Википедија:Избрана статија/2014/43

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фабијан Канчелара (роден во 1981) — швајцарски професионален друмски велосипедист, кој вози за UCI World Tour екипата Лидл-Трек. Канчелара постигнал голем успех во велосипедизмот откако станал професионален велосипедист. Тој е познат како квалитетен специјалист за хронометри, класици и помошник за неговите колеги кои се натпреваруваат во генералниот пласман.

Канчелара започнал со велосипедизам на 13 години на стар велосипед. Потоа, започнал да го сфаќа спортот посериозно и победил на две последователни Светски јуниорски хронометарски првенства во 1998 и 1999. На 19 години станал професионалец и потпишал со екипата Мапеи-Квик Степ, каде возел како стажант.

Откако станал професионалец, Канчелара возел за четири професионални екипи. Постигнал голем успех на класиците; трипати победил на Париз-Рубе, еднаш на Милано-Сан Ремо и двапати на Трката околу Фландрија. Канчелара ја освојувал воведната етапа на Тур де Франс пет пат и ја носел жолтата маичка 28 дена, што е најмногу за еден возач кој никогаш не го освоил Тур. Неговиот успех не бил ограничен само на хронометрите и класиците, бидејќи тој ги има освоено и генералните пласмани на Тирено-Адријатико, Тур де Свис и Трката околу Оман. Во 2008 го освоил златниот медал на индивидуалниот хронометар и сребрениот медал на друмската трка на Летните олимписки игри. Дополнително, Канчелара е четирикратен светски хронометриски првак. (Дознајте повеќе...)