Прејди на содржината

Вештината на сакањето

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Вештината на сакањето“ (англиски: The Art of Loving) — книга на германскиот психоаналитичар Ерих Фром од 1956 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од предговор и четири дела:[1]

  • Дали љубовта е вештина? - Во овој дел, Фром ја претставува претпоставката дека љубовта не е случајно чувство, туку таа е вештина која бара знаење и труд. Според него, основниот проблем во љубовта е тоа што луѓето ги насочуваат своите напори кон тоа како да се биде сакан, наместо кон способноста да се сака. Во врска со тоа се јавува и втората општоприфатена претпоставка дека основниот проблем во љубовта е објектот на љубовта а не проблемот на способноста. Тој тврди дека ваквото сфаќање на љубовта е плод на современото потрошувачко општество во кое во сите области, вклучувајќи ја и љубовта, владеат пазарните законитости. Третиот проблем во љубовта е забуната меѓу почетното вљубување и подоцнежното останување во љубовта. Фром смета дека овие проблеми може да надминат ако се сфати дека љубовта е вештина, а за нејзиното совладување најпрвин треба да се совлада теоријата на љубовта, а потоа човекот да се усоврши во љубовната пракса.[2]
  • Теорија на љубовта. Овој дел се состои од следниве три глави:
  • Љубовта – одговор на проблемот на човечката егзистенција: Теоријата на љубовта е дел од теоријата на човечката егзистенција. Имено, човекот се јавува со свест за себе, а свеста за човечката издвоеност, без соединувањето со посредство на љубовта, е извор на срам, на чувство на вина и на тешкотии. Целосното соединување и спојување со другата личност се постигнува само во љубовта. Притоа, зрелата љубов е соединување под услов да се сочува сопствениот интегритет, сопствената индивидуалност. Во таа смисла, љубовта е активна човекова моќ која човекот го соединува со другите луѓе и му помага да ги надмине осаменоста и изолацијата, но сепак му дозволува да го задржи интегритетот. Оттука, љубовта се разликува од страста, зашто таа е дејство, примена на човечката моќ која може да се одвива само во слобода, а никогаш под присила. Според тоа, љубовта е активност, а не пасивен афект, таа е „истрајување“ а не „заљубување“. Исто така, љубовта е пред сè давање, а не примање, зашто во неа човекот го дава најскапото нешто – дел од својот живот.[3] Освен во елементот на давањето, активниот карактер на љубовта се состои во тоа што таа вклучува: грижа, одговорност, почитување и знаење. Грижата значи дека љубовта е активна заинтересираност за животот и развојот на оној кој го сакаме; одговорноста значи водење сметка за потребите на другиот; почитувањето е свест за индивидуалноста и прифаќање на другата личност онаква каква што е; знаењето подразбира познавање на сржта на другата личност и стремеж да се соединиме со неа, а токму љубовта е патот за целосно објективно спознавање на другиот, на себе и на секого. Во таа смисла, љубовта нема биолошка, туку егзистенијална димензија.[4]
  • Љубовта меѓу родителот и детето: Од аспект на детето, љубовта е пасивно доживување, зашто тоа е сакано поради тоа што е, т.е. детето не мора да прави ништо за да биде сакано; едноставно, доволно е тоа да постои за мајката да го сака. На возраст од осум до десет години, кај детето се јавува свеста дека со својата активност може да ја предизвика родителската љубов при што чувството „да се биде сакан“ се развива во чувството „да се сака“. Притоа, развојот на способноста за љубов е тесно поврзан со објектот на љубовта – најпрвин, тоа е мајката, а потоа сè повеќе се заврстува врската со таткото. За разлика од мајчината љубов, која е безусловна, татковската љубов е условна, т.е. неа детето треба да ја заслужи со своите постапки.[5]
  • Објектот на љубовта: Во суштината, љубовта не е однос кон некоја конкретна личност, туку таа е став и ориентација на карактерот кон светот како целина, а не само кон еден „објект“ на љубовта. Сепак, во зависност од објектот на кого се однесува, постојат различни видови љубов: братска љубов, која е основата на сите типови љубов, зашто таа претставува грижа, почитување, одговорност и познавање на секое друго суштество и желба да се унапреди неговиот живот; мајчинска љубов, која претставува безусловна афирмација на животот на детето, но и желба за неговот одвојување од мајката, т.е. осамостојување; еротска љубов, која е стремеж за целосно соединување со една конкретна личност, т.е. таа не е универзална, туку ги исклучува другите луѓе како објект на љубовта; љубовта кон себе, која е неразделно поврзана со љубовта кон која и да било друга личност, т.е. таа е спротивна на себичноста; љубовта кон бога е религиска форма на љубовта, но таа не е психолошки различна од другите типови, т.е. таа произлегува до потребата да се надмине одвоеноста и да се постигне соединување. Нејзиниот карактер зависи од тоа дали претежнуваат матријархалните или патријархалните аспекти на религијата, т.е. дали бог е претставен како мајка или како татко.[6]
  • Љубовта и нејзината дезинтеграција во современото западно општество: Фром смета дека западната култура и структурата на западното општество не придонесува за развој на љубовта, т.е. во него братската, мајчинската и еротската љубов се релативно ретка појава. Во западното општество се случува дезинтеграција на љубовта чии основни облици се љубовта како заемно сексуално задоволување и љубовта како „тимска работа“, т.е. како засолниште од осаменоста. Натамошен облик на пседољубов е „идолопоклоничката љубов“ во која личноста која нема свест за својот идентитет настојува да обожува друга личност. Друг облик на псевдољубов е „сентименталната љубов“, кога љубовта се доживува само во фантазијата, а не во сегашноста. Друг облик на невротична љубов е онаа во која се јавува „механизмот на проекцијата“ при што, за да се избегнат сопствените проблеми, човекот се занимава со недостатоците на саканата личност. Најпосле, во современото западно општество се јавува и дезинтеграција на љубовта кон бога, зашто верувањето во него е претворено во психолошка вештина која треба да му помогне на човекот да се подготви за конкурентската борба.[7]
  • Љубовната пракса: Според Фром, љубовта како вештина не може да се научи, ако не се практикува во секојдневниот живот. Во тој поглед, љубовта е лично искуство кое секој човек мора да го доживее со помош на себеси и за себеси. Примената на љубовната вештина бара дисциплина, концентрација, трпение, а совладувањето на оваа вештина мора да ни биде од најголема важност. Притоа, основниот услов за да се достигне љубовта е надминувањето на сопствениот нарцизам, а тоа пак бара скромност, обејктивност и ум. Исто така, ослободувањето од нарцизмот бара рационална вера, а тоа значи цврстина во нашите убедувања и чувства.[8]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во предговорот кон книгата, Фром нагласува дека таа не содржи готови упатства за вештината на љубовта, туку напротив, сака да покаже дека љубовта не е чувство на кое секој може лесно да му се препушти, зашто умешноста на љубовта е дел од целокупниот развој на личноста. Притоа, тој нагласува дека во оваа книга се повторуваат многу од идеите од неговите други дела („Бегство од слободата“, „Човек за себе“ и „Здраво општество“), иако во неа се изложени и некои нови идеи.[9]

Книгата „Вештината на сакањето“ ужива голема популарност и е преведена на 34 светски јазици, а само едно нејзино американско издание било продадено во тираж од пет милиони примероци.[10] Според Питер Крејмер, и половина век по објавувањето, „Вештината на сакањето“, продолжува да ни дава сознание, утеха и инспирација. Притоа, тој наведува неколку фактори кои оваа книга ја прават безвременска: темата на книгата (љубовта), непосредниот и едноставен наслов во кој намерно е испуштен стручниот израз „психоанализа“, како и непосредниот, економичен и поетски јазик.[11] Покрај големата популарност кај публиката, оваа книга била фалена од многу критичари, пред сè поради провокативните сфаќања изнесени во неа. Така, весникот „Чикаго трибјун“ напишал дека книгата „се одликува со достоинство, искреност, практичност и прецизност“. Всушност, со неа Фром се покажал како пионер на тој начин што измислил нов стил кој подоцна станал многу популарен, а кој се одликува со спојување на новите сфаќања со античката мудрост. Во 1960-тите, книгата повторно станала популарна во контракултурата што се развила на универзитетите во САД. Во 1998 година, Ана Фишер напишала: „Оваа е многу кратка книга... но секој ред е преполн со здрав разум, сочувство и реализам.“[12]

„Вештината на сакањето“ целосно се потпира врз личното искуство на Фром. Во неа, тој поаѓа од отуѓеноста како проблем кој современиот човек го прави анксиозен. Според него, љубовта е бунт против идеалите на комерцијалната култура и тој ја критикува претствата за љубовта од популарните списанија во кои бракот е прикажан како раководството на некоја корпорација. Наспроти тоа, Фром го прикажува идеалот на љубовта како единство не само со саканата личност, туку и со човештвото и со сè што е живо. Истовремено, тој објаснува како да се оствари овој идеал, а тоа е можно со практикување на љубовта.[13] Во ова дело, Фром ја опишал разликата меѓу љубовта кон себе и себичноста, што се смета за еден од неговите најголеми придонеси во психологијата.[14]

  1. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017.
  2. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 23-31.
  3. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 33-53.
  4. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 55-67.
  5. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 68-76.
  6. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 77-115.
  7. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 117-143.
  8. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 145-175.
  9. Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 19-20.
  10. „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 183.
  11. Piter Krejmer, „Uvod“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 7-9.
  12. „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 182-183.
  13. Piter Krejmer, „Uvod“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 13-15.
  14. „Upoznajte Eriha Froma“, во: Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 182.