Видови винско грозје

Од Википедија — слободната енциклопедија

Постојат многу видови на винско грозје од кои се прават различни видови на вина како што се: црвено вино, розе вино, бело вино итн. Секој вид на вино е посебен исто така важна е и староста на виното за неговиот вкус.

Аликанте буше[уреди | уреди извор]

Црвена сорта која почнала да се одгледува во Франција пред околу 150 години како резултат на вкрстување на Петит буше и Гранаш. Аликанте е грозје со црвено тело (тн.тентуриер грозје) и поради својата темна боја, многу често се користи за мешање со посветли црвени вина. Аликанте буше е сорта која дава огромни приноси и поради ова не дава квалитетни едносортни вина, па затоа најчесто се користи за правење купажи. Се одгледува и во Македонија.

Аљанико[уреди | уреди извор]

Црна сорта грозје која најмногу се одгледува во Италија, а потекнува од Грција. Вината кои се добиваат од оваа сорта се со полно тело, многу танини и висок степен на киселини, кои на виното му даваат голем потенцијал за чување. По само неколку години зреење, вината од оваа сорта грозје развиваат буке на кафе и кожа. Аљаникото од неодамна се одгледува и во Македонија.

Барбера[уреди | уреди извор]

Стара италијанска црвена сорта грозје и од 2000 година е третата најодгледувана сорта во Италија (по Санџовезе и Монтепулчано). Вината добиени од оваа сорта се со висок степен на киселини и имаат речиси виолетова боја која е нестабилна, но може да се стабилизра со барикирање за да се зголеми степенот на танини. Вака добиените вина се со ароми на црна слива, зачини, цреши и рибизли.

Вранец[уреди | уреди извор]

Стара црвена сорта која е автохтона за Република Македонија, Србија и Црна Гора. Во Македонија се смета за најбитна сорта грозје и е застапена со речиси 70% од сите црвени сорти кои се одгледуваат. Зборот вранец значи црн пастув, име кое го опишува ова грозје. Младите Вранци имаат светловиолетова боја и мирис на црвени боровинки и овошен мармалад со многу јаки танини. По неколку години зреење, бојата преминува во темноцрвена рубин/црна боја и се развива комплексна арома која потсетува на чоколадо, црно овошје и цимет, при што вината ја губат својата острина, развивајќи долг и свилен послевкус. (Витач е алкохолен пијалак кој се добива од сортата Вранец).

Гаме[уреди | уреди извор]

(француски: Gamay Црвена сорта грозје и воедно една од најстарите познати сорти. Гамето има лушпа со црвена боја и изразито бело месо на гроздот. Се верува дека е донесена во Далмација од Франција во III век, а во XIV век најмногу се одгледувала во Бургундија. Денес, најмногу се одгледува во Франција, регионот Бежоле, каде е застапена со 99% . Вината од оваа сорта се со црвена боја, лесно тело, висок степен на киселини и изразит мирис на гмечени јагоди и малини, цветни ноти на јорогован и темјанушки. Доколку се остават да зреат некое време, развиваат мирис на вишна, црн бибер, сушени бобинки како и креда.

Жилавка[уреди | уреди извор]

Бела сорта грозје која најмногу се одгледува во пределите околу Мостар во Босна и Херцеговина. Вината добиени од оваа сорта грозје се со жолтеникаво-зелена боја и се познати по својата арома на крем од ореви и цитрус. Жилавката се одгледува во Македонија.

Жупјанка[уреди | уреди извор]

Бела сорта грозје која е создадена со вркстување на прокупец и црн бургундец. Оваа сорта е карактеристична по тоа што содржи повеќе јаболчна отколку винска киселина. Вината добиени од оваа сорта грозје се со светложолтеникаво боја, со овошни ароми. Жупјанката се одгледува во Македонија.

Зинфандел[уреди | уреди извор]

Црвена сорта грозје која генетски е подеднакво иста со хрватскиот Црљенак каштелански и италијанското Примитиво. Оваа сорта во Калифорнија е застапена со 10% од сите црвени сорти кои се одгледуваат во калифорниските виногорја. Вкусот на вината од оваа сорта зависи од степенот до кој тие се зреени, како и различниата клима и тероар, па може да даде ароми на малина, капина, јагоди, цреши, па дури и на тутун, анасон и бибер.

Каберне совињон[уреди | уреди извор]

Една од најраспространетите вински сорти во светот, од причина што успева на различни поднебја. Најпозната е како основа за вината Бордо, каде што се меша со Мерло и Каберне франк. Аромите на оваа сорта многу зависат од зрелоста на грозјето за време на гроздобер. Каберне совињон е идеално за зреење во дабови буриња, бидејќи дрвото не само што ги смирува природните танини туку и аромите на ванила и зачини што ги има во дрвото ги надополнуваат природните ароми на црна рибизла и тутун, кои се карактеристични за ова грозје. Оваа сорта е сè повеќе распостранета и во земјава.

Каберне франк[уреди | уреди извор]

Црвена сорта грозје која потекнува од Франција и е една од најзастапените во светот. Токму со вкрстување на оваа сорта со Совињон блан е настаната сортата Каберне совињон. Ова грозје се одгледува насекаде во Европа, САД, Австралија, Чиле и Аргентина. Најпознато е по тоа што се меша со Каберне совињон и Мерло во вината кои се произведуваат во регионот Бордо. Вината од овааа сорта се со посветла црвена боја, а кога се меша со други сорти придонесува за дополнителните ароми на парфем, бибер, и во зависност од регионот каде се одгледува може да има ароми на тутун, малина и црна рибизла, па дури и темјанушки. Каберне франкот се одгледува и во Македонија.

Кадарка[уреди | уреди извор]

Црвена сорта грозје. Најраспространета е во Унгарија, од каде што се верува дека и потекнува. Во оваа земја е позната како главна состојка на унгарското куве, познатиот Егри бикавер, а во Бугарија оваа сорта е позната како Гамза. Вината добиени од Кадарка се одликуваат со средна боја, лесни се за пиење, хармонични, со мека овошна арома. Кадарката најмногу се користи за блендирање. Се одгледува и во Македонија.

Карменере[уреди | уреди извор]

Црвена сорта грозје која најпрво била засадена со Медок регионот во Бордо. Денес, најмногу се одгледува во Чиле каде е најраспространета, а исто така и во САД и Италија. Виното добиено од Карменере има интензивна црвена боја. Аромите се на црвени овошја, зачини и боровинки, со помеки и поблаги танини од каберне совињонот. Карменерето најмногу се користи за блендирање. Чистото вино добиено од оваа сорта најдобро е да се пие младо. Мал број на винарии во Македонија ја имаат засадено оваа сорта.

Кратошија[уреди | уреди извор]

Локална балканска сорта. Најновите сознанија во врска со нејзиното потекло докажаа дека генетскиот профил на кратошијата е ист со оној на Примитивото односно Зифанделот или Црљенак каштелански. Денес најмногу се одгледува во Црна Гора и Хрватска. Вината кои се добиваат од ова грозје се со темна, речиси црна боја, а густината на виното е како на моторно масло. Поради високиот степен на шеќери во грозјето, вината добиени од ова грозје се со висок степен на алкохол кој достигнува до 17%. Во Македонија нема чисти насади од оваа сорта туку ја има во насадите заедно со вранецот, како негова следечка сорта.

Малбек[уреди | уреди извор]

Црвена сорта чии гроздови имаа темна, речиси виолетова боја и содржат многу танини. Малбекот е позната како една од шесте сорти кои се одлгедуваат во регионот Бордо во Франција. Како едносортни вина, вината добиени од Малбек се со темновиолетова боја, меки танини, понизок степен на киселини и ароми на црна рибизла. Најчесто Малбекот се меша со други сорти како Каберне совињон и Мерло, а совшен пример за ова се вината од регионот Бордо.

Малвазија[уреди | уреди извор]

Сорта грозје која најмногу во минатото се одгледувала во средоземните земји, Канарските Острови, Мадејра, а денес и во останатите винкси региони во светот. Се верува дека оваа сорта потекнува од Грција. Младите бели вина добиени од белите сорти на Малвазија се со со полно тело, ароми на праска, кајсија и бела рибизла, додека младите вина добиени од црвената сорта на Малвазија се со чоколадни ароми.

Мерло[уреди | уреди извор]

Црвена сорта грозје која се одгледува во целиот свет и е трета по распространетост. Мерлото се користи како грозје за блендирање (Бордо) и за добивање едносортно Мерло. Вината кои се добиваат од ова грозје вообичаено се одликуваат со средно тело, но со интензивна арома на боровинка, јагода, слива и рибизла. Македонските Мерлоа се одликуваат со полно тело.

Монтепулчано[уреди | уреди извор]

Италијанска црвена сорта грозје. Вината добиени од оваа сорта се со темноцрвена боја, благи киселини и со висок стене на алкохол. Во Македонија само една винарија произведува вино од оваа сорта.

Мускат хамбург[уреди | уреди извор]

Исто познат како Црн мускат, е член на големата и надалеку позната Мускат фамилија. Црната сорта на ова грозје најчесто се наоѓа во јужните делови на Балканот. Мускат хамбург има карактеристична арома на чоколадо и цитрус. Застапена е и во Македонија.

Мускат отонел[уреди | уреди извор]

Бела сорта грозје која потекнува од Алзас, Франција и е член на Мускат фамилијата. Во Австрија и Хрватска е најпозната како сорта од која се прават десертни вина. Вината добиени од ова грозје се со лесно тело и среден вкус и имаат овошни ароми на бозел, цитрус и бели цвеќиња. Оваа сорта се одгледува во Македонија.

Небиоло[уреди | уреди извор]

Црвена италијанска сорта грозје, најпозната во регионите Бароло и Барбареско. Од ова грозје се добиваат вина со светлоцрвена боја, кои уште како млади содржат висок степен на танини и карактеристичен мирис на катран и рози. Како што стареат, развиваат овошни ароми. Во Македонија оваа сорта се користи само за блендирање.

Шардоне[уреди | уреди извор]

Сорта грозје со зеленкаста боја, која потекнува од регионот Бордо. Шардонето е втора по ред најраспространета бела сорта во светот и успева на речиси секакво поднебје. Грозјето само по себе е со неутрален вкус. Многу од вкусовите кои највообичаено се поврзуваат со оваа сорта доаѓаат од тероарот и дабот. Во Македонија, Шардонето е со ароми на различни видови тропско овошје, како манго и ананас.

Смедеревка[уреди | уреди извор]

Бела сорта грозје за која се претпоставува дека потекнува од околината на Смедерево во Србија. Виното добиено од ова грозје има златно-жолта боја и се одликува со киселкаст но мек вкус. Други земји во кои се одгледува се Бугарија, Србија, Црна Гора, Турција и Романија. Смедеревката не се меша со други сорти грозје и е една од сортите која е најраспространета во Македонија.