Вилнушка група
Вилнушката група, позната и како Вилнушката десетка, акр. В-10, именувана по Вилнус, престолнината на Литванија, била политичка алијанса составена од пост-комунистички европски држави од Балканот, Балтикот и Средна Европа кои имале заеднички аспирации за приклучување кон Северноатлантската алијанса. Целта на групата била да гради практична соработка меѓу земјите членки на организацијата, истите да разменуваат информации и меѓусебно да лобираат за нивната кандидатура во НАТО, остварувајќи го тоа преку одржување на редовни меѓусебни средби.
Корените на организацијата доаѓаат од Акциониот план за членство, програма на НАТО започната на 16-от НАТО самит во април 1999 година.[1] Идејата била продлабочена наредната година на средба на министрите за надворешни работи на земјите одржана во средината на мај во Вилнус.[2] Првичните земји-членки на групата биле Албанија, Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Македонија, Романија, Словачка и Словенија, а во 2001 година им се приклучила и Хрватска.[3]
Седум од државите кои членувале во групата во март 2004 година официјално биле примени во НАТО, така што Албанија, Македонија и Хрватска останале надвор од Северноатлантската алијанса наспроти другите земји-членки на Вилнушката група. Во овој период групата практично прекинала со постоење. Стратешката цел се остварила и за Албанија и Хрватска кога биле примени во алијансата во април 2009 година. Македонија била примена во НАТО во март 2020 година, со што е последна од членките на групата да ја оствари заложбата за приклучување кон Алијансата.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Membership Action Plan (MAP)“ (англиски). Посетено на 12 јануари 2019.
- ↑ „Министерот за надворешни работи Индулис Берзинс на меѓународна безбедносна конференција во Вилнус“. МНР на Република Латвија (англиски). 18–19 мај 2000. Посетено на 12 јануари 2019.CS1-одржување: датумски формат (link)
- ↑ „Вилнушката десетка" ќе се подготвува за членство во ЕУ и НАТО“. Делфи (литвански). 6 јули 2002. Посетено на 12 јануари 2019.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Соработка со земји-членки и кандидати на НАТО: „Вилнушка група Архивирано на 4 септември 2019 г.“, Министерство за надворешни работи на Република Латвија