Вилијам Двајт Витни

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Вилијам Двајт Витни е американски лингвист, филолог и лексикограф.

Роден е во Нортхамптон, Масачусетс, на 8 февруари 1827 година. Се запишува на колеџот Вилијамс на свои петнаесет години, а матурира во 1845 година. Тој продолжува да студира, а истовремено и работи во банка во Нортхамптон. Потоа, во 1849 година му помага на својот брат Џосаја Витни да направи геолошки премер на езерото Супериор.

Потоа, три години студира санскрит во Германија и тука се здобива со широка репутација за неговото знаење во ова поле. На Јеил, во 1854 година, тој станува професор по санскрит, а во 1869 година почнува да предава и компаративна филологија. Во 1857 година станува секретар на Американското ориентално здружение, а во 1884 година станува негов претседател.

Витни ги ревидира дефинициите за изданието од 1864 година на американскиот речник Вебстер, а во 1869 година го основа и е првиот претседател на Американската филолошка асоцијација. Потоа прави превод на Ведите во стихови и има пишува многубројни текстови за Ведите и лингвистиката, од кои повеќето се собрани во сериите „Ориентални и лингвистички студии“ (1872-1874). Пишува и неколку книги за јазикот и граматика на санскрит, француски, англиски и германски јазик.

Иако страда од заболување на срце во подоцнежните години, Витни е главниот редактор на првото издание на Вековниот речник кој се јавува од 1889 до 1891 година. Тој е брат на професорот Џосаја Витни. Женет е за ќерката на американскиот сенатор и гувернер на државата Конетикат Роџер Шерман Болдвин, Елизабет Вустер Болдвин. Негов внук е познатиот математичар Хаслер Витни.