Весна Мундишевска-Велјановска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Весна Мундишевска-Велјановска
Занимањепоет
Државјанствомакедонско
ОбразованиеТехничкиот факултет – Битола

Весна Мундишевска-Велјановска е родена на 13 ноември 1973 год. во Битола. Таа е македонски поет, поет за деца и есеистучар.

Биографија[уреди | уреди извор]

Дипломирала на Техничкиот факултет во Битола, на отсекот графичко инженерство. Работи како наставник по графички стручни предмети во СОУ „Таки Даскало“ – Битола[1].

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2011 година. Член е и на Македонското научно друштво – Битола (одделение за лингвистика и литература) и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“.

Автор е на 12 книги поезија, 2 книги со критичко-есеистички текстови и соавтор на книга со песни за деца, а автор и соавтор е и на 6 стручни книги. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во антологии.

Добитник е на повеќе награди меѓу кои: наградата „Караманов“ за необјавена книга поезија (Радовиш, 2007 година) за книгата „Вибрации на духот“, наградата на Друштвото на писателите на Македонија[2] за најдобра песна на манифестацијата „Празник на липите“ (Скопје, 2016 година), прва награда и јубилејна грамота на меѓународниот славјански конкурс за преводи (Русија, 2017), наградата на Македонското научно друштво – Битола за научно-образовен придонес (Битола, 2018), наградата „Бранувања“ за најдобра песна на меѓународната поетска манифестација „Струшки книжевни средби“ (Струга, 2019), наградата „Книжевен круг за книжевна критика“ (Битола, 2020) и др.

Уредник е на списанието за култура – книжевност, драмска уметност, филм и издаваштво – „Современи дијалози“ чиј издавач е МНД, а била уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, главен и одговорен уредник на списанието „Современи дијалози“, уредник и главен уредник на книжевните билтени „Плима“ и „Изрек“, уредник на списанието за современо воспитание, образование и наука „Воспитни крстопати“, како и уредник и главен уредник на поетски книги и зборници, но и на училишни списанија и стручни билтени за наставници. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола, како и секретар на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ и член на Уредувачкиот совет на МНД. Настапувала на бројни книжевни манифестации, а ја уредувала и водела радио емисијата „Поетска квечерина“ на Радио Битола. Амбасадор на мирот е во Cercle Universel Des Ambassadeurs De La Paix – Suisse/ France од 2016 г.

Дела[уреди | уреди извор]

  • „Во сонот сон“ (1994), поезија
  • „Неспокојно сонце“ (1997), поезија
  • „Ден-денување“ (1999), поезија
  • „Птицоврик“ (2000), поезија
  • „Вонземски сводови“ (2001), поезија
  • „Вибрации на духот“ (2007), поезија
  • „Поетски дијалог“ (2010), поезија, соавтор: Милица Димитријовска-Радевска
  • „ДвОглед“ (2015), поезија
  • „Вибрации на духот“ (2015), второ издание
  • „Срцевина/ Njedz di inimā“ (2016), избор од поезијата на македонски и влашки јазик
  • „Калеидоскоп“ (2017), критички осврти и видувања
  • „ДвОглед/ DaOvider“ (2017), издание на македонски и влашки јазик
  • „У чаури века“ (2019), избор од поезијата на српски јазик
  • „Сообраќајна песнарка“ (2019), поезија за деца и млади, соавтор: Даниела Андоновска-Трајковска
  • „КонтинуУМ“ (2020), поезија
  • „Профили“ (2020), критички осврти и видувања

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Значајни личности за Битола – писатели“, издавач: НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и Општина Битола, Битола, 2008 г., стр. 63-64
  2. „Македонски писатели“, Зборник на членови на ДПМ, издавач: Друштво на писателите на Македонија, Скопје, 2017, стр. 157.