Виолета Аларова
| Виолета Аларова | |
|---|---|
| Градоначалник на Центар | |
| На должноста 2000–2009 | |
| Претходник | Мирослав Грчев[1] |
| Наследник | Владимир Тодоровиќ |
| Лични податоци | |
| Роден(а) | 3 септември 1945
Маџир Маало, Скопје, ДФ Македонија, ДФЈ |
| Националност | Македонка |
| Народност | Македонка |
| Партија | ВМРО-ДПМНЕ |
| Вероисповед | Православие |
Виолета Аларова (Скопје, 3 септември 1945 ) — македонски политичар и поранешен градоначалник на Општина Центар, Скопје од 2000-2009 година.
Основно образование завршила во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје, а средно во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, каде што била една од најдобрите ученици. Веднаш по матурирањето, таа се вработила во Македонското Радио каде што го поминала сиот работен век во траење од 36 години. Започнала од основните информации во новинарството, а завршила како главен и одговорен уредник на Втората програма на македонски јазик и на јазиците на националностите во Македонско радио. Напоредно, со работењето, таа дипломирала на Правниот факултет во Скопје со извонреден успех и ги ислушала студиите за магистратура на тема Општествено-политички систем.[2]
Покрај новинарското творештво, Аларова со години работела како истакнат сатиричар во редакцијата на списанието „Остен“, каде што била прогласена за новинар на годината.
Напишала две поетски книги „Врата без излез“ и „Разговор со дождот“ во коишто се отсликува нејзината душа и љубов кон сите луѓе на светот. Автор е и на 9 драмски текстови, од кои драмата Црвената светлина е прогласена за драма на годината. Исто така, Аларова била и претседател на управниот одбор на МИА.
На локалните избори во 2000 година била избрана за градоначалник на Општина Центар, а жителите на оваа општина ѝ ја довериле оваа функција по вторпат и на локалните избори во 2005 година.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пред 20 години Мирослав Грчев го нацрта ДУП-от за Дебар Маало, сите предвидувања се остварија – хаос, пренаселеност, бетон...“. mkd.mk. 10 април 2019. Архивирано од изворникот на 2019-04-11. Посетено на 2019-06-14.
- ↑ „Скопските градоначалници приватно“. Вест. 18 ноември 2006. Посетено на 21 мај 2013.[мртва врска]