Прејди на содржината

Википедија:Појасни

Од Википедија — слободната енциклопедија

Овој текст се занимава со нејасни реченици што се јавуваат во некои статии, т.е. реченици што сами по себе не се разбирливи или не се разбирливи за просечниот читател. Нејасните реченици најчесто настануваат поради лош распоред на зборовите во реченицата, недостаток на неопходни податоци и преопширен или прекраток опис, но и поради употреба на стручни зборови и изрази што не се разбирливи за широката публика. Доколку не сте во можност или не знаете како да ја поправите дадената реченица, можете да ја искористите предлошката {{појасни}} за да ја обележите. На тој начин некој друг ќе може полесно да ја забележи и поправи.

Како да се поправат нејасните реченици

[уреди извор]
  • Објаснете ги жаргонските зборови:
    • Овозможете разбирање на тешките поими при нивната прва употреба (на пр. додајте во заграда: „се нарекува уште и...“).
    • При првата употреба објаснете го тешкиот поим накратко (на пр. „хипертензија (болест на покачен притисок)...“).
  • Скратете ја долгата реченица:
    • Отстранете ги непотребните зборови (нарочито оние што придонесуваат кон неодредени тврдења и/или суперлативи — најдобар, најважен, најголем, веројатно најпознатиот од сите итн.).
    • Заменете ги долгите зборови со пократки.
    • Направете две реченици од една, ако така ќе биде почитка и полесна за разбирање.
    • Користете идиоми или препознатливи изрази наместо стручни.
  • Додајте графикон или фотографија: сликата говори колку илјада збора. Често одредена зграда, игралиште или процедура можат подобро да се опишат со една слика отколку со цел еден дел. Викимедиината ризница содржи близу 90 милиони податотеки со медиумска содржина (главно слики). Дури и ако сликата не го опишува бараниот поим во целост, таа разлика можете да ја опишете во текстот.
  • Бидете прецизни во опишувањето. Пример за нејасна реченица е: „Милица се дружеше со Ана пред да најде нова работа“. (кој најде нова работа — Милица или Ана?)
  • Зборувајте конкретно. Наместо „Во минатото луѓето...“, напишете што е можно поконретно за кој минат период станува збор (ако не е позната точната временска одредница, тогаш барем „во 19 век“ или „во 1940-тите“ итн.).
    • Немојте да користите релативни временски одредници: сега, наскоро, моментално итн. Тие многу брзо ќе го изгубат значењето. Наместо нив, користете точен датум или наведете во заграда кое е тековното време.
  • Немојте да правите граматички грешки.
  • Не користете прекумерни странски зборови (туѓици). За многу зборови преземени од други јазици постои еквивалентен македонски збор. Ова особено се однесува на стручни теми што изобилуваат со стручни изрази и кои би биле поразбирливи ако се употребуваа зборови поблиски до читателот (на пр. „официјален“ е во ред, но „званичен“ е србизам; користете „совршен“ наместо „перфектен“, „обработи“ наместо „процесира“ итн.).