Вештачки елемент

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Вештачки елементи)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
  Вештачки елементи
  Ретки радиоактивни природни елементи; често вештачки добивани

Вештачки елементхемиски елемент кој не се среќава природно на Земјата, туку може да се добие само по вештачки пат. Досега се пронајдени 24 вештачки елементи, и имаат атомски броеви од 95 до 118. Сите се нестабилни, со полураспади од 15,6 милиони години до неколку стотини микросекунди.

Седум други се првпат добиени по вештачки пат, но подоцна се пронајдени и во природата (како примеси); таквов е плутониумот, познат по употребата во енергетиката и војувањето.

Својства[уреди | уреди извор]

Вештачките елементи се радиоактивни и набргу се распаѓаат во полесни елементи, имајќи полураспад кој е толку краток во однос на староста на Земјата (4,6 милијарди години), што секој ваков атом што постоел при нејзиниот настанок е одамна распаднат. Атоми на вештачките елементи се јавуваат во Земјата само како последица од атомски бомби или опити со нуклеарни реактори или забрзувачи на честички, по пат на нуклеарна фузија или неутронско впивање.[1]

Атомската маса на природните елементи се заснова на просечната застапеност на нивните изотопи во Земјината кора и атмосфера. Кај вештачките елементи, изотопот зависи од начинот на добивање, па затоа бесмислено е да се говори за природна застапеност. Затоа, кај вештачките елементи во загради се наведува атомскиот број, кој претставува вкупниот број на нуклеони (протони и неутрони) и е најстабилниот изотоп т.е. со најдолг полураспад.

Историја[уреди | уреди извор]

Првиот елемент откриен по вештачки пат е технициумот, чие постоење е конечно потврдено во 1936 г. Со ова е пополнета празнина во периодниот систем; фактот што не постојат стабилни изотопи на овој елемент го објаснува неговто отсуство во природата (како и празнината). Најдолговечниот изотоп (Tc-98) има полураспад од 4,2 милиони години, па затоа денес нема технициумски атоми преостанати од настанокот на Земјата. Во Земјината кора се присутни крајно мали примеси од овој елемент, и тоа како спонтан производ од фисијата на ураниум-238 или со неутронски зафат во молибденските руди. Сепак, овој елемент е природно застапен во ѕвездите наречени црвени џинови.

Првиот откриен вештачки елемент е кириумот, добиен во 1944 г. од Глен Сиборг, Ралф Џејмс и Алберт Гиорсо со бомбардирање на плутониум со алфа-честички. Набргу се откриени и америциумот, берклиумот и калифорниумот. Ајнштајниумот и фермиумот се откриени од научна екипа под водство на Алберт Гиросо во 1952 г. при изучувањето на радиоактивниот отпад од првата водородна бомба. Екипата ги открила изотопите ајнштајниум-253 (полураспад од 20,5 дена)[2] и фермиум-255, (полураспад од 20 часа)[3].

Подоцна се откриени менделевиумот[4], нобелиумот и лоренциумот. Во екот на Студената војна, СССР и САД независно ги откриле радерфордиумот и дубниумот.

Сите елементи со атомски броеви над 99 немаат никаква примена и служат само за научно истражување поради крајно краткиот полураспад.

Список на вештачки елементи[уреди | уреди извор]

Следниве елементи не се среќаваат во природата на Земјата. Сите од нив се поураноумски елементи и имаат атомски број од барем 95.

Елемент Симбол Атом. бр. Првпат
добиен
америциум Am 95 1944
кириум Cm 96 1944
берклиум Bk 97 1949
калифорниум Cf 98 1950
ајнштајниум Es 99 1952
фермиум Fm 100 1952
менделевиум Md 101 1955
нобелиум No 102 1966
лоренциум Lr 103 1971
радерфордиум Rf 104 1966 (СССР), 1969 (САД) *
дубниум Db 105 1968 (СССР), 1970 (САД) *
сиборгиум Sg 106 1974
бор Bh 107 1981
хасиум Hs 108 1984
мајтнериум Mt 109 1982
дармштатиум Ds 110 1994
рентгениум Rg 111 1994
копернициум Cn 112 1996
нихониум Nh 113 2004
флеровиум Fl 114 2004
московиум Mc 115 2010
ливермориум Lv 116 2004
тенесин Ts 117 2010
оганесон Og 118 2006
* Независно откриени.[5]

Природни, но обично вештачки добивани елементи[уреди | уреди извор]

Сите елементи со атомски броеви од 1 до 94 се среќаваат во природата барем како примеси, но следниве вообичаено се добиваат по вештачки пат. Со исклучок на полониумот, франциумот, актиниумот и протактиниумот, сите се откриени во вештачка постапка пред да се откријат во природата.

Елемент Симбол Атом. бр. Откриен
технициум Tc 43 1936
прометиум Pm 61 1945
полониум Po 84 1898
астат At 85 1940
франциум Fr 87 1939
актиниум Ac 89 1902
протактиниум Pa 91 1913
нептуниум Np 93 1940
плутониум Pu 94 1940

Наводи[уреди | уреди извор]