Википедија:Избрана статија/2011/28

Од Википедија — слободната енциклопедија

Јаванскиот носорог (Rhinoceros sondaicus) е член на фамилијата Rhinocerotidae и е еден од петте преживеани видови на носорози. Припаѓа на истиот род како и Индискиот носорог и има слична мозаична кожа која наликува на борбен оклоп, но со должина од 3,1-3,2 метри и висина од 1,4-1,7 метри е доста помал од индискиот носорог. По големина е сличен со Црниот носорог. Неговиот рог најчесто е помал од 25 сантиметри, што го прави најкраток меѓу останатите видови на носорози.

Во минатото овој вид бил најраспространетиот азиски носорог, живеел од островите во Индонезија, преку југоисточна Азија, до Индија и Кина. Денес јаванскиот носорог е критично загрозен вид, со само 2 преостанати популации во дивината, и ниту една во заробеништво. Се смета дека е најреткиот голем цицач на планетата. Во националниот парк Уџунг Кулон на островот Јава во Индонезија има најмалку 40-50 единки, и мала популација која во 2007 година била проценета на не повеќе од 8 единки во националниот парк Кат Тиен во Виетнам. Намалувањето на бројноста на јаванските носорози пред сè се должи на ловокрадстовото поради нивниот рог кој е доста ценет во традиционалната кинеска медицина (на црниот пазар достигнува цена од 30 000 долари за килограм). Загубата на природното живеалиште, најмногу поради војни како Виетнамската војна исто така придонело за намалување на популациите. Денешната распространетост е само во два заштитени региони, но сепак овие носорози и понатаму се во опасност од ловокрадство, болести и намалување на генетскиот диверзитет во популациите што води до видова депресија. (Дознајте повеќе...)