Википедија:Избрана статија/2016/38

Од Википедија — слободната енциклопедија

Марио Манџукиќ (хрватски: Mario Mandžukić; р. 21 мај 1986 во Славонски Брод) — хрватски фудбалер, напаѓач на Јувентус и на хрватската репрезентација. Покрај тоа што е познат како плодоносен стрелец, тој е познат и по неговиот извонреден придонес во одбраната и неговата моќ во воздушните двобои.

Манџукиќ ја започнал својата кариера во Марсонија од родниот Славонски Брод, од каде што се преселил во два загрепски клуба: најпрво во НК Загреб, а потоа и во Динамо Загреб во 2007 година. Како член на Динамо Загре бил најдобар стрелец во Прва ХНЛ во сезоната 2008-09. Благодарение на неговите стрелачки способности, во 2010 година извршил трансфер во редовите на Волфсбург. По одличното учество на Евро 2012, на коешто со три погодоци бил на делба на првото место на најдобар стрелец, Манџукиќ потпишал за Бајерн Минхен. Во неговата прва сезона во клубот, тој освоил три трофеи: Бундеслигата, Купот на Германија и Лигата на шампиони; притоа, тој станал првиот Хрват кој постигнал погодок во финале на Лигата на шампиони. Во 2014 година, Манџукиќ го напуштил Бајерн Минхен и потпишал за Атлетико Мадрид, а една сезона подоцна преминал во редовите на Јувентус за 19 милиони евра.

На репрезентативно ниво, Манџукиќ дебитирал за Хрватска во ноември 2007 под водство на Славен Билиќ. Оттогаш, забележал повеќе од 65 репрезентативни настапи и учествувал на три големи натпреварувања: европските првенства во 2012 и 2016, и светското првенство во 2014 година. Тој бил избран за Хрватски фудбалер на годината во 2012 и 2013 година.

Во Хрватска е познат по прекарот Манџо, меѓутоа за време на Европското првенство 2012 година со својте одлични настапи го заработил прекарот Супер Марио по истоимениот херој од видеоиграта. (Дознајте повеќе...)