Википедија:Викиекспедиции 2025
„Викиекспедиции“ |
Во текот на 2025 година биле одржани четири викиекспедиции, со кои биле опфатени следните области:
- Подгорје и Огражден (Општина Ново Село и Општина Босилово) — дводневна експедиција (2-4 мај);
- Цапарско Поле (Општина Битола) — дводневна експедиција (20-22 јуни);
- Струшко Поле (Општина Струга и Општина Дебрца) — дводневна експедиција (22-24 август); и
- Средорек и Козјачија (Општина Старо Нагоричане) — дводневна експедиција во два дела (11 и 23 октомври).
Прва експедиција
[уреди извор]Подгорје и Огражден
[уреди извор]
По спроведената изложба на крајот на април за 10-годишниот јубилеј на експедициите, решивме дека првиот викенд од мај е идеален за почеток на експедициите за 2025 година.
Првата експедиција за оваа година беше одредена во Струмичката Котлина, со што конечно нашата екипа ќе ги посети и струмичките села.
Во попладневните часови на 2 мај 2025 година (петок), вообичаените членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер и Деан Лазаревски, како и новиот член во екипата на експедициите Корисник:MacedonianMaps се упатија кон сместувањето во градот Струмица.
Прв ден
[уреди извор]Откако најдовме пекарница на излезот од Струмица и по краткиот појадок, се упативме кон првото село, а тоа беше Сушица, во која поминавме цел еден час, бидејќи селото имаше доста објекти за фотографирање. Покрај работите кои ги имавме забележано, излезе точно тврдењето дека во селото постои и манастир, за кој имавме само еден извор со што го потврдивме неговото постоење. На враќање од манастирот забележавме мал параклис, за кој излезе дека е изграден во двор на приватен имот.
Потоа, се упативме кон селото Зубово, каде исто така се задржавме, но поради компактноста на селото одеше доста побрзо фотографирањето на самото село. Од Зубово се упативме кон општинското седиште, Ново Село, каде најпрвин отидовме да го посетивме манастирот во близина на малото вештачко езеро, а потоа се упативме и на првата земјена авантура, односно посета на селото Барбарево. Кога се спуштивме од Барбарево, во Ново Село ги досликавме објектите кои не ги имавме опфатено во првиот момент, пред да се упатиме кон новоизграденото село Самоилово.
Од Самоилово, тргнавме во посета на второто село високо на Огражден, селото Стиник, по чиј пат сретнавме и планинари, кои се познаваа со Кирил. Во Стиник како времето да е застанато и малкуте жители одгледуваат свињи, што прокоментиравме дека е некоја карактеристика за самата планина Огражден, бидејќи и на беровска страна во селото Двориште имаме сретнато распространето одгледување на свињи. Бидејќи самиот пат беше доста лош низ селото, до црквата која доминира во селото, тројца членови (Тони, Кирил и Никола) отидоа пеш до нејзе.
Од Стиник се вративме повторно на регионалниот пат, каде за кратко време отидовме до селото Бајково, каде иако имавме забележано дека се наоѓа и манастир „Св. Петар и Павле“, сепак некако не ги проверивме податоците од тефтерот во тој момент и заборавивме да го документираме.
Кон крајот на денот, ни остана и последното огражденско село, а тоа беше селото Бадолен, за кое во минатото имаше многу написи поврзани со криминални активности за шверц на цигари од поранешен градоначалник на општината. Во селото одвај и да има останато куќи, но црквата е целосно обновена. На враќање од селото, ја посетивме и поранешната касарна на АРМ, која стои напуштена. На едно место, патот до селото се доближува до границата со Бугарија на само 2 километри.
Кога се вративме од Бадолен, го посетивме Ново Коњарево, каде веднаш наидовме на необичен објект, кој излезе дека е црква. По кратко време, мештанин кој дојде до црквата ни раскажа дека црквата не е осветена бидејќи градбата не била одобрена од црковните лица. Со посетата на црквата и училиштето во Ново Коњарево го завршивме првиот ден, кој излезе со помалку посетени села, но барем ги посетивме најтешко достапните села во областа.
Втор ден
[уреди извор]Вториот ден го започнавме со незавршената мисија од претходниот ден, односно да ги посетиме сите села од општината Ново Село. Така, започнавме во Старо Коњарево, а пред самото село со нашиот дрон фотографиравме интересна географска појава наречена мртвица во близина на реката Струмица. Од ова село се движевме во подножјето на планината Беласица посетувајќи ги селата Дражево, а подоцна и Смолари. Во Смолари решивме да не го фотографираме водопадот, туку тоа да биде нешто што ќе биде дел од некоја посебна геоекспедиција, опфаќајќи ги сите беласички водопади.
Потоа, се придвиживме кон скоро споените четири села, Мокрино, Мокриево, Колешино и Борисово, во кои се задржавме долго време поради бројните верски градби и училишта, како и други стопански и општествени градби. Особено беше карактеристично селото Колешино кое поседува бројни христијански градби од различните деноминации, како што се протестанти, адвентисти, како и Јеховини сведоци, чиј објект не го пронајдовме, односно заклучивме дека веројатно повеќе не постои.
Од Колешино се придвиживме кон селата во Општина Босилово, но претходно застанавме сред полето да го фотографираме со дронот Моноспитовското Блато како заштитен споменик на природата. Штом дојдовме во Бориево, некако веднаш се примети голема разлика во уредувањето на селата кај општината Ново Село со овие од општината Босилово, па така првите села се далеку поуредени и средени во споредба со вторите.
Во Моноспитово, исто така, се задржавме подолго време поради големиот број верски објекти, слично како во Колешино. Тука, имавме и расправа со мештанин за тоа дали ни е потребна дозвола за снимањето со дрон и прашуваше зашто сме го правеле тоа, посочувајќи дека го правиме истото само за пари.
Од Моноспитово се упативме кон селото Еднокуќево, а потоа и во општинското седиште Босилово, со што ставивме крај на оваа експедиција.
Исход
[уреди извор]Со фотографирани 20 нови села и поминати над 400 километри, можеме да кажеме дека имавме уште една успешна експедиција. Можеби бројот на селата е помал од нашиот просек, но бројот на фотографирани објекти и далеку над нашиот просек.
Галерија
[уреди извор]- Телефонска говорница во Стиник
- Статии
| Број | Статија | Фотографија | Предмет на Википодатоци | Забелешки |
|---|---|---|---|---|
| 1. | ПУ „Борис Трајковски“ - Бориево — основно училиште | Q31360672 | значително подобрена статија | |
| 2. | ОУ „Борис Трајковски“ - Моноспитово — основно училиште | Q31360696 | значително подобрена статија | |
| 3. | ОУ „Видое Подгорец“ - Колешино — основно училиште | Q12909050 | значително подобрена статија | |
| 4. | ПУ „Видое Подгорец“ - Мокриево — основно училиште | Q61120361 | значително подобрена статија | |
| 5. | ПУ „Видое Подгорец“ - Мокрино — основно училиште | Q61120368 | значително подобрена статија | |
| 6. | ОУ „Гоце Делчев“ - Босилово — основно училиште | Q20568401 | значително подобрена статија | |
| 7. | ПУ „Гоце Делчев“ - Еднокуќево — основно училиште | Q12909159 | значително подобрена статија | |
| 8. | ПУ „Гоце Делчев“ - Робово — основно училиште | Q12909164 | значително подобрена статија | |
| 9. | ОУ „Мануш Турновски“ - Ново Село — основно училиште | Q61120414 | значително подобрена статија | |
| 10. | ПУ „Мануш Турновски“ - Дражево — основно училиште | Q61120353 | значително подобрена статија | |
| 11. | ПУ „Мануш Турновски“ - Зубово — основно училиште | Q61120359 | значително подобрена статија | |
| 12. | ПУ „Мануш Турновски“ - Ново Коњарево — основно училиште | Q61120381 | значително подобрена статија | |
| 13. | ПУ „Мануш Турновски“ - Самоилово — основно училиште | Q61120393 | значително подобрена статија | |
| 14. | ПУ „Мануш Турновски“ - Смолари — основно училиште | Q61120384 | значително подобрена статија | |
| 15. | ПУ „Мануш Турновски“ - Старо Коњарево — основно училиште | Q61120400 | значително подобрена статија | |
| 16. | ПУ „Мануш Турновски“ - Сушица — основно училиште | Q61120402 | значително подобрена статија | |
| 17. | ПОУ „Св. Климент Охридски“ - Ново Село — основно училиште | Q61120415 | значително подобрена статија | |
Фотографии
[уреди извор]Сите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:
Подгорје и Огражден на Ризницата ?
Втора експедиција
[уреди извор]Цапарско Поле
[уреди извор]
Во текот на јуни, односно третиот викенд, се решивме да отидеме да ги посетиме селата во малата област Цапарско Поле (позната и како Ѓаваткол), која беше делумно посетена во склоп на велоекспедицијата во 2017 година.
Во попладневните часови на 20 јуни 2025 година (петок), вообичаените членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер и Деан Лазаревски (овојпат без новиот член во екипата на експедициите Корисник:MacedonianMaps) се упатија кон сместувањето во градот Битола.
Прв ден
[уреди извор]Стандардно, првиот ден го планиравме да посетивме што е можно повеќе села и во план покрај сите села од Цапарско Поле, беа да ги посетила и селата околу Битола, со што следниот ден би можеле да се посветиме на селата од поранешната Општина Кукуречани. Бидејќи, бевме згодно сместени на излезот од Битола, застанавме во пекарница и во маркет, со што бевме подготвени за денот.
Веќе околу 9 часот бевме во првото село Братин Дол, со што ја започнавме експедицијата. Движејќи се по стариот магистрален пат Битола-Ресен, застанавме и кај мото-крос патеката Братин Дол каде има и мало вештачко езеро, за да ги фотографираме со нашиот дрон. По ова застанување, започнавме да ги посетуваме селата, кои веќе еднаш биле посетени во рамки на велоекспедицијата од 2017 година. Така, првото село Српци го посетивме и веднаш се упативме кон сретселото, каде направивме уште некоја фотографија од главната селска црква, а подоцна се упативме кон манастирот над селото, од кој немавме ниедна фотографија.
По Српци, следуваше Рамна каде веднаш отидовме до црквата над селото, која всушност се наоѓа на местото на некогашното старо село и се зачувани неколку куќи околу нејзе. Од селото направивме неколку фотографии од старите куќи, како и од задружниот дом. По Рамна, следуваше Лера, каде ја фотографиравме селската џамија, како и селското училиште, додека од црквата и светиот крст веќе имавме доволно фотографии. При дронското фотографирање на селото, го фотографиравме и вештачкото езеро Стрежево, кое се наоѓа во непосредна близина.
Од Лера заминавме кон Доленци, каде повторно ја фотографиравме селската џамија и училиштето, додека од селската црква која се наоѓа на патот за Гопеш имавме доста фотографии. Од Доленци планот беше да отидеме кон селото Ѓавато веднаш, но сфативме дека нема да можеме да ја преминеме реката Шемница, со што појдовме најпрвин до селото Кажани, каде се наоѓаат бројни општествени објекти и поранешниот участок (полициска станица). Од Кажани се упативме кон Ѓавато, во кое ги фотографиравме двете селски цркви, а до третата селска црква вративме до Кажани каде се приклучивме на новиот магистрален пат за Ресен, бидејќи истата се наоѓа на самиот превој Ѓавато.

Кога се вративме од превојот, се упативме кон селото Маловиште, кое единствено влегува во рамките на националниот парк Пелистер. Во селото го оставивме возилото и се движевме пеш, па така додека Нино и Деан ги оставивме да управуваат со дронот и да го фотографираат селото и огромната црква „Св. Петка“, ние (Тони и Кирил) отидовме до манастирот „Св. Ана“ над селото. До манастирот води козја планинска патека и се стигнува за 30-тина минути од селото. На враќање го слушнавме дронот и кога дојдовме во селото ги видовме Нино и Деан, кои ни кажаа дека дронот удрил во дрво и дека тргнале да го бараат. За среќа, набрзо, успеавме точно да го лоцираме и да го најдеме и истиот не беше оштетен, освен перките. За на крај остана да ја пронајдеме и третата селска црква, која беше тешко пристапна поради тесните сокаци, потоци што течеа, како и поставените огради за да не бегаат животните (стоката) што ги чуваат мештаните. Претходно, на влезот во селото, ја фотографиравме четвртата црква, која е сместена веднаш покрај асфалтниот пат.
По Маловиште, доаѓаше на ред поранешниот општински центар, селото Цапари, каде исто така имаше повеќе цркви. Најпрвин се упативме до манастирот, кој беше заклучен и кој го фотографиравме со нашиот дрон. Претходно, на патот за манастирот ја фотографиравме црквата „Св. Атанасиј“, а во селото продолживме со главната селска црква. При дронската снимка на селото, ги лоциравме и бугарските воени гробишта во селото и направивме слика од нив. Во селото ги фотографиравме и општествените објекти и се упативме кон последната селска црква „Св. Спас“ од училиштето. Земјениот пат стануваше сѐ потесен и пообраснат, а на многу места имаше паднато или фрлено гранки, поради што на крајот и се откажавме да стигнеме до самата црква. Откако јас и Кирил бевме до црквата и се вративме во возилото, тргнавме назад, но за кратко време слушнавме тропање. Застанавме и сфативме дека предната гума ни е дупната, односно се скинала на камен кој бил до патот и сокриен од вегетацијата. Изгубивме доста време за да ја смениме гумата на земјениот пат, но некако успеавме.
Поради овој немил настан го прекинавме понатамошното истражување на други села и се упативме кон Битола да најдеме вулканизер, со цел да видиме дали може да најдеме друга гума. За среќа успешно најдовме друга половна гума и со тоа имавме резервна гума за експедицијата следниот ден.
Втор ден
[уреди извор]
Вториот ден го започнавме со посета на Ротино, бидејќи тоа село ни остана после дефектот на гумата првиот ден. Откако се задржавме во Ротино да ги посетиме селските цркви, се упативме кон потпелистерските села и започнавме со посета на Магарево, во кое ги фотографиравме селската и манастирската црква и најдовме црква во изградба за која немавме податоци. Од Магарево, се спуштивме до Трново, каде го фотографиравме училиштето и големата селска црква, во која имаше верски обред и верници. Од Трново отидовме до селото Нижеполе, каде најпрвин го посетивме истоимениот скијачки центар, а потоа се упативме кон самото село.
Бидејќи во Нижеполе и соседното Дихово, во 2018 година имаше викикамп, главната селска црква била фотографирана, со што ние се посветиме на црквите од кои немавме фотографии. Истото, го направивме и кога стигнавме во Дихово.
По овие потпелистерски села се упативме кон селото Крстоар, од кое имавме само неколку фотографии од селската црква и од манастирот во склоп на велоекспедиција спроведена во 2018 година, но не беше целосно посетено. Од манастирот над Крстоар води и патот за манастирот на селото Буково, па така веднаш се упативме во таа насока, каде и ја направивме првата поголема пауза. Манастирот е доста уреден, како и претходниот Крстоарски манастир. Потоа, се упативме во самото село Буково, каде се задржавме, бидејќи селото поседува повеќе цркви на различни места во селото.
Од Буково по асфалтниот пат се упативме кон селото Орехово (или наречено и Горно Орехово), каде ја фотографиравме селската црква и самото сретсело, како и поранешното училиште. Од Орехово води и патот за селото Злокуќани, но сепак не појдовме бидејќи ќе ни одземеше премногу време, бидејќи се работи за земјен пат.
Како на крај на оваа експедиција, ги посетивме селата сместени веднаш до градот Битола, Горно Оризари и Раштани. Во Горно Оризари има новоизградена црква и училиште, додека во Раштани се наоѓа стара селска црква сместена на самото сретсело. Покрај нејзе, а по укажување на сопственикот на апартманот во кој бевме сместени во Битола, го посетивме и местото каде се наоѓало Битолското кале и каде се забележуваат основите на некогашната црква „Пресвета Богородица“, која била навистина голема. Од нејзе направивме одлични дронски фотографии, а таму направивме и групна фотографија, со што ја затворивме оваа експедиција.
Исход
[уреди извор]Со фотографирани 15 нови села, 4 повторно посетени и поминати над 600 километри, можеме да кажеме дека имавме уште една успешна експедиција и покрај проблемите со кои се соочивме првиот ден.
- Статии
| Број | Статија | Фотографија | Предмет на Википодатоци | Забелешки |
|---|---|---|---|---|
| 1. | Црква „Вознесение Христово“ - Братин Дол — црква | Q136315018 | нова статија | |
| 2. | Црква „Св. Димитриј“ - Буково — црква | Q23038895 | значително подобрена статија | |
| 3. | Буковски манастир „Вознесение Христово“ — манастир | Q136402119 | нова статија | |
| 4. | Црква „Вознесение Христово“ - Буково — црква | Q136402235 | нова статија | |
| 5. | Црква „Св. Ѓорѓи“ - Буково — црква | Q136402266 | нова статија | |
| 6. | Црква „Св. Архангел Михаил“ - Буково — црква | Q136402284 | нова статија | |
| 7. | ПУ „Тодор Ангелевски“ - Горно Оризари — основно училиште | Q12909396 | значително подобрена статија | |
| 8. | ПУ „Елпида Караманди“ - Доленци — основно училиште | Q136407909 | нова статија | |
| 9. | ПУ „Елпида Караманди“ - Цапари — основно училиште | Q136407945 | нова статија | |
| 10. | Буковски манастир „Св. Преображение“ — манастир | Q12274001 | значително подобрена статија | |
| 11. | Црква „Св. Преображение“ - Буково — црква | Q136432430 | нова статија | |
| 12. | Параклис „Св. Недела“ - Буково — параклис | Q136432456 | нова статија | |
Фотографии
[уреди извор]Сите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:
Цапарско Поле на Ризницата ?
Трета експедиција
[уреди извор]Струшко Поле и Караорман
[уреди извор]Откако членовите на експедициите завршија со своите активности во август, одлучивме да го искористиме викендот (23-24 август) пред празничниот викенд за Голема Богородица за посета на Струшко Поле, како и селата на планината Караорман, со што ќе ја доопфатиме Општина Струга, која претходно ја имаме посетено во 2018 година.
Во попладневните часови на 22 август 2025 година (петок), вообичаените членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер и Деан Лазаревски се упатија кон сместувањето во градот Струга.
Прв ден
[уреди извор]Наше прво село за посета било селото Калишта, кое веќе го имавме посетено за време на експедицијата во Дримкол во 2018 година, но многу работи недостигаа од таа наша прва посета, па затоа може да се каже дека сега конечно детално го посетивме, вклучувајќи ги сите цркви во селото, како и викенд-населбата Елен Камен, која влегува во атарот на селото Калишта, каде се наоѓа пештерната црква „Св. Атанасиј“. Од Калишта се упативме кон познатото село Радожда, кое поседува бројни црковни објекти и во кое поминавме навистина подолго време. Иако вложивме напори, една од селските цркви не можевме да ја пронајдеме над селото, па ќе остане за некоја друга прилика.
Од Радожда се искачивме на магистралниот пат кој води до граничниот премин „Ќафасан“, каде се упативме кон малото село Мали Влај, во кое исто така имавме податок дека се наоѓаат повеќе цркви отколку што откривме на терен. Бидејќи немаше мештани кои можевме да ги прашаме, се упативме кон нашето следно село, Франгово. Во Франгово не се задржавме многу, бидејќи училиштето и селската џамија беа означени и лесно ги пронајдовме. Од тоа село се упативме директно кон Радолишта, каде имавме повеќе работи, фотографирајќи џамија, училиште, турбе, повеќе општествени објекти, како и ранохристијанска базилика, која е целосно зачувана и одлично се долови со воздушна фотографија од нашиот дрон.
Од Радолишта, продолживме кон споените села Шум и Заграчани, кои релативно лесно ги завршивме и со тоа по локален пат се упативме кон селото Долна Белица, кое исто така ни беше посетено за време на експедицијата во 2018 година. Сепак, две од трите селски цркви ги немавме фотографирано, па се вративме да ги пронајдеме. Успеавме да ја пронајдеме само едната, кај која се наоѓаат селските гробишта и кај која откривме споменик за загинати австро-унгарски војници, што е првпат да го забележиме во нашите истражувања.
Од Долна Белица, се упативме кон селото Добовјани, каде иако брзо завршивме, веќе започна нагла промена на времето и надоаѓаа дождовни облаци. Од Добовјани по кратка земјена делница се упативме кон селото Ташмаруништа, во кое имавме забележано бројни црковни храмови, но бидејќи дождот веќе започна да паѓа, одвај и да можевме да го завршиме селото со фотографирање.
Од Ташмаруништа, повторно преку Добовјани се упативме кон селото Горно Татеши, каде дождот уште траеше, поради што направивме мала пауза. Од Горно, продолживме кон Долно Татеши, при што дождот уште нѐ следеше во помал интензитет, но имаше услови за фотографирање. Следно село за посета беше планинското село Поум, а потоа се спуштивме кон поранешната општина Делогожди. Тука, поради бројните објекти решивме да испиеме кафе во локалното кафуле на сретсело кај џамијата.
Како последни села за денот ги оставивме споените села Џепин и Корошишта, со што се упативме кон селото Рамне, каде ја посетивме NatasaNedanoska во нејзиното селско домаќинство „Пирустија Неданоски“.
Втор ден
[уреди извор]Бидејќи претходниот ден нѝ укажаа дека пекарница која работи во недела има во селото Мислешево, решивме со него да го започнеме вториот ден. Од Мислешево, се упативме кон полските села Мороишта и Драслајца, каде брзо се движевме, бидејќи сите работи беа добро означени и немавме проблем да ги пронајдеме.
Од Драслајца отидовме кон селото Ливада, каде за време на патувањето пронајдовме дека во селото постои стара кула (налик на куќа), која ја фотографиравме покрај другите работи кои ги имавме забележано претходно. Од Ливада отидовме кон селото Биџево, каде имавме мала непријатна дискусија со мештаните поради недоразбирање дека не сме ги прашале претходно за нашето летање на дронот. Откако тоа го надминавме ја фотографиравме селската црква, а потоа се упативме кон селото Ложани, во кое се задржавме подолго време поради бројот на цркви.
Од Ложани се вративме во Биџево, каде ја сликавме селската џамија, а потоа се упативме кон Ново Село (уште едно Ново Село во низата на посетени вакви села со овој назив). Со ова село го завршивме Струшко Поле и преку Долно Татеши се упативме кон планинските села на Караорман.
Најпрвин, отидовме во насока на Богојци, а попатно застанавме да го фотографираме селото Тоска, од кое нема никакви остатоци. Од Богојци се вративме и продолживме во насока на Мислодежда, но не влеговме во селото, бидејќи најпрвин сакавме да го посетиме Брчево.
Во Брчево, поради склоп на околности се задржавме најдолго време, бидејќи се упативме да ја пронајдеме истурената црква „Св. Димитриј“, која на картите на Гугл е означена на погрешно место, поради што пеш низ грмушки, смреки и треви одевме до таму, за да сфатиме дека нема ништо, односно само еден објект, кој никако не беше црква. Кога се вративме во селото, ги сликавме двете селски цркви во ист двор, а потоа кај еден знак за црква „Св. Петка“, решивме да прашаме мештани каде точно се наоѓа оваа црква, а воедно да се распрашаме за црквата „Св. Димитриј“. Мештаните нѝ кажаа дека Свети Димитриј се наоѓала на земјениот пат по кој тргнавме и од местото каде што сме застанеле со нашето возило имало уште 500 метри најмногу до црквата, која се наоѓала на широкиот пат. За Света Петка, еден од нив нѐ однесе до новоизградениот параклис. Бидејќи, сега ја знаевме местоположбата на Свети Димитриј, решивме дека ќе ја посетиме.
По сета оваа авантура во Брчево, отидовме во Мислодежда, каде брзо завршивме и се упативме кон областа Малесија и првото село Присовјани. По пат го фотографиравме споменикот од НОБ, една црква на влезот во селото и се упативме кон црквата над селото, од која немаше никакви фотографии на Википедија. Од таму го пуштивме и нашиот дрон за да го фотографираме селото и главната селска црква, од која веќе постоеја бројни фотографии. Во Присовјани забележавме и една новоизградена црква, за која немавме податок како се нарекува.
Од Присовјани се упативме кон селото Збажди, каде застанавме само над него за да направиме фотографија од селото и од црквата со нашиот дрон, бидејќи од црквата веќе има бројни фотографии на Википедија. Бидејќи претходно решивме дека ќе продолжиме кон селото Локов, до кое видовме дека е изведен асфалтен пат од кај браната „Глобочица“, од Збажди кон селото ’Ржаново започна нашата авантура по земјен пат. На места патот беше во лоша состојба поради наноси од вода и канали, но сепак успеавме да го пројдеме делот. Со фотографирањето на ’Ржаново со нашиот дрон (бидејќи исто како и Збажди имаше фотографии од селската црква) ја завршивме нашата експедиција во Струшко и се упативме кон ресторанот „Куќата на Мијаците“ за да вечераме.
Исход
[уреди извор]Со фотографирани 27 нови села, 3 повторно посетени и поминати над 600 километри, можеме да кажеме дека имавме одлична експедиција.
Галерија
[уреди извор]- Глисер во Охридското Езеро
- Кула во селото Ливада
- Воздушен поглед на базиликата кај Радолишта
- Поглед на главната манастирска црква „Рождество на Пресвета Богородица“ кај Калишта
- Пештерната црква „Св. Атанасиј“ во Елен Камен
- Статии
| Број | Статија | Фотографија | Предмет на Википодатоци | Забелешки |
|---|---|---|---|---|
| 1. | [[]] — | [[Податотека:|200п|]] | wikidata: | статија |
Фотографии
[уреди извор]Сите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:
Струшко Поле и Караорман на Ризницата ?
Четврта експедиција
[уреди извор]Козјачија и Средорек
[уреди извор]Поради близината на областа до Скопје, се решивме овојпат да ја поделиме експедицијата на две еднодневни посети во текот на октомври, па така ги искористивме двата празника, 11 Октомври и 23 Октомври.
Прв дел (11 октомври)
[уреди извор]На празникот 11 Октомври тргнавме доста рано кон Општина Старо Нагоричане. Откако членовите Ehrlich91 и Полупрофесионален Шофер купиле бурек за сите членови на планираната експедиција и откако беа собрани и другите членови (Kiril Simeonovski, Деан Лазаревски и Корисник:MacedonianMaps) баравме бензинска станица за да можеме да купиме вода и други пијалаци, како и да појадуваме. Уште на самата бензинска станица кај Дељадровци времето почна да врне и тоа не беше воопшто како што беше најавено. Затоа и рековме дека ќе го следиме како ќе биде, но дека ќе извршиме промена на првичниот план на посета на селата, ако времето биде лошо.
Идејата беше да ги посетиме селата кои не ги имавме посетено во текот на една од нашите први експедиции во 2017 година, кога имавме посетено само 12 села. Така тргнавме да го следиме регионалниот пат кон Кокино како и тогаш, но овојпат тргнавме детално да ги посетуваме селата и најпрвин застанавме на селските гробишта, каде според некои податоци се наоѓаше и црква, иако се потврди дека се работи само за трпезарија со крст. Овој објект се наоѓа помеѓу атарите на Драгоманце, Челопек и Старо Нагоричане. При фотографирањето на објектот направивме и дронски фотографии од Драгоманце.
Потоа, отидовме во селото Добрача, каде повторно најдовме трпезарија со крст, што очигледно е некоја посебност за овој крај, а од тој рид ја здогледавме и црквата „Св. Троица“, која се одликуваше со интересно надворешни орнаменти, додека нејзината внатрешност беше празна. Кога се вративме на регионалниот пат продолживме кон Жегљане, кое го имаме посетено во целост, но сме ги пропуштиле неколку општествени објекти на влезот во селото, па токму затоа и застанавме за да ги фотографираме. Од таму, малку возевме по регионалниот пат пред да се исклучиме по земјениот пат кон селото Малотино, каде најдовме два споменика за НОБ и поранешниот планинарски дом, сместен во некогашното училиште во селото.
Од Малотино повторно се вративме на регионалниот пат, каде само на кратко го фотографиравме поранешното училиште во селото Кокино, а потоа продолживме кон селото Рамно. Во Рамно ја најдовме срушената црква „Св. Никола“ со селските гробишта, како и поранешното основно училиште. Патот до Рамно беше земјен, но сепак во добра состојба, но бидејќи за другите села требаше да продолжиме уште по полош пат, имавме размислување дали тоа ни е добра идеја со оглед на временските услови (уште проврнуваше). Сепак продолживме кон селата Цветишница и Буковљане, но кога стигнавме до моментот кога требаше да се симнеме кон нив, влеговме во зона на ниски облаци и дури не ни можевме да го користиме нашиот дрон. На крајот и по кратко време фотографиравме маала на Буковљане, но Цветишница не можевме да ја фотографираме. Решивме дека ќе се враќаме преку Малотино, бидејќи патот преку Рамно е подолг и беше полош. Пред да свртиме да се спуштаме кон Малотино, сепак се доближивме до селото М’гленце и го фотографиравме со нашиот дрон. Патот до Малотино беше во доста подобра состојба и релативно брзо се вративме на регионалниот пат. Од таму решивме да се вратиме до Драгоманце и да ги опфатиме селата кон Пелинце.
Најпрвин отидовме до селото Челопек, каде го фотографиравме основното училиште и срушената црква „Св. Троица“, а потоа продолживме кон селото Коинце, каде ја фотографиравме црквата „Св. Ѓорѓи“. По Коинце, во маалото Гулиновица, кое е на половина поделено помеѓу атарите на Алгуња и Челопек знаевме дека треба да ја најдеме црквата „Св. Петка“, но воочивме дека има уште една црква, овојпат посветена на „Св. Недела“. Од ова маало отидовме кон селото Алгуња, каде го фотографиравме основното училиште.
На крај на експедиција, се доближивме да го фотографираме со дронот селото Враготурце и повторно го посетивме селото Пелинце, од кое направивме фотографии од работите кои ни недостигаа. На крај ја проверивме локацијата на која некои тврдеа се наоѓа срушена црква „Св. Никола“, но бевме спречени да отидеме со нашето возило и ја проверивме локацијата со дронот, но не најдовме ништо.
Со тоа ја затворивме оваа празнична експедиција и отидовме во Куманово на вечера.
Втор дел (23 октомври)
[уреди извор]Повторно, на празник (23 Октомври) тргнавме доста рано кон Општина Старо Нагоричане. Откако членовите Ehrlich91 и Полупрофесионален Шофер купиле појадок како минатиот пат за сите членови на планираната експедиција и откако беа собрани и другите членови (Kiril Simeonovski и Деан Лазаревски), повторно застанавме на бензинска за да појадуваме и за да можеме да купиме вода и други пијалаци. Сепак, и дента времето не беше според прогнозата, па затоа и одлучивме да започнеме со селата покрај државниот пат А2 и потоа да се движиме кон исток.
Започнавме со малото село Војник, кое ние го имавме фотографирано во 2017 година, но таа фотографија е погрешна, бидејќи е само кај знакот Војник, а не е од селото, туку се работи за маало на Младо Нагоричане. Поради тоа, направивме дронски фотографии од Војник и Стрезовце, кое во поново време се скоро целосно споени. Во Стрезовце се задржавме подолго време, бидејќи требаше да го најдеме Шупливиот Камен на Крале Марко, како и една црква и манастир во новиот дел на селото. За да стигнеме до старата селска црква, моравме да се вратиме на државниот пат и да се исклучиме повторно. Кај црквата се наоѓаа и неколку општествени објекти од Стрезовце.
Потоа, само го преминавме државниот пат и се упативме кон селото Облавце, во кое имаше доста општествени објекти еден до друг и тргнавме да ја бараме црквата која ја имавме со координати од катастарот, но на крајот сфативме дека се работи за грешка и се вративме на местото во селото каде што се наоѓаше основното училиште, во чија близина ја најдовме и црквата.
Од Облавце продолживме по државниот пат до Руѓинце, каде црквата се наоѓа во непосредна близина на самиот пат. При фотографирање со дронот на селото, едно од селските кучиња се стрча кон самиот дрон и една од перките беше оштетена при слетувањето. По брза замена, продолживме да го фотографираме поранешното училиште на Руѓинце, како и едно место наречено Макаревац.
Откако се вративме на државниот пат и кратко се возевме по него, дојдовме до селото Орах, каде најпрвин го сликавме споменикот за НОБ и старото училиште, а потоа се упативме кон црквата „Св. Никола“ и „Св. Ѓорѓи“, необична селска црква со два влеза и посветена на два светци. Црквата претставува заштитено културно наследство на Македонија, како и Карпинскиот манастир над селото. Отидовме и до манастирот и патот до него сега е доста подобрен и може доста полесно да се пристигне. Во манастирот веќе времето стана доста подобро и просончи, така што направивме пауза во манастирскиот двор, а и нѐ пречекаа со ракија луѓето кои беа таму.
Потоа се упативме кон Бајловце, но најпрвин попатно влеговме да ги фотографираме селата Макреш и Канарево со своите цркви. На едно место застанавме со дронот да го фотографираме селото Цвиланце и потоа продолживме во нашето последно село, Бајловце. Таму ги фотографиравме основното училиште и главната селска црква „Св. Димитриј“, како и необичниот комплекс „Св. Троица“, кој имаше повеќе објекти со објаснувања за лековит камен и вода и чудни уредувања на внатрешноста на една започната црква во изградба.
Исход
[уреди извор]Со фотографирани 16 нови села, 6 повторно посетени и поминати над 400 километри, можеме да кажеме дека имавме одлична експедиција.
Галерија
[уреди извор]- Земјен пат до Цвиланце
- Основното училиште во Челопек
- Поглед на црквата „Св. Ѓорѓи“ и „Св. Никола“ во Орах
- Орнамент на црквата „Св. Троица“ во Добрача
- Статии
| Број | Статија | Фотографија | Предмет на Википодатоци | Забелешки |
|---|---|---|---|---|
| 1. | [[]] — | [[Податотека:|200п|]] | wikidata: | статија |
Фотографии
[уреди извор]Сите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:
Козјачија и Средорек на Ризницата ?