ученици. Во 1959, овој број достигнал 211.556 и во 1973 330.698[25]. Неписменоста значително опаднала: во 1953 40.3% од населението сè уште било неписмено додека во 1988, 10.9%. Овој резултат бил незначителен во споредба со тој во богатите републики како Словенија, но е подобар од тој во Босна и Херцеговина (14.5%) и Косово (17.6%), во 1988.[26].
Македонскиот јазик се кодифицирал во 1945 година. Дијалектот зборуван во главниот град Скопје се сметале за близок кон српскиот јазик и поради тоа дијалектите од Битола и Велес биле одбрани како тие за стандардизација на јазикот; македонската азбука била прифатена на 3 мај, а правописот на 7 јуни во истата година.[27] Воспоставувањето на македонската црква независна од српскиот патријархат е уште еден голем момент за македонската нација и уште една од ретките соработки помеѓу водичите на верата и тие на социјалистичката држава. Архиепископијата во Охрид, која исчезнала во 18 век, била повторно поставена во 1958 и нејзината автокефалија е прогласена во 1967. Српската црква одбива да ја признае независноста. Односите помеѓу македонската црква и македонските власти останале добри, особено поради тоа што двете требале да се соочат со албанскиот национализам и исламизацијата на државата.[27] Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), уште една голема национална институција била основана во 1967.[28] Државата го добила името Социјалистичка Република Македонија во 1963.
Криза во 1980-те
[уреди | уреди извор]
Социјалистичка Република Македонија била соочена со економска и социјална криза во текот на 1980-те како и остатокот на Југославија. Економската криза зпаочнала со нафтената криза во 1970-те и се зголемила поради огромниот долг на републиката, од околу 20 милијарди долари кој бил позајмен со цел да се развива стопанството.[29][30] Републиката престанала да привлекува инвеститори, економскиот пораст почнал да стагнира и квалитетот на живот да се намалува.[29] Во 1988, стапката на инфлација достигнува 250% и 27% од активната популација е невработена. Бројката на невработеност била под југословенскиот просек (16,2 %) и имала огромна разлика со таа во Словенија, каде што стапката на невработеност изнесувала само 1.7%. Истата година, бруто-домашниот производ врз жител не достигнал повисоко од 1.399.000 динари за Македонија, додека југословенскиот просек бил 2.045.000 динари а тој на Словенија 3.140.000 динари.[30]
Економската криза довела и до зголемување на етничките тензии помеѓу двете најголеми народи, Македонците и Албанците. Растењето на албанскиот национализам доведува до зголемување на македонскиот. Така во 1987 година, 100 албански официјалци од Тетово биле отпуштени поради „идеолошки разлики“. Се случуваат големи протести на Албанците во 1988 во Куманово и Гостивар и следната година е прилагоден македонскиот амандман.[31] Додека претходно, републиката била дефинирана како „Држава за македонскиот народ и на турските и албанските малцинства“, новата дефиниција вклучувала „држава-нација на македонскиот народ“. Албанското малцинство реагирално преку петиции, но ситуацијата останала релативно мирна.[32]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Македонија по Втората светска војна во Југославија влегува како економски најнеразвиена и од војната најопустошена република. Со доаѓањето на комунистичката власт, македонската економија и стопанство почнуваат коренито да се изменуваат и градат во советскиот социјалистички тип на планирано стопанство. Мерките на колективизација и насилната национализација (одземање на приватната сопственост на земјоделското и останатото земјиште на граѓаните) катастрофално ќе се одразат на македонското село. Во исто време започнува и засилена индустријализација на градовите, со што се предизвикува масовен прилив на селско население во градовите. Со изработката на првите петогодишни планови (петолетки) економската состојба и инфраструктура во Македонија почнува да се гради и да напредува со незапирлив подем. Се започнува со електрификација на градовите и селата, а во овој период на индустријализација се градат и најголемите индустриски капацитети. Договореното стопанство во СР Македонија, доаѓа во целосен колапс и пропаст кон крајот на осумдесеттите години на XX век, за целосно да крахира со распадот на СФРЈ кога се губат тогашните сигурни пласмани на производите на македонските претпријатија на пазарот во Југославија.
Македонија главно го снабдувала југословенскиот пазар со земјоделски производи, градинарски култури и ран зеленчук, овошје, тутун и цигари, челик за бродоградба, текстилни производи и полуфабрикати кои најчесто биле дофабрикувани во Словенија и Хрватска, а подоцна се извезувале и во странство и се пласирале како словенечки и хрватски производи.
Сепак, Македонија поради разни околности, била во подредена економска положба во однос на поголемите републики особено на Србија. Поради тоа, економскиот развој во Македонија се задржал само во педесеттите и шеесеттите години на XX век, додека во седумдесеттите и осумдесеттите се забележувале знаци на економска стагнација, додека републики како Словенија, Хрватска и Србија економски напредувале во однос на останатите.
Државни симболи
[уреди | уреди извор]АСНОМ во 1944 година го усвоил првото знаме на Македонија. Тоа било со црвена позадина со жолта ѕвезда на средината. Во 1946, откако републиката влегла во југословенската федерација, ѕвездата била ставена во горниот лев агол.
Грбот исто така бил адаптиран во 1946 и го користел дизајнот кој бил прифатен на АСНОМ во 1944. Дизајнот го симболизирал сонцето кое се крева над државата и ја симболизира слободата која се шири во Македонија. Централните фигури посочуваат кон Шар Планина со врвот Љуботен на планината Кораб. Под планината е претставено бранувањето на реката Вардар и на Охридското Езеро. На почетокот, претставената планина ја симболизирала планината во Пирид во македонска Бугарија. Опкружени се со пленица (во горниот дел) и со афион во позадината (во долниот дел) кои ја симболизираат флората и земјоделството во државата. Исто така е претставен и мак, растение кое било воведено во Македонија за време на Османлиското Царство и народни дезени. На врвот е зачувана црвената ѕвезда, симбол на комунизмот.
- Знамето од 1944.
- Знамето од 1946.
- Грбот од 1944.
- Грбот од 1946.
Административна поделба
[уреди | уреди извор]- Во 1952 година, со Законот за поделба на Народна Република Македонија на околии, градски општини и општини, биле за првпат воведени околиите и општините како локални територијални единици. Истата година Народна Република Македонија била поделена на 18 околии, 27 градски општини и 205 општини.

- Во 1955 година, со Законот за подрачјата на околиите и општините, во Народна Република Македонија имало 7 околии и 73 општини.
- Скопската околија се состоела од 9 општини: Бутел, Ѓорче Петров, Драчево, Петровец, Ракотинци, Идадија, Кале, Кисела Вода и Саат Кула
- Битолската околија се состоела од 13 општини: Битола, Бистрица, Демир Хисар, Дихово, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Кукуречани, Мориово, Новаци, Плетвар, Прилеп и Тополчани.
- Кумановската околија се состоела од 9 општини: Клечевце, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Орашац, Ранковце, Старо Нагоричане и Табановце
- Охридската околија се состоела од 9 општини: Белчишта, Брод, Дебар, Кичево, Косел, Осломеј, Охрид, Ресен, Струга
- Тетовската околија се состоела од 7 општини: Врапчиште, Гостивар, Жеровјани, Маврово, Сараќино, Тетово и Теарце
- Титовелешката околија се состоела од 11 општини: Богданци, Богомила, Валандово, Гевгелија, Градско, Кавадарци, Конопиште, Неготино, Отовица, Велес и Чашка
- Штипската околија се состоела од 15 општини: Берово, Босилово, Василево, Виница, Делчево, Кочани, Ново Село, Облешево, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Свети Николе, Струмица, Џумајлија и Штип
- Во текот на 1962 година бројот на општините бил намален на 61.
- Во 1966 година биле укинати околиите.
Демографија
[уреди | уреди извор]| Етнички групи | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | ||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Број | % | Број | % | Број | % | Број | % | Број | % | Број | % | |
| Македонци | 789,648 | 68.5 | 860,699 | 66.0 | 1,000,854 | 71.2 | 1,142,375 | 69.3 | 1,281,195 | 67.0 | 1,328,187 | 65.3 |
| Албанци | 197,389 | 17.1 | 162,524 | 12.5 | 183,108 | 13.0 | 279,871 | 17.0 | 377,726 | 19.8 | 441,987 | 21.7 |
| Турци | 95,940 | 8.3 | 203,938 | 15.6 | 131,481 | 9.4 | 108,552 | 6.6 | 86,691 | 4.5 | 77,080 | 3.8 |
| Роми | 19,500 | 1.7 | 20,462 | 1.6 | 20,606 | 1.5 | 24,505 | 1.5 | 43,223 | 2.3 | 52,103 | 2.6 |
| Срби | 29,721 | 2.6 | 35,112 | 2.7 | 42,728 | 3.0 | 46,465 | 2.8 | 44,613 | 2.3 | 42,775 | 2.1 |
| Бошњаци | 1,560 | 0.1 | 1,591 | 0.1 | 3,002 | 0.2 | 1,248 | 0.1 | 39,555 | 2.1 | 31,356 | 1.5 |
| Муслимани | ||||||||||||
| Власи | 9,511 | 0.8 | 8,668 | 0.7 | 8,046 | 0.6 | 7,190 | 0.4 | 6,392 | 0.3 | 7,764 | 0.4 |
| Бугари | 889 | 0.1 | 920 | 0.1 | 3,087 | 0.2 | 3,334 | 0.2 | 1,984 | 0.1 | 1,370 | 0.1 |
| Хрвати | 2,090 | 0.2 | 2,770 | 0.2 | 3,801 | 0.3 | 3,882 | 0.2 | 3,349 | 0.2 | 2,878 | 0.1 |
| Црногорци | 2,348 | 0.2 | 2,526 | 0.2 | 3,414 | 0.2 | 3,246 | 0.2 | 3,940 | 0.2 | 3,225 | 0.1 |
| Југословени | 1,260 | 0.1 | 3,652 | 0.2 | 14,240 | 0.7 | ||||||
| Други/неопределени | 4,390 | 0.4 | 5,304 | 0.4 | 4,616 | 0.3 | 22,988 | 1.4 | 6,228 | 0.3 | 45,239 | 2.2 |
| Вкупно | 1,152,986 | 1,304,514 | 1,406,003 | 1,647,308 | 1,909,136 | 2,033,964 | ||||||
Раководство
[уреди | уреди извор]Претседатели на АСНОМ
[уреди | уреди извор]- Видете: АСНОМ
Претседатели на Президиумот на Собранието на НРМ
[уреди | уреди извор]Претседатели на Собранието на НРМ (од 7 јули 1963 - СРМ)
[уреди | уреди извор]- Борис Спиров (1946 - 1947)
- Димитар Несторов (1947 - 1951)
- Димче Стојанов - Мире (1951 - 1953)
- Лазар Колишевски (1953 - 1958, 1958 - 1962)
- Љупчо Арсов (1962 - 1963)
- Видое Смилевски - Бато (1963 - 1967)
- Мито Хаџивасилев - Јасмин (1967 - 1968)
- Никола Минчев (1968 - 1974)
- Благоја Талески (1974 - 1978, 1978 - 1982)
- Бошко Станковски (1982 - 1983, 1983 - 1984)
- Ката Лахтова (1984 - 1985)
- Станко Младеновски (1985 - 1986)
- Вулнет Старова (1986 - 1991)
Претседатели на Претседателството на СРМ
[уреди | уреди извор]Премиери на НРМ/СРМ
[уреди | уреди извор]- Лазар Колишевски (1945 – 1953),
- Љупчо Арсов (1953 – 1961),
- Александар Грличков (1961 – 1965),
- Никола Минчев (1965 – 1968),
- Ксенте Богоев (1968 – 1974),
- Благоја Попов (1974 – 1982),
- Драгољуб Ставрев (1982 – 1986),
- Глигорије Гоговски (1986 – 1991)
Поврзано
[уреди | уреди извор]Белешки
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Kideckel, David; Halpern, Joel (2000). Neighbors at War: Anthropological Perspectives on Yugoslav Ethnicity, Culture, and History. Penn State Press. стр. 165. ISBN 9780271044354.
- ↑ Avramović, Sima (2007). „Understanding Secularism in a Post-Communist State: Case of Serbia“ (PDF).
- ↑ In April 1945 war - time and pre - war currencies were called in and replaced by a new dinar with an exchange rate of one new to ten old dinars. For more: Clifford Darby (1966) Short History of Yugoslavia, Cambridge University Press, ISBN 9780521046763, p. 237.
- ↑ „National Bank of the Republic of Macedonia. Annual Report 1993“ (PDF). www.nbrm.mk.
- ↑ Tomasevich, Jozo (2002) War and Revolution in Yugoslavia, 1941-1945: Occupation and Collaboration. Stanford University Press. ISBN 9780804779241, p. 705.
- ↑ Веднаш штом е завршено штембилувањето на бугарските левови и албанските лекови, со цел упростување на валутното прашање во Македонија, лековите се заменети со левови. За тоа повереникот за финансии при Президиумот на АСНОМ реферира пред претставниците на народноослободителните одбори на конференцијата што е одржана во ослободено Скопје во врска со финансиските проблеми. На тој начин, штембилуваниот лев остана единствена валута на подрачјето на Македонија... Види и Закон за курсевите за повлекување на окупационите банкноти и за регулирање на обврските (Сл. лист на ДФЈ“, број 23 од 19 април 1945). For more see: ASNOM vo sozdavanjeto na državata na makedonskiot narod. Referati od naučen sobir održan od 29 do 31 oktomvri 1984 godina vo Skopje (1987) Makedonska akademija na naukite i umetnostite, str. 380.
- ↑ Howard M. Berlin (2015) World Monetary Units. An Historical Dictionary, Country by Country. McFarland Incorporated, ISBN 9781476606736, p. 100.
- ↑ Bulgarian currency had been used by the short-lived pro-German puppet government in the autкmn of 1944. After the capture of Skopje in November 1944, the new Macedonian authorities confiscated лв.430 million, stamps, and other securities from the former Bulgarian National Bank building. They refused to give the funds to Sofia, and General Damyan Velchev ordered a Bulgarian artillery regiment to return from South Serbia to shell Skopje and confiscate the funds. The order was rescinded after the intervention of Marshal of the Soviet Union Fyodor Tolbukhin, preventing an armed conflict. For more see: Добрин Мичев, Македонският въпрос и българо-югославските отношения: 9 септември 1944-1949, Унив. изд-во "Св. Климент Охридски", 1994, ISBN 9540701821, стр. 119.
- ↑ According to the article, the author of which is a Bulgarian banking expert and doctor of finance, the used Bulgarian banknotes were stamped with the inscription: Democratic Federative Yugoslavia Finance Commission for Macedonia. When withdrawing at the beginning of September 1944, the Bulgarian authorities took the available banknotes to the headquarters of the Bulgarian National Bank in Skopje. However, the Bulgarian currency remained in circulation under German occupation. By order of Adolf-Heinz Beckerle, additional quantities lev were printed at the German Reich printing house in Berlin, where the Bulgarian banknotes were printed, and were sent to Macedonia. For more: Костадин Христов, За първите македонски банкноти. Управление на риска ООД, 20.09.2017 г.
- ↑ „Одлука за прогласување на уставот на Социјалистичка Република Македонија“ (PDF). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 12 април 1963. стр. 217. Архивирано (PDF) од изворникот 2021-05-11. Посетено на 11 ноември 2023.
- ↑ Според Славе Димитрија Талевски „Границите на Република Македонија“.
- ↑ Livanios, Dimitris (2008). „Between Centralism and Separatism: The Emergence of the Yugoslav Republic of Macedonia, 1944–1948“. The Macedonian Question: Britain and the Southern Balkans 1939–1949. Oxford University Press. стр. 177–208. doi:10.1093/acprof:oso/9780199237685.003.0006.
- 1 2 „Македонија низ вековите“. Државен архив на Република Северна Македонија. Посетено на 2026-10-19.
- 1 2 3 4 Радически, Невен (2024). Република Македонија и југословенската федерација: 1944–1963. Македоника литера.
- 1 2 Popovski, Nikola (2025). „Initial Economic Policies, Challenges of Post-Independence, and Macroeconomic Efforts“. From Transition to Transformation: An Economic Analysis of North Macedonia (1991–2023). Balkan University Press. стр. 1–36.
- ↑ „Методија Андонов-Ченто“. Собрание на Република Северна Македонија. Посетено на 2026-10-19.
- ↑ „Историски факти“. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Посетено на 2026-10-19.
- ↑ „On solidarity“. United Nations Development Programme. Посетено на 2026-10-19.
- ↑ „Устав на Социјалистичка Република Македонија (1974)“. Викиизвор. 1974.
- ↑ Trajanovski, Naum (2021-05-11). „The Macedonian 1980s and 1990s: A Peace-Oasis?“. Dealing with the Past Balkan.
- ↑ Adamson, Kevin; Jović, Dejan (2004). „The Macedonian–Albanian political frontier: the re-articulation of post-Yugoslav political identities“. Nations and Nationalism. 10 (3): 293–311. doi:10.1111/j.1354-5078.2004.00168.x.
- ↑ „Историја на парламентаризмот во Македонија“. Собрание на Република Северна Македонија. Посетено на 2026-10-19.
- ↑ „Декларации за сувереност, независност и меѓународно признавање на Република Македонија“. Собрание на Република Северна Македонија. Посетено на 2026-10-19.
- ↑ Georgieva & Konechni 1998, стр. 22
- ↑ Georgieva & Konechni 1998, стр. 98
- ↑ Lampe 2000, стр. 340-341
- 1 2 Poulton 2000, стр. 116.
- ↑ „Вовед во академијата“. Македонска академија на науките и уметностите. Архивирано од изворникот на 2011-04-20. Посетено на 18 јуни 2020.
- 1 2 Rossos 2008, стр. 246
- 1 2 Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>; нема зададено текст за наводите по име "Georgieva p.23". - ↑ Poulton 2000, стр. 128-130
- ↑ Poulton 2000, стр. 133
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Марксизам, комунизам и антикомунизам (8) Архивирано на 27 септември 2007 г., Стојан Андов
- Хуманоста на македонскиот комунизам Архивирано на 29 септември 2007 г., Зоран Тодоровски
| ||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
- ↑ По ослободувањето на Македонија кон крајот на 1944 година, привремено продолжиле да се користат окупациските валути — албанскиот лек (во западните делови) и бугарскиот лев (во останатиот дел од територијата). Президиумот на АСНОМ на 3 декември 1944 година донел решение за штембилување на овие банкноти заради спречување на инфлација. Во 1945 година тие биле заменети со југословенскиот динар.[6][7][8][9]
<ref> за група именувана како „а“, но нема соодветна ознака <references group="а"/>.