Википедија:Избрана статија/2019/50

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грбот на Казахстан
Грбот на Казахстан

Казахстан (казашки: Қазақстан, руски: Казахстан) — независна држава во Средна Азија и делумно во Источна Европа. Казахстан е најголемата држава во светот без излез на море, а деветта најголема држава во светот по површина со своите 2 724 900 квадратни километри. Казахстан е трансконтинентална држава, каде голем дел од источните и средишните предели се наоѓаат во Азија, а делови од западните предели се во Европа. Казахстан е најдоминантна држава во економска смисла во Средна Азија, која придонесува со 60% од БНП на регионот. Тоа се должи првенствено на индустријата со нафта и гас, но и големите количини природни ресурси.

Официјално државата е демократска, секуларна и уставна република со богато културно наследство. Казахстан се граничи со Русија, Кина, Киргистан, Узбекистан и Туркменистан, и исто така има излез на Касписко Езеро. Географската разновидност на државата вклучува низини, степи, тајги, кањони, планини, делти и пустини. Според проценките за 2018 година, Казахстан има население од 18.3 милиони жители. Имајќи ги предвид бројот на население и вкупната површина се увидува дека Казахстан спаѓа во групата на држави со слаба населеност. Главен град на Казахстан е Нур-Султан (порано: Астана), а најголем град, кој воеднo бил и главен град, е Алмати.

Територијата на Казахстан била историски населена од различни турски (туркиски) номади кои биле под управа на различни турски држави. Во XIII век територијата потпаднала под монголска управа во рамките на Монголската Империја под раководство на Џингис Хан. До XVI век Казаците се оформиле како посебна етничка група, поделени на три подгрупи односно територијално потекло. Русите започнале да навлагаат во казашките степи во XVIII и до средината на XIX век во пракса ја контролирале целата територија на Казахстан. Тогаш Казахстан потпаднал под управа на Руската Империја. По Руската револуција од 1917 година територијата на Казахстан била преуредувана под различни автономни единици. Менувањето на локалните автономни управи завршило со основањето на Казашката Советска Социјалистичка Република во 1936, како интегрален дел на Советскиот Сојуз. (Дознајте повеќе...)