Википедија:Избрана статија/2007/42

Од Википедија — слободната енциклопедија


Жан-Никола Артур Рембо (20 октомври 185410 ноември 1891) е француски поет, роден во Шарлевил. Иако сѐ што напишал е во период од само три години (од неговата 16-та до 19-та година), неговото влијание на модерната литература, музика и уметност е огромно, распространето и од непроценлива вредност.

Уште додека Рембо е жив, Гароти ќе го нарече „водач на декадентската школа“. Во „Манифестот на надреализмотАндре Бретон ќе напише: „Рембо е надреалист во практиката на животот и другаде“. За католички расположениот Клодел тој е „мистик во дива состојба“, за Ками - „авантурист на апсурдот“, за Сартр - „еден егзистенцијалистички поет“. Пол Валери пак ќе го смета Рембо за еден од своите два омилени поети (покрај неговиот учител Стефан Маларме). Боб Дилан ќе рече дека неговото животно мото се врти околу Рембоовото „Je est un autre“ (Јас - тоа е некој друг). Ван Морисон ќе му посвети една прекрасна песна „Tore Down a la Rimbaud“, а Пати Смит ќе ја препее неговата поезија на англиски. Џим Морисон и Пабло Пикасо од Рембо ќе направат слика на архетипен бунтовник.

Повеќе од еден век по неговата смрт, Рембо не престанува да биде причина за бројни дискусии и контроверзии во литературниот свет.