Владан Десница

Владан Десница (16 септември 1905, Задар — 4 март 1967, Загреб) — хрватски и југословенски писател.
Животопис
[уреди | уреди извор]Владан Десница е роден на 16 септември 1905 година во Задар. Основното и гимназиското образование го стекнал во родниот град, во Сплит и во Шибеник. Во Загреб и во Париз студирал право и филозофија, а дипломирал во Загреб во 1930 година. Во 1931 година престојувал во Рим. Втората светска војна го затекнува во родниот град, кој тогаш бил под италијанска окупација, а во 1943 година се вклучува во народноослободителната борба. По завршувањето на војната, во 1945 година се сели во Загреб, каде некое време работи како адвокат, а подоцна живее како професионален писател. Умрел на 4 март 1967 година во Загреб.[1]
Творештво
[уреди | уреди извор]Книжевната кариера на Десница започнала во 1934 година, кога го основал книжевно-историскиот годишник „Магазин на северна Далмација“ при што уредил два броја на оваа публиакција. Во 1950 година го објавил својот прв роман, „Зимско летување“, а две години подоцна ја објавил и првата збирка раскази, „Урнатини на сонцето“. Во 1955 година се појавила неговата втора збирка раскази, „Пролет во Бадровац“, а една година подоцна и третата збирка, „Овде, веднаш покрај нас“. Истата година ја објавил и првата стихозбирка, „Слепец на песочниот брег“. Во 1957 година се појавиле неговото најзначјано дело, романот „Пролетите на Иван Галеб“, како и книгата со есеи, „Приказна за типичното“. Во 1958 година ја добил Змаевата награда за романот „Пролетите на Иван Галеб“, а во 1959 година ја објавил збирката со новели, „Фратарот со зелена брада“. Во 1961 година била објавена неговата драма „Скалите на Јаков“, која истата година била поставена и на театарската сцена.[1]
Осврт кон творештвото
[уреди | уреди извор]Книжевниот свет на Десница е светот на малите приморски места, прикажани во фиксираниот амбиент на минатото време. Притоа, тој во најголема мера се движи по теренот на своето детство и младоста, вклучувајќи ги во својот видокруг сите елементи од социологијата: раслоеноста на општеството, различните вери и нации во тој крај, разликите во културата итн. Притоа, тој ракува со тие елементи многу вешто и не застанува на надворешниот, декларативен план на својот свет. Со помош на својата дарба за прецизна опсервација и психолог по вокација, тој ги урамнотежува овие две особини во оркестриран и дисциплиниран метод пристапувајќи им на луѓето и на нештата однадвор и постепено продирајќи сè подлабоко во нив. Него најмногу го интересира „атмосферата на човекот“, односно збирот на особините, расположенијата, карактерот, менталитетот и „психолошката клима“ чија целина го дава конечниот впечаток за човекот. Десница ги познава и трагичната и хумористичната страна на своите ликови, но тој е дискретен и ја избегнува претераната драматичност и најчесто го бара човекот во рамнината на неговите мирни „вистински“ мигови. Хуман, но не и сентиментален, топол и близок со душата на своите ликови, но не мек и болежлив, вистинољубив, но не документарен, ироничен, но никогаш саркастичен, сликар на човечките физиономии со сите можни бои, но внатрешен декоратер на темните соби и засолништа, прецизен опсерватор, но не педантен и здодевен, Десница ги има сите својства потребни за извлекување на живот човек на книжевната виделина.[2]
Темите и фабулите на неговите новели не се бизарни ниту исклучителни: еден млад клерик наеднаш полудува, еден стар господин го прегазува времето, на еден селанец му умира кравата, еден лекар по грешка го ослепува пациентот, еден судија е фатен во проневера итн. Она што е исклучително и ретко е убедливоста, вистинитоста, интензитетот на настаните, како и целосната живост која од некоја обична и неинтересна ангедота прави дожививање — со други зборови, тоа се старите, добри особини на реализмот. Ако кон тоа се додаде и критичкиот однос кон луѓето и речиси истата средина, па веднаш станува јасно зошто Десница често го споредуваат со Симо Матавуљ. Сепак, во споредба со Матавуљ, Десница е поразвиен и подисциплиниран во реченицата, како и порафиниран во психологијата. Кај него нема трага од старото, туку насекаде се присутни новите сознанија од психологијата, психоанализата, па дури и физиката. Добро хармонизираните реченици во новелите на Десница, делумно пренатрупани со атрибути, големата склоност кон дигресија и романсиерскиот распон неизбежно го одвеле Десница во подрачјето на романот. Првиот негов роман, „Зимско летување“, е добар, цврст, кохерентен, пластичен и интелигентен роман за судирот меѓу два света — светот на селаните и светот на граѓаните. Во ова дело, Десница успеал да ги зачува сите добри особини од своите новели: пластичниот опис, прецизната опсервација, возбудливото и убедливото чувство за атмосфера, ненадејните продори на фантазијата, префинетиот хумор, но зголемени со некои романсиерски својства, како: композициската ширина, полифонијата на личностите, целосната арома на текстот и смислата за проблемите. Токму овие квалитети се покажале во полна сила во романот „Пролетите на Иван Галеб“, правејќи од него првокласно дело кое претставува врв во творештвото на Десница.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 283.
- ↑ Борислав Михајловић, „Иван Галеб Владана Деснице“, во: Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 5-6.
- ↑ Борислав Михајловић, „Иван Галеб Владана Деснице“, во: Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 6-7.