Венјамин Нетанјаху

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Венјамин Нетанјаху
Benjamin Netanyahu 2018.jpg
Премиер на Израел
На должноста
31 март 2009 – во служба
Претседател Шимон Перес
Реувен Ривлин
Претходник Ехуд Олмерт
На должноста
18 јуни 1996 – 6 јули 1999
Претседател Езер Вајцман
Претходник Шимон Перес
Наследник Ехуд Барак
Лични податоци
Роден(а) 21 октомври 1949 (1949-10-21) (70 г.)
Тел Авив,  Израел
Партија Ликуд
Сопружник
  • Мириам Вајцман (в. 1972; раз. 1978)
  • Флор Кејтс (в. 1981; раз. 1984)
  • Сара Бен-Арци (в. 1991)
Установа Масачусетски институт за технологија, Универзитет Харвард
Портал www.netanyahu.org.il

Венјамин Нетанјаху (хебрејски: בנימין נתניהו, За снимкава Венјамин Нетанјаху , на македонски погрешно пишуван како Бенјамин Нетанјаху[1]; р. 21 октомври 1949 г.) — израелски политичар кој е деветти и тековен премиер на Израел од 2009 година, а претходно служејќи на истата позиција од 1996 до 1999 година. Тој истовремено е и член на Кнесетот — парламентот на Израел, како и претседател на неговата матична политичка партија Ликуд. Нетанјаху е првиот израелски премиер кој е роден во Израел. Тој исто така е израелски премиер со најдолг стаж, надминувајќи го првиот премиер на земјата Давид Бен-Гурион.

Рани години[уреди | уреди извор]

Тој е родум од Тел Авив, во семејство на секуларни Евреи,[2][3] од мајка Цила Сегал и татко Бенцион Нетанјаху, роден во Варшава. Венјамин по потекло е сефард.[4] Тој израснал во Ерусалим, каде што го завршил и основното образование. Неговото семејство во две наврати во неговите детски и тинејџерски години живеело во Филаделфија, САД, каде Венјамин во 1967 година го завршил средното училиште.[5] Истата година се вратил во Израел и се приклучил на Израелските одбранбени сили. Во 1972 година заминал во САД за да студира архитектура на Масачусетскиот институт за технологија, но наредната година одново се вратил во Израел и се приклучил на војската поради избувнувањето на Октомвриската војна. По завршувањето на МИТ добил работа како економски советник во светската консултантска фирма Бостон консалтинг груп. Во 1978 година повторно се вратил во Израел и го основал Анти-терористичкиот институт „Јонатан Нетанјаху“, именуван по неговиот брат кој загинал во операцијата „Ентебе“.

Воена кариера[уреди | уреди извор]

По влегувањето во Израелските одбранбени сили кратко по Шестдневната војна во 1967 година останал на служба пет години. Бил лидер на тим во специјалната разузнавачка единица Сајерет Маткал. Меѓу поважните операции во кои Венјамин учествувал се вбројуваат операциите „Инферно“ и „Подарок“ во 1968 година, а подоцна во 1972 година е дел и од тим командоси кои согласно операцијата „Изотоп“ ќе го ослободат Летот 571 на Сабена, киднапиран од припадници на палестинската организација Црн септември. Во операцијата Нетанјаху бил повреден од свој колега кој намерил да пука во еден од напаѓачите, но куршумот завршил во бицепсот на Венјамин. Во воената кариера тој бил на фронтот на т.н. Војна на исцрпување и Јомкипурската војна, земал учество во рации долж Суецкиот Канал, и предводил командо офанзиви длабоко во сириската територија.[6][7] Пред да ја напушти војската, Нетанјаху бил унапреден во чин капетан.

Политичка кариера[уреди | уреди извор]

Првата средба на Нетанјаху со палестинскиот претседател Јасер Арафат на граничен пункт, 1996 г.

Во 1984 година Нетанјаху бил назначен на функцијата Постојан претставник на Израел во Обединетите Нации, останувајќи на таа функција до 1988 година. Нетанјаху станал претседател на десничарската политичка партија Ликуд во 1993 година.

По три години како претседател на партијата победил на општите избори во Израел од 1996 година и со тоа станал најмладиот премиер на државата, служејќи на функцијата од јуни 1996 до јули 1999 година. Откако ги загубил изборите во 1999 година се повлекол во приватниот сектор, но одново се вратил во политиката во 2002 година, најпрво како министер за надворешни работи до 2003 година, а потоа за финансии од 2003 до 2005 година. Се повлекол од владата на Ариел Шарон поради несогласувањата кои ги имал со планот за повлекување од Појасот Газа, согласно кој израелската војска го напуштила појасот и израелските населби во областа биле уништени и евакуирани. Како министер за финансии, Венјамин учествувал во голема реформа на израелската економија, која значително ги подобрила последователните економски резултати на државата.[8]

Нетанјаху повторно го презел раководството на Ликуд во декември 2005 година, откако дотогашниот претседател Шарон ја напуштил партијата и формирал нова партија.[9] Во декември наредната година, тој официјално станал лидер на опозицијата во Кнесетот. По парламентарните избори во 2009 година, во кои Ликуд завршил на второ место, а десничарските партии го освоиле мнозинството,[10] Нетанјаху формирал коалиција и по втор пат станал премиер.[11][12] Победува и на изборите во 2013 година и тогаш станува вториот премиер избран во трет мандат, веднаш по основачот и прв премиер на државата Давид Бен-Гурион. Нетанјаху уште еднаш ги освоил изборите во 2015 година, добивајќи го својот четврт мандат.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се ракува со Нетанјаху, за време на претставување на план на администрацијата на Трамп за мир на Блискиот Исток

На законодавните избори кои се одржале во месец април 2019 година, партијата на Нетанјаху, Ликуд, и политичката коалиција „Сина и бела“, предводена од Бени Ганц, освоиле по 35 места во парламентот, но ниту една партија не успеала да формира влада, па поради тоа биле одржани други избори во месец септември истата година. На овие избори центристичката коалиција „Сина и бела“ успеала да добие едно пратеничко место повеќе од Ликуд. Сепак, Ганц повторно не бил во можност да формира влада, па поради тоа го вратил мандатот, со што Нетанјаху останал технички премиер.[13] На 2 март 2020 година биле одржани нови законодавни избори, трети во период од една година.[14]

Кривични истраги[уреди | уреди извор]

Од декември 2016 година, Нетанјаху е под истрага на израелската полиција во повеќе случаи. Во еден од случите тој се сомничи за добивање на вредни подароци и бенефиции од неколку богати познаници на неговото семејство.[15][16] Во друг случај пак се работи за прислушувани разговори меѓу Нетанјаху и Арнон Мозес, издавач на дневниот и еден од најголемите израелски весници „Едиот Ахронот“. Овде Нетанјаху наводно предложил да помогне во ослабнување на весникот „Израел Хајом“, конкуренција на „Едиот Ахронот“, во замена за повеќе додворувачка и позитивна покриеност на својата политика од страна на „Едиот Ахронот“. Нетанјаху е индиректно опфатен и во неколку други случаи. Ваквите обвинувања довеле до протести,[17][18] но исто така и контрапротести, поддржaни од симпатизери на Нетанјаху и неговата политичка партија Ликуд.[19] Од ноември 2019 година, Нетанјаху е обвинет за повреда на доверба, подмитување и измама. Со тоа, тој станал првиот премиер во историјата на земјата кој бил обвинет од судот.[20]

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Меѓународен тероризам: Предизвик и одговор. Transaction Publishers. 1981. ISBN 978-0878558940. 
  • Тероризам:Како западот може да победи. Avon. 1987. ISBN 978-0380703210. 
  • Борба со тероризмот: Како демократиите може да го победат домашниот и меѓународниот тероризам. Farrar, Straus and Giroux. 1995. ISBN 978-0374154929. 
  • Издржлив мир: Израел и неговото место меѓу нациите. Grand Central Publishing. 1999. ISBN 978-0446523066. 

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска транскрипција на хебрејскиот јазик
  2. David Remnick (23 јануари 2013). „Bibi's Blues“. The New Yorker. 
  3. Judy Dempsey (3 мај 2012). „The Enduring Influence of Benjamin Netanyahu's Father“. Carnegie Europe. 
  4. Itamar Eichner (25 мај 2016) "Netanyahu: I have Sephardic roots as well", Ynetnews
  5. „Prime Minister Benjamin Netanyahu“. Ynetnews. 10 февруари 2012. конс. 9 март 2013. 
  6. Amir Buhbut, "Sayeret Matkal is 50 years old", NRG Maariv
  7. Mitch Ginsburg (25 октомври 2012) "Saving Sergeant Netanyahu", The Times of Israel
  8. Thomas G. Mitchell Likud Leaders (McFarland 2015), Chapter 10
  9. „Netanyahu elected as Likud party chairman“. Xinhua News Agency. 20 декември 2005. Архивирано од изворникот на 27 февруари 2006. конс. 27 јули 2009.  Unknown parameter |df= ignored (помош);
  10. Hoffman, Gil (10 февруари 2009). „Kadima wins, but rightist bloc biggest“. The Jerusalem Post. конс. 17 јуни 2012. 
  11. „Netanyahu sworn in as Israel's prime minister“. Haaretz. 31 март 2009. конс. 10 март 2013. 
  12. Heller, Jeffrey (31 март 2009). „Netanyahu sworn in as Israeli prime minister“. Reuters. конс. 10 март 2013. 
  13. „Rivlin hands over mandate, begs MKs to prevent third election“. 21 ноември 2019. конс. 12 март 2020. 
  14. „Israel to Hold Unprecedented Third Election in a Year After Knesset Dissolves“. 12 декември 2019. конс. 12 март 2020. 
  15. Amnon Abramovich. „Examination file against Netanyahu revealed: Prime Minister is suspected of receiving favors“ (хебрејски). Reshet. 
  16. „Netanyahu questioned by Israeli police for a second time in graft probe“. The Daily Telegraph. 
  17. „Anti-corruption protests continue for 38th week outside AG's home“. Ynetnews. 8 декември 2017. конс. 14 февруари 2018. 
  18. „Protesters call for PM to resign after Netanyahu derides anti-corruption demos“ (en-US). конс. 14 февруари 2018. 
  19. „The Latest: Netanyahu delivers fiery speech at rally - ABC News“. 20 август 2017. конс. 14 февруари 2018. 
  20. „AG announces Netanyahu to stand trial for bribery, fraud and breach of trust“. 21 ноември 2019. конс. 13 март 2020. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]