Вера Мајлс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вера Мајлс
Вера Мајлс (1959)
Роден(а)Вера Џун Ралстон
23 август 1930
Бојз Сити, Оклахома, САД
Занимањеглумица
СопружникБоб Мајлс (1948-1954) 2 ќерки
Гордон Скот (1954-1959) 1 син
Кејт Ларсен (1960-1971) 1 син
Боб Џонс (1973-1975)

Вера Мајлс (23 август 1930, Бојз Сити) — американска филмска глумица, која глумела во филмовите на Алфред Хичкок, пред сè во филмот Психо, исто и во продолжението Психо 2. Нејзини други запазени улоги се во филмовите Погрешен човек, Трагачи, Следете ме момци и Човекот што го застрела Либерти Валанс.

Младост[уреди | уреди извор]

Вера Мајлс, родена како Вера Џун Ралстон во Бојз Сити, Оклахома како ќерка на Томас и Бурнис Ралстон. Детството го минува во Прат, Канзас, а подоцна семејството се сели во Вичита, Канзас каде младата Вера се школува во средното училиште и работи како оператор-дактилограф во Вестерн Унион. Средното училиште го завршува 1947 година.

Вера е крунисана во Мис Канзас 1948 година, истата година е втора финалистка на Мис Америка, кога и почнува нејзината медиумска кариера.

Во едно интервју во 1951 година на шега вели:

Најпрво бев Мис Стопанска комора, потоа Мис Вичита, па Мис Канзас. Тогаш започнав со првите јавни настапи, снимав реклами во Тексас, каде најпрво бев прогласена за „Мис Грејпфрут”, а подоцна и „Мис Нов пречистен маргарин”

Кариера[уреди | уреди извор]

По снимањето на реклами, веќе омажена за Боб Мајлс (каскадер и актер), заедно се селат во Лос Анџелес, Калифорнија во 1950 година каде почнува да игра мали улоги во филмови и ТВ серии, вклучувајќи и минорна улога во филмот Два билета за Бродвеј (1951) со Џенет Ли со која девет години подоцна ќе го снима легендарниот Психо.

Мајлс имала улога и во Скриената џунгла на Тарзан (1955). За време на снимањето се запознава со Гордон Скот (телоградител и актер) кој ја игра улогата на Тарзан. Се разведуваат во 1959 година.

Почетокот на педесеттите филмовите на Алфред Хичкок достигнуваат кулминација во популарност. Во 1956 година, тогашната најголема ѕвезда на неговите филмови, Грејс Кели се мажи за моначкиот кнез Рение III, чии граѓани се противат нивната кнегиња да се занимава со глума. Се барала нејзината наследничка.

Вера Мајлс во 1957 година потпишала петгодишен личен договор со Алфред Хичкок. Претходната година „ги положила сите испити“ на голема ѕвезда во филмовите на веројатно во тој момент најголемите светски режисери, Трагачи на Џон Форд каде е партнерка на Џефри Хантер (филм во кој игра и Џон Вејн) и Погрешен човек на Хичкок каде ја игра улогата на сопруга на легендарниот Хенри Фонда. Трагачи е прогласен за еден од најдобрите воопшто филмови од вестерн жанрот. Истата година Мајлс глуми во 23 чекори до Бејкер Стрит со Ван Џонсон.

Вртоглавица (1958) и Север-Северозапад (1959) на Хичкок требало да бидат филмови во кои Вера ќе ја достигне и престигне славата на Грејс Кели, но поради бременоста улогата на главна женска улога им била доделена на Ким Новак и Ева Мари Сеинт соодветно.

Неколку години подоцна Хичкок ќе изјави:

Таа остана бремена непосредно пред да стане најголема ѕвезда. Потоа и јас изгубив интерес за соработка, не би можеле да го фатиме ритамот со неа повторно...

На тоа Вера Мајлс ќе одговори:

За цело време на неговите филмови постоеше еден тип на жена, како Ингрид Бергман или Грејс Кели. Јас се обидував да му објаснам дека не сум таков тип на жена и никогаш не би можела да бидам, но тој не можеше да ме сфати. Тие се убави и секси жени, а јас имам сосема поинаков пристап...

И покрај меѓусебните недоразбирања, Хичкок и Мајлс во 1960 година го снимаат веројатно заемно најголемиот успех, легендарниот трилер/хорор филм Психо каде го глуми ликот на Лила Крејн.

На 33-тите награди за Оскар одржани во април 1961 година, покрај 4 номинации (за режија, споредна женска улога, црно-бела кинематографија и црно-бела декорација на сцена), филмот не добил ниту една награда! Покрај првичната не многу поволна оценка на критичарите (сепак ова бил прв филм од ваков карактер снимен на американска територија), публиката масовно го прифатила и ги полнела киносалите, остварувајќи огромна добивка за тоа време од 24.000.000 продадени билети во САД и Канада за период од 12 месеци од јуни 1960 до мај 1961 година, а во периодот јули-септември 1960 бил 11 недели по ред најбаран билет за киносалите(*), период во кој остварувал неверојатна добивка од 1.000.000 долари неделно.

(*) Овој рекорд ќе биде срушен од филмот Кум на Френсис Форд Копола дури во 1972 година.

Во 1962 снима уште еден легендарен вестерн Човекот што го застрела Либерти Валанс во режија Џон Форд заедно со холивудските легенди: Џон Вејн, Џејмс Стјуарт, Ли Марвин и други.

Во следните филмски улоги нема да го повтори успехот и славата од Психо, па набргу се повлекува од големите филмски проекти и игра помали улоги во ТВ серии. Живее мирен живот далеку од очите на јавноста и новинарите во Лос Анџелес во Калифорнија.

За својата улога во Психо платена е со хонорар од 10.000 долари.

Има своја ѕвезда на Булеварот на славните на 1652 VINE STREET во Холивуд, Калифорнија.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Мажена е четири пати.

Со Боб Мајлс (каскадер и актер) е во брак од 1948 до 1954 со кого има две ќерки, Дебра Мајлс (актер, род. 1950) и Кели Мајлс (актер, род. 1952).

Со Гордон Скот (телоградител и актер) е во брак од 1955 до 1959 со кого има еден син Мајкл Скот (1957).

Со Кејт Ларсен (актер, сценарист и режисер) е во брак од 1960 до 1971 со кого има еден син Ерик Ларсен (актер, род. 1961).

Четврти пат е мажена за Боб Џонс во 1973 година.

По некоја случајност тројцата поранешни сопрузи биле високи, згодни и мускулести мажи. Исто така испаѓа и дека сите се (скоро) истовремено починати: Кејт Ларсен е починат 13 декември 2006, Боб Мајлс на 12 април 2007, а Гордон Скот на 30 април 2007 година.

Филмографија[уреди | уреди извор]

Вера Мајлс во улога на Миласент Барнс во епизодата „Слика во Огледало“ од антологиската ТВ серија Зона на самракот во 1960

Извори[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Награди и достигнувања
Претходник
Рут Елен Ричмонд
Мис на Канзас
1948
Наследник
Ширли Харгис