Википедија:Избрана статија/2017/41

Од Википедија — слободната енциклопедија
Помлад јагуар
Помлад јагуар

Јагуар (науч. Panthera onca) — голема мачка од родот пантери. Ова е единственото животно од родот пантери кое живее во Америка. Јагуарот е трета најголема мачка, зад тигарот и лавот, и најголема и најмоќна мачка во западната полутопка. Денешната распространетост на јагуарот се протега од Мексико преку поголемиот дел на Средна Америка, до Парагвај и северна Аргентина. Освен една позната популација во Аризона (југозападно од Тускон), оваа голема мачка изумрела во САД за време на раните 1900-ти. Сепак постои голема можност ненабљудувани популации на јагуар да живеат во јужна Аризона, Ново Мексико па дури и Тексас.

Оваа дамчеста мачка физички доста е слична со леопардот, иако најчесто е поголема. По однесувањето и живеалиштето многу е поблиска до тигарот. Омилено живеалиште на јагуарот се густите дождовни шуми, но го среќаваме и во многу други шумски и отворени животни средини. Секогаш живее во близина на вода, и како тигарот, е една од ретките мачки кои уживаат во пливањето. Јагуарот е самотно животно, грабливец кој напаѓа од заседа и опортунист во поглед на избирање на пленот. Овие животни се и познати врховни грабливци кои играат голема улога во стабилизирање на екосистемите и регулирање на бројноста на популациите на нивниот плен. Јагуарот има развиено исклучително моќен загриз, дури и во споредба со останатите мачки. Ова му овозможува да го крши оклопот на некои рептили и да употребува специфичен метод на убивање – тој директно го загризува черепот на пленот со што нанесува фатален удар на мозокот.

Јагуарот е речиси загрозен вид чија бројност полека опаѓа. Главна закана претставува уништувањето на природното живеалиште, како и раздвојување на популациите. Иако меѓународната трговија со јагуари или нивни делови е забранета, оваа голема мачка сè уште е убивана од луѓето, најчесто од страна на ранчери и фармери од Јужна Америка. Територијата на распространетост иако е намалена сепак останува доста голема. Јагуарот е значаен дел од митологијата на бројни староседелски американски култури, вклучувајќи ги и оние на Маите и Ацтеките. (Дознајте повеќе...)