Вила Орхидеја

Од Википедија — слободната енциклопедија

Вила Орхидеја - хрватски филм од 1988 година, во режија на Крешо Голик, кој е автор на сценариото, заедно со Ружа Јурковиќ. Главните улоги ги играат: Рене Медвешек, Гордана Гаџиќ, Невена Росиќ, Гала Виденовиќ, Златко Црнковиќ, Реља Башиќ, итн.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Борис (го игра Медвешек) е млад писател кој заедно со својата свршеница Ирена (ја игра Гаџиќ) доаѓа во родното село во Славонија, во посета на својот вујко (го игра Црнковиќ). Таму ја здогледува вилата „Орхидеја“ која му ги буди спомените на детството и младоста. Во неа живеела Убавата Јулија во која Борис бил вљубен уште како дете, но откако нејзиниот татко западнал во долгови, таа била принудена да се омажи за богатиот човек, наречен Касап. Борис често оди да ја набљудува напуштената вила во која понекогаш навраќа Касапот во придружба на една жена за која Борис е убеден дека е Јулија. Како последица на разбудените спомени, Борис почнува да страда од халуцинации. Поради тоа, тој се враќа во Загреб, но и таму на секој чекор ја гледа Јулија. Поради тоа, тој повторно се враќа во селото, оди во близина на вилата, а таму го заробуваат шумските разбојници. Тогаш, Борис сонува дека разбојниците го затвориле во вилата, дека таму ја ослободил Јулија, но и дека го убил стариот домар. Во сонот, Јулија го повикува Борис да ја убие Ирена. Утредента, полицијата врши увид во вилата и таму ги наоѓа телата на неколку убиени разбојници, но и телото на убиениот домар, а покрај него се наоѓа запалката на Борис. Тогаш, Борис заминува со автомобилот на Ирена, но излетува од патот и умира.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]