Википедија:Избрана статија/2018/14

Од Википедија — слободната енциклопедија
Знаме на Бутан.
Знаме на Бутан.

Бутан — земја во Јужна Азија, сместена на источниот крај на Хималаите. Државата на југ, исток и запад се граничи со Индија, а додека на север се граничи со НР Кина. Од Непал, државата е одделена со индиската држава Сиким, а од Бангладеш со сојузната држава Западен Бенгал. На бутански јазик или ѕонгка, државата се нарекува „Друк јул“ (འབྲུག་ཡུལ་) што во превод значи „Земјата на молњестиот змеј“.

До скоро, Бутан важеше за една од најизолираните земји во светот, но денес државата е под забрзан развој и има интернет, мобилна, телевизиска и телефонска мрежа. Сепак, Бутан го избалансирал овој модерен развој со својата античка традиција и култура под директно водство на бруто националната среќа. Владата во Бутан презема доста мерки за зачувување на националната култура, традиција, идентитет и природа. Според „Business Week“ и Универзитетот во Лестер, Бутан е најсреќната држава во Азија и осма најсреќна држава во светот според истражувањата на универзитетот во 2006 година.

Релјефот на Бутан е разновиден. Така, државата е составена од суптропски рамници на југот па сè до планински предели на север со високи врвови, од кои некои изнесуваат над 7000 метри надморска височина. Државната религија во Бутан е ваџрајанскиот будизам. Исто така најголем број од населението се будисти, додека втора најголема религија е хиндуизмот. Најголем град, а воедно и главен град, во Бутан е Тимпу. Вкупната површина на државата е 38.394 квадратни километри.

По долгогодишно владеење од страна на монархијата, Бутан ги одржал своите први демократски избори во март 2008 година. Покрај останатите меѓународни организации, Бутан е член на ООН и Јужноазиското здружение за регионална соработка. (Дознајте повеќе...)