Виенска Шума

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Виенска Шума
Wienerwald
Виенската Шума кај Брајтенфурт
Највисока точка
Врв Шепфл
Надм. височина 893 м
Координати 48°05′14″ СГШ 15°54′43″ ИГД / 
Величина
Должина 45 км
Ширина 20-30 км
Географија
Земји Австрија
Покраини Долна Австрија и Виена
Координати 48°10′12″ СГШ 16°00′00″ ИГД / 48.17, 16
Матичен венец Северни Варовнички Алпи

Виенска Шума (германски: Wienerwald) — низок шумовит масив кој го образува североисточното подножје на Северните Варовнички Алпи во покраините Долна Австрија и Виена. Долг е 45, а широк 20-30 км и претставува популарно место за рекреација на жителите на Виена.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Подрачјето е ограничено со реките Тристинг, Гелзен, Трајзен и Дунав и лежи на границата меѓу Винарската и Индустриската четврт на Долна Австрија. Се протега практично до самиот град Виена и има улога на излетиште за густо населените подрачја околу градот.[1]

Географија[уреди | уреди извор]

Највисока точка на масивот е Шепфл (893 м), на кој се наоѓа опсерваторијата „Леополд Фигл“. Поважни реки во Виенската Шума се Виена, Швехат и Тристинг. Најсевероисточниот рид Леополдсберг се издига над Дунав и Виенската Котлина, образувајќи го источниот крај на алпскиот венец.

Иако Виенската Шума е заштитен предел и важно место за разонода, подрачјето сепак е под закана од ексурбанизација. Во неа е сместен големиот Лајнцерскиот животински парк населен со диви свињи и други шумски животни, како и паркот Шварценберг основан во XIX век. Близу Пуркерсдорф, 20 км западно од Виена се наоѓа и природниот парк Зандштајн-Виенска Шума. На масивот има и пештери, од кои попозната е Тројца Глувтари (Dreidärrischenhöhle).

Папелштрасе во населбата Пенцинг, Виена, која се граничи со Виенската Шума
Црквата на Клостернојбуршкиот манастир во Виенската Шума

Геологија[уреди | уреди извор]

Масивот на Виенската Шума претставува преод меѓу Источните Алпи и Карпатите, одвоен од Дунав и извесни тектонски линии кај Виена. Северниот дел припаѓа на песочничката зона на Алпите, а јужниот дел е во состав на Северните Варовнички Алпи. На исток, границата лежи на геолошка преломна линија кон Виенската Котлина. Најзастапени дрва во северниот дел на Виенската Шума се буката, дабот и габерот, додека југот е прекриен со четинари, претежно бор и ела. Во јужниот дел се наоѓа природниот парк Ференберге (во прев. „борови планини“).

Историја[уреди | уреди извор]

Виенската Шума е населена веројатно уште од VIII век. Под влијание на Аварите, по Големата преселба на народите на подрачјето се населиле Словени, за што сведочат имињата на места како Деблинг, Лизинг и Габлиц. Сè до XVI век Виенската Шума била кнежевско ловиште, а потоа се користела претежно како извор на дрва. Индустрискиот развој во областа почнал во 1840 г. поради што подрачјето почнало густо да се населува. Во 1870 г. е планирано расчистување на речиси сета шума, но идејата наишла на широка јавна осуда, предводена од Јозеф Шефел.

Во 1987 конечно е донесена декларација за заштита на природната средина во областа на Виенската Шума.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Wanderatlas Wienerwald. Freytag und Berndt. 1975. ISBN 3-85084-661-X. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]