Википедија:Избрана статија/2017/49

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фудбалска репрезентација на Аргентина — државна фудбалска репрезентација на Аргентина под раководство на Аргентинскиот фудбалски сојуз (АФА). Аргентина има освоено најмногу меѓународни титули од било кој друга репрезентација (19), рекорд кој го дели само со Уругвај.

Аргентина е една од најуспешните фудбалски репрезентации во светот, а моментално е на првото место на Светската ранг-листа на ФИФА. Репрезентацијата двапати го има освоено Светското првенство во фудбал во 1978 и во 1986. Аргентина го освоила Јужноамериканското првенство 14 пати, рекорд кој го споделува со Уругвај, и го освоила Купот на конфедерации во 1992 година и Олимпискиот фудбалски турнир во 2004 и 2008 година. Аргентина, Бразил и Франција се единствените три репрезентации кои ги освоиле трите најважни машки титули признати од ФИФА: Светското првенство, Купот на конфедерации и Олимписките игри. Трите репрезентации исто така го освоиле и соодветното континентално првенство (Копа Америка за Аргентина и Бразил и Европското првенство за Франција).

Репрезентацијата на Аргентина својот прв натпревар во историјата го одиграла во 1901 година против Уругвај завршен со победа на Аргентина со 2-3. На 20 јули година дена подоцна, репрезентацијата го одиграла и својот прв официјален натпревар исто така против Уругвај во Монтевидео и победиле со 6-0. Составот на Аргентина во тој натпревар бил: Хосе Бурука Лафорија (Баракас), Вилијам Лесли (Килмес), Валтер Бученан (Алумни), Едуардо Патрисио Дуган (Белграно), Карлос Х. Бученан (Алумни), Ернесто Браун (Алумни), Едвард О. Морган (Килмес), Хуан Хосе Мур (кап.) (Алумни), Хуан О. Андерсон (Ломас), Карлос Едгар Дикинсон (Белграно), Хорхе Браун (Алумни); головите ги постигнале Дикинсон, Аримало, Морган, Карве Уриосте, Андерсон и Х. Браун. Тој натпревар против Уругвај бил првиот официјален меѓународен натпревар одигран надвор од границите на Британија. Треба да се напомене дека Аргентина и Уругвај исто така го држат рекордот по бројот на одиграни натпревари имеѓу две држави. Во својата богата историја овие две репрезентации се сретнале повеќе од 180 пати. (Дознајте повеќе...)