Вестеролен

Координати: 68°41′45″N 15°24′47″E / 68.69583° СГШ; 15.41306° ИГД / 68.69583; 15.41306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Местоположба на Вестеролен

Вестеролен (норвешки: Vesterålen) — област и архипелаг во најсеверниот дел на округот Нурлан, Норвешка. Сместена е северно од Лофотенските Острови и западно од градот Харстад.[1]

Name[уреди | уреди извор]

Старонордиските облици на името се Vestráll и Vestrálar (во множина). Поимот vestr значи „запад“, а áll значи „(длабок и тесен) ракав“ или „проток“, и се однесува на преминот западно од островот Хинеја. Се претпоставува дека стариот назив на преминот источно од Хинеја (денес наречен Тјелдсундет) бил Austráll (со значење „источен ракав/проток“).

Географија[уреди | уреди извор]

Селото Блејк на Андеј. Недалеку од брегот водата е длабока и тука се хранат кашалоти.

Вестеролен ги опфаќа општините Андеј, Бе, Екснес, Суртлан и Хадсел. Според некои поимувања, тука може да се вброи и општината Лединген. Областа е распоредена на неколку острови: Лангеја, Андеја, Хадселеја, западниот дел на Хинеја, северниот дел на Ауствогеја и на неколку помали острови.

Пределите се планински, но планините се позаоблени во споредба со оние на Лофотенските Острови. Населените места лежат на самиот брег, помеѓу планините и фјордовите. Има неколку езера, од кои особено се издвојува Алсвогватнет. На дел од територијата се протега и националниот парк Мејсален[2]. Климата е морска и зимите се благи, со оглед на местоположбата северно од поларникот. Просечната јануарска температура во Стокмаркнес (Хадсел) изнесува -1,8 °C, а во јули изнесува 12,3 °C во деноноќен просек; просечната годишна температура е 4,3 °C, а најмногу врнежи има на есен, со просек од 1.220 мм.[3]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Вестеролен со мостови е поврзан со копното и со аеродромот во Евенес. Сообраќајот до Лофотенските Острови се одвива со траект, а од 2007 г. и преку копнен патен правец.

По бреговите на областа плови паробродот „Хуртигрутен“, кој застанува во Стокмаркнес, Суртлан и Рисејхамн. Има два аеродроми: во Стокмеркнес (за мали летала) и во Анденес на Андеја.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Населението на Вестеролен брои 30.648 (2004) жители.[4] Најголемо населено место е Суртлан, но обласната болница е во соседниот Стокмаркнес, седиште на општината Хадсел. Во Андеја има воздухопловна станица на Норвешкото воено воздухопловство каде се чуваат сите авиони за поморска патрола „П-3 Орион“, а тука е сместена и истоимената база за испитувачки ракети. Во Суртлан се наоѓа северната база на Норвешката крајбрежна стража.

Рибарството игра важна улога во стопанството на областа, особено уловот на бакалар. Застапено е и рибникарството, а донекаде и земјоделството.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Store norske leksikon. „Vesterålen“ (норвешки). Посетено на 2012-07-22.
  2. Мејсален — Национални паркови на Норвешка (норвешки)
  3. „1961-1990 average for Stokmarknes“. Met.no. Архивирано од изворникот на 2007-09-29. Посетено на 2017-11-03.
  4. Централното статистичко биро на Норвешка

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

68°41′45″N 15°24′47″E / 68.69583° СГШ; 15.41306° ИГД / 68.69583; 15.41306