Велигденско востание

Велигденско востание (ирски: Éirí Amach na Cásca; англиски: Easter Rising) — востание на ирскиот народ против британската власт. Востанието избувнало на 24 април 1916 година, Велики понеделник, во градот Даблин, а било задушено на 29 април, Велика сабота. Водачите на востанието ја прогласиле Ирската Република за независна држава и формирале привремена влада. Востанието го кренале Ирското републиканско братство, Ирските доброволци и Ирската граѓанска армија. Како водачи на востанието се истакнале Патрик Пирс, Томас Кларк и други.[1]
Во предвечерието на востанието, Ирците очекувале конечно остварување на т.н. домашна власт (англиски: home rule), т.е. британското отстапување на правото на самоуправување на Ирска. Овој закон бил усвоен од британскиот парламент во 1914 година, но влегувањето во сила на истиот било одложено поради Првата светска војна. Мнозинството, предводено од ирскиот политички водач Џон Редмонд, реагирало позитивно на изгласаниот закон и поддржувало учество на Ирците во војната како дел од британските воени сили. Но, иако помало на број, движењето против унионизмот остро се спротивставило, агитирајќи дека Ирска треба да биде независна република; особено загрижувачки се гледало на засилувањето на унионистичкото движење во Алстер, северна Ирска, каде што се агитирало за апсолутна британска сувереност, следствено и против домашната власт, а ова движење добило и милитаристички карактер со појавата на Алстерската доброволна сила, на што како реакција се појавиле Ирските доброволци.[2]
Зад востанието стоеле релативно мал број луѓе кои сметале дека исходот од домашната власт нема да биде позитивен за Ирците, како и дека ирските жртви во војната на британска страна се залудни. Тие планирале востанување насекаде во Ирска, но поради низа настани, востанието било провалено. Сепак, една група предводена од Пирс и Кларк, која броела не повеќе од две илјади, востанале во градот Даблин на Велики понеделник. Тие ја зазеле Главната пошта и други стратешки точки во центарот на градот. Пирс прочитал Проглас на Привремената влада на Ирската Република до народот на Ирска, потпишан од Томас Кларк, Шон Макдермот, Томас Макдона, самиот Пирс, Имон Кент, Џејмс Коноли и Џозеф Планкет. Со овој документ било прогласено создавањето на Ирската Република како суверена независна држава, како и формирањето на нејзината влада. Во следните денови од Страсната седмица востаниците воделе улична борба против британските воени и полициски сили.[1]
Пристигнувањето на пешадиско, но и лесно артилериско засилување, довело до задушување на востанието во саботата. Од британска страна имало 120 загинати и околу 400 ранети, а од страната на ирските востаници околу 60 загинати. Во востанието животот го загубиле околу 180 цивили. По востанието, британската војска го окупирала градот и уапсила околу 1.400 луѓе, од кои многумина всушност не учествувале во востанието. Иако при избувнувањето востанието немало широка поддршка во ирската јавност, британскиот одговор, вклучително егзекуцијата на 16 истакнати востаници, предизвикал негативна реакција кај Ирците, оправдување на востанието и засилување на поддршката за ирското републиканско движење.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 „Easter Rising“. Britannica. Посетено на 2026-03-03.
- ↑ „Explainer: What was the Easter Rising?“. Century Ireland. Посетено на 2026-03-03.